За разлика од информацијата што ја сподели кабинетот на Борисов, во 20- минутното видео што тој го објави на својот фејсбук-профил ги има сите детали кои бугарскиот премиер ги испраќа како порака до властите во Скопје
Бугарскиот премиер Бојко Борисов на својот фејсбук-профил сподели видео од средбата со специјалниот пратеник на Владата Владо Бучковски, кое содржи многу повеќе информации за она за што тие разговарале денеска. За разлика од информацијата што ја сподели неговиот кабинет, а ја пренесоа бугарските и нашите медиуми, во 20- минутното видео има детали за тоа кои се барањата на Бугарија кои бараат да бидат нотирани во Договорот.
„Две теми го оптоваруваат бугарското општество – суверенитетот на Бугарија и малцинствата. Никој не може да ви наметне на кој јазик ќе зборувате, вие сте суверена држава“,
му вели Борисов на Бучковски.
Борисов: Ни со Заев ни со Пендаровски никогаш не сме разговарале за идентитет или за јазик
Борисов на почетокот се осврнува на улогата на Бугарија во поддршката на Западен Балкан за членство во ЕУ, особено кога претседаваше со Унијата. Борисов посебно потенцира дека тогаш е постигнат и Договорот за добрососедство, а е направена и првата средба на премиерот Заев и тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас во Софија.

Осврнувајќи се на сегашната ситуација, Борисов вели дека во последнава половина година дошло до нарушување на односите меѓу двете земји, при што како можна причина тој ги наведува предвремените парламентарни избори кај нас, нивните внатрешни проблеми, но и пандемијата која, како што рече, ги промени односите во светот. Тука тој истакнува дека ако не се даде перспектива и ако останеме заробени во минатото, сегашните и идните поколенија нема да им простат ако не се најде политичка волја, толеранција и разбирање. Тој признава дека историјата е многу важна и токму поради тоа за неа разговараат историчарите на С Македонија и на Бугарија, за да најдат балансирано решение.
Во овој дел Борисов јасно кажува дека С Македонија како суверена држава може да решава на каков јазик ќе говори и објаснуваа дека тие во Бугарија решиле да говорат на бугарски јазик и дека никој никому не може да му го наложи тоа.
„Не сме помислиле да налагаме. Посебно ќе кажам за мене“,
вели Борисов.
Притоа, Борисов му посочува на Бучковски кои две теми ги загрижуваат нив во Бугарија – суверенитетот на Бугарија и прашањето за малцинствата – и му порачува тоа да им го пренесе на властите во Скопје.
„Тие две теми се појавија и го уплашија бугарското општество, дека ќе почнат претензии, и затоа предложивме да се стави во Договорот за добрососедство“,
му вели Борисов на Бучковски.
Тој истакнува дека во сите разговори, и со премиерот Заев и со претседателот Пендаровски, никогаш не била отворена темата за јазикот бидејќи, како што вели, кога си во ЕУ, кој како зборува, каде живее, нема никакво значење.
Тој, сепак, му забележува на претседателот Пендаровски за неговата изјава (за Сител – н.з.) во која вели дека тоа што се прави сега во Бугарија е за поголем рејтинг на следните избори.
Бучковски носи нон-пејпер
Бучковски на почетокот му посочува на Борисов дека изјавата на Пендаровски е извадена од контекст и дека како и тој така и сите функционери во С Македонија искрено и пријатлски гледаат на односите меѓу двете земји.
Тој открива дека во Софија носи нон – пејпер со гаранции за прашањата кои го загрижуваат бугарското општество.
„Скратеното име на нашата земја Република Северна Македонија е Северна Македонија и тоа не значи територијални претензии кон Бугарија. Како што стои и во Договорот, ние не се мешаме во внатрешните работи и тоа ќе го почитуваме“,
вели Бучковски.
Тој признава дека двете држави се толку блиску до компромис, но во последите 6 месеци имале оддалечување, пради пт сега треба да се работи на обнова на довербата која е нарушена.

„Говорот на омраза мора да се совлада од двете страни, ја ценам Вашата улога, вие имате симпатии во С Македонија поради вашите ставови, бидејќи не сте дале изјава со која сте го повредиле нашиот идентитет и достоинство и со вашиот пристап ја враќате довербата. Има невроза и разочарување кај нас, емоциите се посилни од разумот, тоа е карактеристично за нас Балканците. Ние сме многу напаѓани, но еве драго ми е што може да се слушне овде, дека нема тајни преговори, и бараме решение како да продолжиме со исполнување на Договорот. Има проблеми, застој, но тоа не значи дека не може да имаме дополнителен напор“,
вели Бучковски.
Целиот разговор може да го погледнете во следното видео.