Предмет историја ќе има како научна дисциплина. Ќе има и граѓанско општество, географија, биологија и хемија, но тие ќе бидат организирани на поинаков начин на учење. Сите научни дисциплини остануваат во основното образование, затоа што ниту еден од нас, ниту образовниот апарт смета дека дел од овие научни дисциплини треба да ги нема, вели министерката за образование и наука, Мила Царовска, во вечерашната дебата на „360 степени“.
„Сите предмети ќе ги има и тие ќе се учат подлабоко и поквалитетно, затоа што низ процесот на интеграција дозволуваме ученикот да разбере контекст за одредена случка од историја или одреден лик во кој се наоѓал, каде живеел, што придонел“,
рече Царовска.
На прашањето дека оваа реформа во образованието доаѓа во еден деликатен момент кога за историјата се дискутира и со соседна Бугарија, но и дека одредени експерти сметаат дека предметот историја е хуманистичка наука, а не општествена, министерката Царовска вели дека во овој момент е поважно организирањето на предметите и темите кои ќе се учат со цел учениците да имаат подлабока слика за одреден историски настан.
„Во овој момент е поважно организирањето на темите поставени во општествените науки да ги опфати сите факти и знаења што треба да ги имаат учениците и за националната историја и за историја на Европа и за светската историја. Тоа е поважната дебата која ние треба да ја дискутираме, низ наставните програми кои што ќе се носат сега. Како историјата треба да биде прикажана, што е она што тие ќе го учат, што е тоа што досега го имаме во учебниците. И како најдобро да ја приближиме и националната историја и другите истории до учениците“,
вели Царовска.