Од следната година предвидено е во секое училиште да се бираат наставници за ментори, тоа значи дека тие наставници ќе може да излезат од настава, но ќе продолжат да работат со останатите наставници во училиштето на имплементирање на новата концепција. Во 2022 година пак, наставниците-ментори ќе може да аплицираат за да напредуваат во наставник – советник како највисокот ниво во нивниот кариерен развој.
Ова го најави министерката за образование и наука, Мила Царовска, во вечерашната дебата на „360 степени“.
„Во тој момент кога се поставува наставник-ментор тој се грижи за програмскиот дел од наставата односно квалитетот во училница да се спроведува на најсоодветниот начин. Некои училишта ќе добијат двајца, некои еден, зависно од бројот на ученици. Тој наставник излегува од настава, бидејќи е најдобриот, најквалитетниот којшто знае да создава материјали и да ги подучува другите наставници на кој начин да го пренесат своето знаење. Истите тие ќе бидат назначени пред имплементацијата на новата концепција и ќе учествуваат во процесот на обучување за имплементација на новата концепција. За нив ќе бидат обезбедени средства, бидејќи тој излегува од настава и добива покачување на плата“,
рече Царовска.
Во 2022 година пак, сите наставници ментори кои создале одлична атмосфера во своите училишта, ја имплементирале концепцијата ќе можат да аплицираат за наставник – советник.
„Тоа ќе биде највисокото ниво во кариерен развој на наставници. И ова ќе значи дека наставниците ќе имаат мотивација што се развиваат и се самореализираат преку својата професија, што досега не беше случај“,
рече Царовска.