Рама ги обвини Мета и Берша за насилствата на протестите
Вечерва во Тирана и во многу градови во Албанија повторно беа одржани протести за убиството на 25-годишниот Клодијан Раша.
Учесниците во протестите во Тирана, кои се одржуваат трет ден, фрлаат предмети предмети кон полицските службеници и кон објектите на Министерството за внатрешни работи и Владата, но и на други државни институции.
Полицијата интервенираше со солзавец и водени топови, па насобраните се разотидоа многу побрзо од претходните денови, оштетувајќи постојки, киосци и и дел од новогодшното украсување, јавува МИА.
На терен се распоредени околу 1 500 полициски службеници, двојно повеќе од вчера, а побројни беа и цистерните со вода и блиндираните возила.
По оставката на министерот за внатрешни работи, Сандер Лешај, сега протестантите бараат реформи во државната полиција и оставка од генералниот директор на полицијата Арди Велиу.
Во останатите градови во земјата главно млади маршираа со запалени свеќи во раце.
Албанскиот премиер Еди Рама за протестите ги обвини шефот на државата Илир Мета и поранешниот премиер и претседател Сали Берша.
„Тие ги потикнуваат и оркестрираат протестите и насилствата. Доказ се зборовите на претседателот кој ги потикнува и оркестрира заедно со другиот, поранешниот претседател, кој денес е горд што убивал луѓе, кој им кажува на Албанците дека насилството е патот за напредок во оваа земја и во ова општество. Доказ се оние слики, и оние малолетни лица кои се изманипулирани и злоупотребени и дефинитивно излажани и со пари за да излезат на улица и да го прават она што го прават без да бидат свесни за што станува збор“,
изјави Рама по посетата на повредените полицајци хоспитализирани во Универзитетската клиника.
Тој рече дека полицијата била повеќе од толерантна и нагласи дека, како и во остатокот од светот, таа има должност да реагира на пропорционален начин и ниту да се повлече, ниту да прифати да биде погодена.
На прашањето дали ќе го разреши генералниот директор на државната полиција, тој го повтори прететходно кажано дека сите што тоа го бараат да заборават.
Во Универзитеската клиника хоспитализирани се 14 полицајци, пренесува МИА.
