„Се собравме пет-шест луѓе и си правевме чамче-муабет“, напиша тој во објаснувањето за видеото што го сподели на Фејсбук
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, на својот фејсбук-профил објави видео на кое се гледа посетеноста на вечерашниот протест на кој побараа зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите други плати за сто евра.

Видеото е направено на крстосницата кај „Палома бјанка” (меѓу улиците „Димитрије Чуповски“ и „Даме Груев“) во центарот на Скопје, трае 4 минути и 17 секунди и на него се гледа целата поворка на учесници која во тој момент се движи од Собранието кон Владата.
Трендафилов под видеото напиша ироничен коментар:
„Се собравме пет-шест луѓе и си правевме чамче-муабет“.
Претходно од владејачката ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека на вечерашниот протест на работниците во организација на ССМ биле присутни едвај околу 1 000 лица.
Со тоа, како што велат од партијата, т.н. борци за работнички права, како Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и Левица, заедно со нивните синдикати, поточно со ССМ, ја покажале својата сила на протестот.
Вечерашниот протест во организација на ССМ, кој почна од пред Работничкиот дом, заврши пред Владата каде што работниците симболично им го свртеа грбот на функционерите што работат во таа зграда.
За обвинувањата дека протестот е политички мотивиран, рекоа дека денеска ги собрала маката, а не политиката.
