На неговата социјална мрежа Трут соушл тој објави видео во кое е прикажана табла со натпис Ново Мексико. Потоа, зборот Мексико го прекрива со налепница на која пишува „Америка“, со што називот на сојузната држава е претставен како „Нова Америка“
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера предложи сојузната држава Ново Мексико да се нарекува „Нова Америка“. Ова следи само неколку дена откако тој потпиша извршна наредба за промена на името на езерото Онтарио во „Езеро Америка“, пренесува Си-ен-ен.

На неговата социјална мрежа Трут соушл тој објави видео во кое е прикажана табла со натпис Ново Мексико. Потоа, зборот Мексико го прекрива со налепница на која пишува „Америка“, со што називот на сојузната држава е претставен како „Нова Америка“.
„Многу луѓе предложија промена на името на Ново Мексико, една од најголемите држави на сите времиња каде што се измамуваат гласовите, во ‘Нова Америка‘. Многу попрестижно и поубаво за жителите од оваа потенцијално неверојатна држава“,
напиша тој на Трут соушл.
Трамп објави и фотографија од географска карта на државата на која е прикажано нејзиното ново име.

Објавата, како што пишува Си-ен-ен, не содржи дополнително објаснување дали станува збор за симболична порака или најава за конкретна иницијатива за промена на името.
Реакции
Како одговор на објавата, гувернерката на Ново Мексико, Мишел Гришам, демократка, го обвини Трамп дека се обидува да го одвлече вниманието на Американците од проблемите, како поскапувањето на нафтата, потенцирајќи дека името на Ново Мексико не е предмет на дебата.
„Додека претседателот се обидува да ги одвлече вниманието на Американците од неговата катастрофална војна во Иран, цените на бензинот продолжуваат да растат. Додека Белата куќа губи време боејќи мапи, Ново Мексико е зафатено со работа“,
рече таа.
Демократскиот сенатор Мартин Хајнрих, исто така, одговори на објавата на Трамп.
„Три работи што секогаш ќе ги нарекувам со нивните вистински имиња, а тоа се Мексиканскиот Залив, Езерото Онтарио и Ново Мексико“,
напиша тој на Икс.
Демонстрација на моќ
Иако Трамп има овластување да ги менува имињата на одредени географски обележја, како што се езерата и другите водни површини заведени во Информативниот систем за географски имиња, тој нема уставно овластување самостојно да го промени името на сојузна држава. Таквата промена би морала да биде иницирана и спроведена во рамките на самата држава.
Покрај преименувањето на езерото Онтарио во системот кон крајот на минатиот месец, Трамп искористи извршна наредба за преименување на Мексиканскиот Залив во Американски Залив во јануари 2025 година.
Инаку, според тамошните медиуми, името на Ново Мексико датира од пред основањето на Соединетите Американски Држави, уште од 16 век, според документите за потеклото на имињата на државите од Бирото за индијански прашања.
Трамп претходно покажа желба за преименување на географските локации за да ја демонстрира претседателската моќ. Одлуката за промена на името на езерото Онтарио доаѓа во услови на напнат трговски спор со Канада.
По потпишувањето на тој декрет, тој ја објави и можноста за промена на името на еден од океаните што ги опкружуваат САД.
„Имаме залив и имаме езеро. Сега ни треба само океан. Можеби ќе треба да го промениме името на Атлантскиот и/или Тихиот Океан. Можеби ќе ги промениме и двата“,
објави американскиот претседател.
