Регулативата, која стапува во сила веднаш, во голема мера ги покрива средните училишта, универзитетите и групните спортови. Голем број спортски управни тела, вклучително и пливање, атлетика и голф, веќе им забранија на трансродовите жени да се натпреваруваат во женски спорт на елитно ниво доколку поминале низ машки пубертет

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба за забрана на трансродовите жени да се натпреваруваат во женски спортови. Наредбата содржи упатства, регулативи и правни толкувања, а Трамп ја потпиша опкружен со деца.
Републиканците велат дека ова ја враќа правичноста кон спортот. Регулативата, која стапува во сила веднаш, во голема мера ги покрива средните училишта, универзитетите и групните спортови. Голем број спортски управни тела, вклучително и пливање, атлетика и голф, веќе им забранија на трансродовите жени да се натпреваруваат во женски спорт на елитно ниво доколку поминале низ машки пубертет.
„Ако дозволите мажи да влезат во женски спортски тимови или ги окупираат вашите соблекувални, ќе бидете под истрага за прекршување на Глава IX (американски закон кој забранува сексуална дискриминација во образовните програми финансирани од федерално ниво) и ќе го ризикувате вашето федерално финансирање“,
објасни Трамп.
BREAKING: Pres. Trump signs an executive order banning transgender athletes from participating in women’s sports. https://t.co/nrACqVTkKU pic.twitter.com/l8w44cmH4L
— ABC News (@ABC) February 5, 2025
Белата куќа вели дека ова е во согласност со желбите на американскиот народ
Претставник на администрацијата на Трамп потврди дека Соединетите Држави ќе направат сè што можат за да ги спречат трансродовите жени да се натпреваруваат против жени на натпреварите на Меѓународниот олимписки комитет што се одржуваат на американско тло.
Трамп прецизираше дека наредбата ќе важи и за Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година. Белата куќа соопшти дека оваа регулатива е во согласност со желбите на американскиот народ и ќе обезбеди правичност за жените во спортот, како и нивна безбедност.
Помалку од 1 отсто од населението на возраст над 13 години во САД е трансродово, според студијата на Институтот УКЛА Вилијамс. На 20 јануари, неговиот прв ден на функцијата, Трамп потпиша посебна извршна наредба со која се изјавува дека федералната влада ќе прифати само два пола – машки и женски.
