„Од страна на МВР е изречена суспензија во однос на предметното лице и можам да потврдам дека ниту лично го познавам, ниту лично сум потпишал или издал било каков акт во однос на неговото назначување за да работи во рамки на граничната полиција во Македонија“, вели министерот
Министерството за внатрешни работи (МВР) поседува видео-запис на којшто јасно се гледа повреда на закон и повреда на стандардни оперативни процедури од страна на полицискиот службник којшто бил на смена во рамки на граничната полиција во моментот кога Артан Груби ја напуштил државата.
Ова е реакцијата на министерот Панче Тошковски на денешната прес-конференција на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) на која партиската портпаролка обвини дека еден од полициските службеници, кој вчера беше суспендиран и против кого е поведена дисциплинска постапка, е поставен на таа позиција Тошковски станал министер.
Во реакцијата на Тошковски, која е снимена како видео и е објавена на неговиот фејсбук-профил, тој вели дека против полицискиот службеник се преземени сите истражни постапки и врз основа на истите е доставено известување до надлежното јавно обвинителство, а тоа е Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Според Тошковски, во текот на денешниот ден по консултација со надлежниот јавен обвинител ќе биде изготвена кривична пријава којашто утре ќе биде поднесена до надлежното јавно обвинителство.
„Исто така, од страна на МВР е изречена суспензија во однос на предметното лице и можам да потврдам дека ниту лично го познавам, ниту лично сум потпишал или издал било каков акт во однос на неговото назначување за да работи во рамки на граничната полиција во Македонија“,
додава Тошковски.
Во изјавата Тошковски вели дека со денешната прес-конференција портпаролката Кузеска и СДСМ „покажале дека единствено нешто што знаат и умеат да го прават е да ја лажат македонската јавност и македонските граѓани“.
„Жалам што навистина една партија, која себеси се смета за државотворна партија повторно ги брани нивните партнери, а тоа се ДУИ, и повторно покажува дека не работи во интерес на македонските граѓани, туку работи во лукративен интерес на нивните најблиски соработници кои што патем, еве слободно можам да кажам дека токму лицето коешто е недостапно на органите на прогон на времето кога беа во љубов изјавуваше дека тие биле едно“,
вели Тошковски.
Дека тие се едно, додава министерот, повторно покажуваат и докажуваат со нивниот начин на однесување.
Тој им порача дека тие не треба да се секираат бидејќи Министерството за внатрешни работи ги има соодветните капацитети „и покрај тоа што го оставија во фаза на швајцарско сирење’
„МВР ќе си постапи согласно законите и согласно Уставот и секој еден којшто се огрешил ќе одговара пред лицето на правдата, за разлика од претходно кога крив беше ‘пајакот’, сега оној којшто сторил незаконитост има име и презиме и ќе биде изведен пред лицето на правдата“,
додаде Тошковски.
Според него, иако Кузеска со нејзината изјава сторила класична клевета, и порача дека нема да ја тужи заради тоа што смета дека вака треба да ѝ се даде шанса на опозицијата да се оправи со текот на времето.
Од СДСМ денеска, спомнувајќи иницијали од службеникот – Б. Ј. рекоа дека тој бил распределен на позицијата контрола на граничен премин иако претходно извршувал друга работна задача неповрзана со контрола на граничните премини.
Од партијата го полемизираат моментот што полицаецот Б. Ј. зел боледување истиот ден кога го пропуштил Груби на „Блаце“. Со тоа, како што велат, де факто не може да биде суспендиран додека му трае боледувањето.
Кузеска додаде дека полициската контрола, која била поставена кај „Блаце“ три дена пред бегството на Груби, не си ја завршила работата и целосно потфрлила, а оти полицајците немале насока и не знаеле кого треба да проверуваат.
Од МВР вчера рекоа дека имало повеќе пропусти на граничниот премин „Долно Блаце“ кога поранешниот прв вицепремиер и висок функционер на ДУИ, Артан Груби, сега осомничен во случајот „Лотарија“, ја преминал границата и заминал за Косово.
Одговорноста за пропустите МВР ја лоцира кај двајца полициски службеници за кои проверките и анализите на Внатрешната контрола утврдиле дека несовесно си ја вршеле работата кога Груби заедно со лице чии иницијали одговараат со името на почесниот конзул на Косово во земјава, Арсим Папранику, со возило „мерцедес“ ја поминале границата.
Против двајцата полициски службеници, како што соопшти МВР, се преземени дисциплински мерки.