Најпопуларните детални урбанистички планови во државава, од повеќе причини, се оние во Општината Центар, но од неодамна имаат конкуренција во ДУП-от кај некогашниот ШИК Јелак во Тетово. Овој детален план, на кој се впишани маркички за четири трговски единици и 27 седумкатници, го донесе претходниот совет предводен од ДУИ и СДСМ, а од неодамна се обидува да го суспендира мнозинството во новиот совет составено од БЕСА, Алијанса, ВМРО-ДПМНЕ и независните од „Најдобро за Тетово“
Само неколку дена откако во 2020 година беше избрана новата владина коалиција СДСМ-ДУИ, двете партии остварија соработка и во Општина Тетово – го донесоа Деталниот урбанистички план за просторот кај некогашниот гигант ШИК ЈЕЛАК.
Со новиот Детален урбанистички план, кој општината го истурка веднаш по изборите, предвидени се 27 станбени згради високи до 7 ката и четири големи трговски единици, од кои една огромна.
По смената на локалната власт на крајот на 2021 година, новото општинско раководство не чекаше ниту два месеци за да почне постапка за суспензија токму на деталниот план за ШИК Јелак.

„Заклучувам дека со 18 гласа „за“, ниту еден глас против и ниту еден воздржан, оваа точка е усвоена“.
рече Дурмиши.
Во моментов, „заглавени“ се и планот и процедурата на општината за негова суспензија.


Вака, одозгора, изгледа поранешната фабрика ШИК Јелак и просторот околу неа. Вака, одозгора, требаше да изгледа истиот тој простор со измените на деталниот урбанистички план што ги донесоа советниците на ДУИ и на СДСМ во септември 2020 година. На местото на фабриката и сегашните куќи, се вцртaa станбени згради, дуќани и трговски центри.
Целата приказна ја следеше и политички конфликт, бидејќи најголемиот ќар од планот ќе го имаа газдите на ШИК Јелак. А, меѓу нив, во моментов, е контроверзниот црногорски бизнисмен Миомир Давидовиќ Дака.

Ден пред Нова година, сепак, новата власт во Тетово почна постапка за стопирање на планот. Иницијативата е на независната листа „Најдобро за Тетово“ чиј предводник е Хамди Сулејмани.

„Повикуваме и бараме Секторот за урбанизам да се повика во Законот за просторно планирање во член 23 алинеја 6 каде што се вели дека планот може да се суспендира во траење од 6 месеци и во рок од 1 година. Кога велиме 6 месеци,може да се суспендира дел од планот, а на 1 година може да се суспендира целосниот план“
рече Сулејмани.
Но, за да се стопира еден план и да се избришат веќе нацртани згради е потребно нешто повеќе од желба – потребни се правни аргументи. Сулејмани вели дека ги имаат, односно дека планот е донесен без обезбедени мислења од некои институции.
„Како што рековме, вториот столб на иницијативата предвидува зелена средина, јавни простори, паркинзи, соодветно собраќајно решение на улиците во тој дел од урбаниот блок, отворање коридори за струење на воздух, поврзувањето со сите инсталации за вода за пиење, канализација, струја да биде соодветно, бидејќи во тој план се гледа дека нема позитивно или негативно мислење од комуналното претпријатие во Тетово и планот не треба да се усвоидоколку нема мислење од нивна“
вели Сулејмани.

Иако има политичка волја, а според Сулејмани и правни аргументи, единствената одлука поврзана со суспензијата на планот останува таа на Советот од пред Нова година. Според Законот за просторно и урбанистичко планирање, потребен е стручен елаборат за суспензија од комисијата за урбанизам на општината за постапката да продолжи.
Бавниот развој на настаните, градоначалникот Билал Касами го објаснува со намерата да се задржи законитоста на целата постапка при евентуална ревизија на урбаниот блок.

„Целата оваа постапка не сакаме да не биде спротивна на законот и следствено и општината и граѓаните да имаат натамошни последици.Затоа и покрај интересот на јавноста и на граѓаните на Тетово како процедура да биде побрза, внимаваме да се зачува законитоста на целата постапка за евентуална ревизија на урбаниот блок“
вели Касами.
Тетово е една од ретките општини што се обидуваат да го применат механизмот на ревизија на урбанистички планови. Општината Центар во Скопје се обиде да го оди тој пат, но имаше само ограничен успех.
Проблемот е во т.н. стекнато право – односно штом еднаш ќе се вцрта маркичка за приватна парцела, таа не смее да се брише или менува.
„Нема да преземеме никакви чекори за исправање на една неправда, која би создала уште една неправда кон граѓаните. Затоа реков дека сме внимателни во целата постапка што ја почнавме. Доколку немаме силни гаранции од експертите за урбанизам, но и од судска практика дека со секое наше постапување нема да ја подобриме урбанистичката состојба во Тетово и воедно нема да создаваме дополнително финансиско оптоварување за граѓаните на Тетово, нема да направиме чекор во спротивна насока.Така што,целата постапка треба да биде според закон и, секако, заштита на јавниот интерес“
рече Касами.
„360 степени“ побара став и од другите „актери“ во приказната. Од контактите на фирмите на потенцијалниот инвеститор, бизнисменот Дака, не успеавме да добиеме коментар за развојот на настаните во Тетово.

Од Министерството за транспорт, пак, кое има клучна улога во одобрувањето и на планот и на неговата суспензија, само кусо соопштија дека немаат добиено елаборат за суспензија на наведениот урбанистички план.
