На видеото се гледа и Даница Монева, виша обвинителка од Вишото јавно обвинителство во Штип, како се обидува да ги смири родителите на починатите објаснувајќи им дека обдукцијата е неопходна
Родители на загинати во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани не дозволуваат транспорт на телата во Скопје за понатамошна обдукција, јавува „Дојче веле“ на македонски јазик.

На видеото што го објави „Дојче веле“ се гледаат револтирани родители кои не се согласуваат телата на починатите да се изнесат од кочанската болница и да бидат пренесени на обдукција во Скопје.

„Деца нема да се носат. Дајте ни ги децата. Цел ден ги држите телата тука“,
се дел од нивните извици.
Бараат телата на починатите да им бидат предадени за да можат да им организираат погреб.
На видеото се гледа и вишата јавна обвинителка од Вишото јавно обвинителство во Штип, Даница Монева, како се обидува да ги смири родителите на починатите објаснувајќи им дека обдукцијата е неопходна.
Некои од нив велат дека ги чекаат телата повеќе од 15 часа.
Според досегашните информации, најмалку 59 луѓе ги загубија животите, а 155 се повредени во синоќешниот пожар во Кочани.