Заедно во периодот од јули 2012 година до 31 август 2016 година, со повеќе временски поврзани дејства, ја искористиле својата службена положба и овластувања со цел да обезбедат ново партиско седиште и незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ со што за правното лице, политичката партија, прибавиле имот – објект и значителна противправна финансиска корист од 132 573 582 денари
Поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, е осуден на шест години казна затвор, додека Кирил Божиновски, поранешниот генерален секретар на партијата, доби условна казна од две години затвор ако во рок од пет години не стори ново кривично дело. Тие во случајот „Талир 2“, според пресудата, сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластувања.
Судот пресуди и да се конфискуваат партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ и прибавената имотна корист. Десетина партиски канцеларии купени после тој период низ цела Македонија исто така се конфискувани со првостепената пресуда.
Тие заедно во периодот од јули 2012 година до 31 август 2016 година, со повеќе временски поврзани дејства, ја искористиле својата службена положба и овластувања со цел да обезбедат ново партиско седиште и незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ со што за правното лице, политичката партија, прибавиле имот – објект и значителна противправна финансиска корист од 132 573 582 денари. Конфискувани се и 30 партиски седишта низ државата купени со тие над два милиони евра.
Детали за целиот случај може да прочитате во прилогот објавен изданието на „360 степени“ во понеделникот.
Судијката Даниела Алексовска Стојановска по пресудата порача дека во конкретниот случај обвинетите како одговорни лица од највисок ранг во политичката партија се издигнале над законот.
“Теснопартиските и личните интереси биле водечки мотив за дејствијата кои во конретниот случај ги преземале првобвинетиот Никола Груевски како претседател и второобвинетиот Кирил Божиновски како генерален секретар на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ уривајќи ги на тој начин темелните вредности на една правна и демократска држава. Со самата судска разрешница на овој предмет Судот испраќа порака до јавноста дека во оваа демократска држава сите се еднакви пред законот, дека никој не е привилегиран и секој ќе одговара за последиците кои ги предизвикал со прекршување на законот”,
рече таа.
„Пораката е јасна. Во иднина ниту едно одговорно лице во политичка партија не треба да се осмели да стори такво или слично кривично дело. Во ова општество мора да владее правото како основен принцип”,
додаде таа.
Во пресудата, судијката Стојановска наведе дека според член 541 став 5 од Законот за кривична постапка „правните дела склучени по извршувањето на кривичното дело, а со намера да се намали вредноста на имотот што е предмет на конфискација, се неважечки.“

За јавниот обвинител Љубомир Лапе, кој го застапуваше овој предмет пресудата е задоволителна. По добивањето на писмена пресуда, тој најави дека ќе ги проучаат причините поради кои е изречена алтернативна мерка на обвинетиот Кирил Божиновски, и по проучување на предметот ќе одлучат дали ќе поднесат жалба.
Правата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во случајот „Талир 2” беа ускратени, изјави правниот застапник на оваa партија Ружица Николовска, по објавување на пресудата со која седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и повеќе партиски штабови се конфискуваат.
„Во текот на постапката не беше сослушан претставникот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за да се произнесе по однос на сите овие околности. Само ќе укажам на една работа. Да се конфискува цел имот на една политичка партија заради некакви дејствија на две обвинети лица е надвор од секаква правна и здрава логика. Имено, доколку постојат какви било дејствија и е утврдена вина како што тоа судот денеска го стори, тогаш можело да се конфискува и личен имот на обвинетите лица. Овој имот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ не може да се толкува дека целиот е заслуга на само две лица“,
изјави адвокатката Николовска и додаде дека во таа политичка партија има многу други луѓе кои што допринеле за создавање на тој имот.
Воедно, таа најави дека ќе ги користат другите правни средства кои им стојат на располагање и се надеваат дека правдата ќе биде задоволена.
Изрекувањето на пресудата следува откако вчера одбраната и обвинителството ги дадоа своите завршни зборови.
Обвинителот Љубомир Лапе во своите заврши зборови побара тие да бидат прогласени за виновни, а побара и одземање на имот на партијата, меѓу кои и централниот штаб познат во јавноста како белата палата.
Вчера претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, адвокатите Дончо Наков и Ружица Николовска, не дадоа завршни зборови бидејќи, како што рекоа, партијата не е странка во постапката (тужител, обвинет или оштетен) туку само заинтересирана страна. Поради тоа, нагласија, не можат да дадат завршен збор, но и порачаа дека одземањето на имотот би било незаконско.
Освен нив, заврши зборови даде и адвокатот по службена должност на Груевски, Горан Каркински, кој побара ослободителна пресуда бидејќи обвинението го смета за паушално и дека нема докази.
Поранешниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата, Кирил Божиновски, пак, отфрли вина бидејќи и тој смета дека нема ниту еден доказ за него.
„Во досегашната постапка, ниту од страна на обвинителство ниту од одбраната не беше презентиран ниту еден материјален и вербален доказ дека јас сум договарал што било“,
рече Божиновски.
Тој се пожали и дека во текот на судењето за овој предмет му се прекршени неговите права.
„Судот стори повреда на правото на мојата одбрана со тоа што прифати како доказ да биде изведено вештачење од обвинителството кое е изготвено без знаење и учество на одбраната“,
рече Божиновски.
Воедно, тој истакна дека ова вештачење е реализирано спротивно на законските прописи кои предвидуваат дека странките преку технички советници имаат право да учествуваат во собирањето на доказите и реализирање на вештачењата. Исто така, се пожали дека не бил прифатен ниту предлогот да се направи супервештачење што го смета за повреда на правото за еднаквост на оружјата.