На местото на кое сопственичката тврди дека била влезната врата во нејзиниот стан со број 48А, сега има ѕид со закачалка. Па, правосилната пресуда не може да се изврши сѐ додека „не се најде“ каде е станот. Сопственичката на „исчезнатиот стан” тврди дека веднаш по добивањето на правосилната пресуда е менувана структурата на целото поткровје каде што вели дека бил и нејзиниот стан
Адвокатот на тужената страна, пак, тврди дека стан со број 48А никогаш не постоел на поткровјето, туку дека бил споен со станот 48 по хоризонтална линија, еден кат подолу. И покрај правосилната пресуда против неговите клиенти, тој останува на тврдењето дека зад целиот случај стои незаконска легализација
По десет години битка низ судските лавиринти скопјанката Соња Петрушева вели дека конечно извојувала победа – да си го врати станот во зграда на улицата „Никола Парапунов“ бр. 31, во населбата Карпош 4.

„Вооружена“ со правосилна пресуда, решение за извршување, извршител, геодети и полициска придружба, таа се обиде да влезе во станот за кој судот потврди дека е нејзин, 48А, а во кој се вселени други лица.

Зградата има седум ката, а станот се наоѓа најгоре, во поткровјето. За да се стигне до него, односно до сите станови на поткровјето, прво се оди до последната станица на лифтот, а потоа пешки по метални скали. Но, кога групата стигна до местото, наиде на изненадување. На местото каде што имало врата за влез во станот 48А, како што тврди Петрушева, сега има ѕид. Единствените станови на катот се обележани со број 49, 50 и 51, нема стан со број 48А.

Па, наместо да се иселат, луѓето кои живеат таму ги поканија извршителот и полицијата во станот број 50, а Петрушева остана надвор, затоа што налогот не се однесува на ниту еден од тие три стана.
„Заѕидана ми е вратата непосредно по добивањето на пресудата и правосилноста на извршното решение. И извршена е внатрешна промена, за што претходно имам изготвено геодетски елаборат и скица од Општина Карпош за којашто имам уредна документација. Е сега треба да се руши, јас имав два влеза“,
вели Петрушева.
Едниот влез во станот е оној за кој Петрушева тврди дека е заѕидан. Вториот влез бил по внатрешни скали од понискиот кат, односно од станот 48, кој исто така е во сопственост на Петрушева. Но, и тој не е употреблив од 2013 година бидејќи има видливи оштетувања.

Скалите кои, според Петрушева, ги поврзувале двата стана, биле извадени, а отворот заѕидан.
„Вака изгледа мојот стан по упадот и реконструкцијата на некоја водоводна мрежа или не знам што правеле. Сега се наоѓаме во стан бр. 48, на кој е направена штета од 2013 година по влегувањето насилно на одредена група, не знам која група, пријавени беа во полицијата. Од надворешната страна преку обивање на вратата на станот 48А, на десната страна од железните скали, како што е опишано во пресудата и потоа е навлезено по внатрешни скали во станот 48. Видовте и самите дека тие се исечени и фрлени се деловите од скалите на земја. Јас овој стан не го имам исчистено од 2013 година, предмет е на вештачење“,
вели таа.

Петрушева поседува имотен лист за двата стана – 48 и 48А. Станот на горниот спрат се водел како дивоградба, а таа успеала да го легализира во 2011 година, што е и заведено во имотниот лист. Набрзо потоа почнале и проблемите, вели Петрушева, која уште од 2013 година повеќе пати пријавувала во полиција дека станот е обиен и во него насилно се вселени други лица.

„Откако почнаа самите да ме тужат и откако ги изгубија сите управни постапки во делот на поништување на легализацијата, тогаш го идентификуваваме тој што направил прекршување, односно самовластие. Цело време беа пријавувани во ПС ‘Карпош’, од каде ми беа издавани потврди дека имаат предвид и дека се посочени лицата во пријавата. Од 2011 сум сопственик, за што уредно плаќам трошоци, тие седат таму, го издаваат по разни сајтови, и јас изигрувам истражен орган во барањата на незаконитостите, за сметка на институциите кои треба да си ја вршат таа работа. Јас плаќам вода, одржување, парно“,
потенцира Петрушева.

Последната пресуда од Граѓанскиот суд Скопје била во нејзина корист. По сите поминати рокови за жалба, врз основа на пресудата, има решение за извршување кое треба да се спроведе.
„Тие горе си ја менуваат структурата на станот. Не само на мојот, туку на целото поткровје кое го узурпирале, за што немаат ниту имотен лист. За ова и Јавното обвинителство се интересираше, има и фотодокументација од МВР и потврди од Општина Карпош. Во фаза на извршување сме, тука требаше да заврши правната битка. Но, да се надеваме дека ќе имаме во следните денови дополнителни сознанија“,
вели таа.

Лицата кои треба да се иселат согласно пресудата и решението за извршување, не се согласуваат со тоа. Тврдат дека таму никогаш не постоел стан со број 48А. Во нивно име за „360 степени“ изјава даде адвокатот Сашко Станинов, кој вели дека сопственици на спорниот стан се сосема други лица, а не лицето кое Петрушева го тужела.
Пресудата, според него, е спорна по повеќе основи, за што поднеле и жалба до Апелацискиот суд. Но, и Апелација им ја отфрлила жалбата.

„Пресудата е донесена само врз основа на два водомера и фалсификуван договор. Договор за кој во моментот е закажано судење во септември, каде потписникот на договорот даде изјава и тој лично ја тужи за фалсификување. Можно ли е во оваа држава да се донесе пресуда врз основа на два водомери откако се дадени како доказ, без судијата да излезе на лице место и без да е извршено вештачење. За разлика од тоа, госпоѓата која е сопственик на станот на кој претендира таа, со фалсификати, има пресуда од судијата Бесник Авдија, кој сега е претседател на судот и кој два пати бил на увид со три вешти лица, од кои едното вешто лице беше нејзино“,
вели Сашко Станинов, адвокат.
Станинов зборува за постара пресуда од Граѓанскиот суд во 2015 година кога Петрушева изгубила тужба против него и уште едно друго лице. Тврди и дека станот 48А воопшто не бил на горниот кат, туку бил споен со станот број 48 по хоризонтална линија.

Станинов вели дека е запознаен со сите детали во зградата бидејќи се изградени во време кога тој бил директор на Агенцијата за инвестициски развој, која ги градела објектите во соработката со приватната компанија „Конартис“.
„Госпоѓата Петрушева, легализирајќи го станот на долниот кат, каде што пишува дека се легализирани двата балкони на МА1 направила фалсификат договор со лицето Гоце Зеленковски, кој во моментот беше во странство, а сега е вратен во Македонија, каде што додека уште не купила стан, направила некаков преддоговор кој е класичен фалсификат и по содржина и по форма и по градежни нормативи, по име и презиме и по тоа што лицето Зеленковски во тоа време не бил управител. Фирмата ‘Конартис’ во тоа време била ДОО, а не ДООЕЛ. Сега лицето ја тужи за да нема кривични пријави од трите легални станари“,
вели Станинов.

Според тврдењата на Станинов, кој е адвокат на станарите и на тужената, фирмата „Конартис“ која ја градела зградата во 2001 година, недвижностите на второто поткровје ги продала како отворена карабина – дел на компанијата „Тобако лајт“, а дел на друго физичко лице. Оттогаш тоа лице и директорката на „Тобако лајт“ се сопственици на становите на поткровјето, вели Станинов.
Како адвокат и на фирмата „Конартис“, тој бара поништување на легализацијата од страна на Општина Карпош за овој, но и за пет други станови во двете згради на „Никола Парапунов“, со обвинување дека се незаконски легализирани.

Колку и да се различни ставовите во оваа приказна, фактите говорат дека судот пресекол – во право е Петрушева и правдата треба да биде извршена.
Но, таа, сепак, не се изврши. Додека ја работевме оваа сторија, измина рокот од три дена до кога требаше да се расчисти станот и да се предаде на Петрушева. Според образложението кое таа го добила од канцаларијата на извршителот, геодетите побарале дополнително време за „идентификација на предметната недвижност“.

Дотогаш Петрушева останува во неизвесност дали добиената правна битка на хартија ќе значи и правда во зградата на „Никола Парапунов“ бр. 31.
„Пораката е друга – дека јас не сум изолиран случај. Пораката е дека се почитуваат и респектираат само престапниците и прекршителите на законите. Пораката е дека луѓето не си одат поради платите, туку поради неред“,
вели Петрушева.