Демонстрантите, меѓу кои студенти и професори, излегоа на протест бидејќи припадници на Управата за криминалистичка полиција го претресуваа Ректоратот како дел од истрагата за смртта на студент на Филозофскиот факултет

За време на протестот во близина на ректорската зграда на Универзитетот во Белград вечерва во неколку наврати се случиле судири меѓу полицијата и демонстрантите.
На почетокот на протестот, како што пренесуваат медиумите, српската полиција употребила палки откако демонстранти фрлале разни предмети кон нив, а имало и повремени физички судири и туркања со демонстрантите.
Најмалку едно лице е приведено, а некои граѓани тврдат дека се повредени.
Демонстрантите, меѓу кои студенти и професори, излегоа на протест бидејќи припадници на Управата за криминалистичка полиција го претресуваа Ректоратот како дел од истрагата за смртта на студент на Филозофскиот факултет.
Како што пренесуваат српските медиуми, демонстрантите сè уште се пред зградата на Ректоратот, а дел од полицијата се повлекла по околните улици.
Директорот на полицијата Драган Васиљевиќ вели дека полицајците денес влегле во Ректоратот по наредба на Вишиот суд и Високото јавно обвинителство со цел да добијат докази поврзани со трагичниот настан на Филозофскиот факултет. Според него, претресот e сè уште во тек, а Васиљевиќ наведе и што е запленето досега.
Како што додаде, утрото членовите на полицијата добиле наредба од Вишиот суд во Белград да извршат претрес во зградата на Ректоратот во Белград.
„За време на претресот, кој сè уште е во тек, со оглед на големиот број соби, пронајдени се голем број предмети“,
рече тој.
Како што рече, при претресот се пронајдени неколку средства, кои ќе бидат конфискувани.
„Пронајдени се спрејови, голем број рачни апарати, гас-маски, голем број транспаренти, голем број медицинска опрема – игли, интравенски канили, неколку пакувања со различни течности. Во оваа пригода запленуваме и приемници со снимки од надзорни камери. Снимките ќе покажат дали се почитуваат актите пропишани од Универзитетот“,
истакна тој, пренесува српски Н1.
Собраните демонстранти сметаат дека ова е политичка одмазда од страна на властите поради поддршката на администрацијата на Универзитетот во Белград на студентските протести и дека со тоа се нарушува автономијата на Универзитетот.
Администрацијата на Универзитетот во Белград, исто така, ги осуди постапките на полицијата.
Влегувањето на полицијата во Ректоратот наиде на осуда и од групата „Студенти во блокада“. Во соопштението, тие оценија дека Ректоратот е претворен во „кризна зона за заложници“ и додадоа дека ниту Универзитетот ниту студентите немаат што да кријат.
Тие оценија дека трагедијата се користи како покритие за влегување во просториите каде што студентите се организираа и за напад на студентските активности.
Доаѓањето на Управата за криминалистичка полиција го осудија и од дел од академската заедница и опозициските партии.
