Собирот започна со седумминутен молк во 12 часот, кој продолжи со обраќање на ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, и на министерката за образование и наука, Весна Јаневска – и двата прекинати поради влошување на здравствената состојба на неколку студенти

Пред платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска стотици студенти се собраа, и покрај лошите временски услови, за да им оддадат почит на жртвите во трагедијата во Кочани.
Собирот започна со седумминутен молк во 12 часот, кој продолжи со обраќање на ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, и на министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Двете, придружувани со уште неколку професори, положија цвеќе пред да застанат на говорницата.
„Никогаш не помислив дека треба да се обратам во ваков тежок момент. Денеска се собравме овде соочени со тага, што зборови едвај можат да ја опишат. Загубата на млади животи е трагедија без мерка, рана што никогаш не заздравува, тишина што одекнува во срцата на оние кои останале. Неподнослива е болката да се изгуби некој полн со живот, некој чиј пат штотуку започнал“,
порача Ангелова.
Но нејзиниот говор беше прекинат откако неколку студенти побараа медицинска помош бидејќи на еден крај од собирот на еден студент му се слоши.
Без паника и со напорите на медицински лица, Ангелова рече дека нема да зборува долго, по што со една реченица го заврши говорот.
Неколку минути подоцна пред микрофонот застана Јаневска. Таа им порача на присутните дека нивниот собир значи свесност, солидарност, хуманост, а тоа, како што рече, е најважно што заеднички може да се покаже.
„Вашето присуство тука значи свесност, солидарност, хуманост, значи споделување не само на доброто, туку и на тагата и на болката. А тоа е најважно, што младите луѓе и сите ние останати заедно во овие тешки моменти можеме да го покажеме. Тука сме сите заедно да им помогнеме на живите да ја преболат тагата. Болката за починатите е непреболива“,
порача Јаневска.
И нејзиниот говор беше прекинат откако на неколку делови од полното плато се побара медицинска помош. Откако се случи краткотраен револт од неколку студенти, Јаневска сметаше дека во такви услови не треба да продолжи да говори по што им даде знак на организаторите дека го завршила говорот.
На студентскиот собир, сепак она што изостана беше говор на некој студент.
Министерката и ректорката заедно со уште неколку професори се упатија кон средината на платото, каде што се палеа свеќи во сеќавање на загинатите.
На крајот од собирот, од Универзитетско студентско собрание при УКИМ рекоа дека собирите на студентите ќе продолжат сè до 21 март, секој ден, почнувајќи од 12 часот, на кампусите на УКИМ. За утре најавија собир кај ФИНКИ, во среда кај Природно-математичкиот факултет, а во петок ќе се одржи марш, за кој се уште не се утврдени линиите на движење.