Блокадите се во рамки на кампањата „Три моста за три месеци“ со која ќе бидат одбележани трите месеци од смртта на 15 лица при уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад
Илјадници студенти и други граѓани на Нови Сад и други градови од Србија денеска почнаа со блокада на три моста во Нови Сад, објави „Н1“.
Блокадите се во рамките на кампањата „Три моста за три месеци“, со која ќе бидат одбележани трите месеци од смртта на 15 лица при уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад.
Акцијата ја организираат новосадските студенти на кои во петокот вечерта им се придружија и колегите од Белград. Тие во Нови Сад пристигнаа пеш и со велосипеди по речиси дводневниот марш од околу 85 километри што тргна од главниот град.
Телевизијата Алџезира јавува за непрегледна маса што ги блокира трите мостови и додава дека сите три моста на Дунав во Нови Сад ќе бидат блокирани денеска до 18 часот, а најголемиот – Мостот на слободата, 24 часа.
Загинувањето на 15 лица при падот на натстрешницата од Железничката станица во Нови Сад предизвика масовни протести низ Србија. Протестите почнаа во ноември и оттогаш илјадници луѓе, повеќето од нив студенти, се на улиците. Студентите блокираа повеќе од 60 факултети, барајќи одговорност од властите, почитување на уставот и закон, искоренување на корупцијата и зајакнување и независност на институциите, без политичко влијание.