„Треба граѓаните да знаат дека е навистина голем проблемот. Правиме обиди самата техничка вода која доаѓа до филтер-станицата да ја преработиме со ареација, скокови на вода, да го намалиме манганот и, после, со озонирање да го доведеме до законски дозволеното. Мене ми е банално, но ние се молиме за дожд. Чекаме да заврне дожд”, вели градоначалникот Костадин Костадинов
„Тоа треба да си го расчистат едни меѓу други, без да именувам партии, али треба да си расчистат. Тоа е вода за сите“.
„Тоа е природен фактор, тука нема политика. Ама некои сакат политика да наметнат. А нема врска, политика тука нема врска“.
Вака коментираат граѓаните на Струмица и околните села, кои повеќе од една недела немаат пивка вода. Како дојде до тоа и што е решението?
Водата која од браната Турија влегува во филтер-станицата на Општина Струмица, со која раководи Јавното претпријатие „Комуналец“ – Струмица, деновиве е значително матна. Оваа вода поминува низ процес на озонирање, па оди во таложник, па процес за филтрација, стерилизација, па во резервоар за чиста вода, од каде што потоа се дели на вода за пиење и вода за наводнување. Проблемот, според надлежните, е што поради нискиот водостој во браната Турија, заедно со водата доаѓа седимент богат со манган.
А, утрото на 1 октомври, неколку дена откако Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека водата во Струмица не е исправна за пиење, бевме во Струмица. Половина час откако пристигнавме, на градскиот плоштад се паркира жолто комбе од кое се растовари флаширана вода.
„Значи оваа е преку ВМРО, донирана преку ‘Кожувчанка’“,
беше првиот коментар кој го добивме откако прашавме дали водата е донација.
За брзо, пунктот за вода, стана политичка говорница. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои се опозиција во Струмица, на чело со советникот Владимир Ристов, побараа одговорност од локалните власти.
„Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска обезбеди донација од 40 илјади шишиња флаширана вода или околу 50 тони бидејќи градоначалникот ги остави без чиста вода за пиење. Наместо паушално да се препукуваме преку прес-конференции кои ги одржува градоначалникот за медиумите, проблемите на граѓаните се решаваат на седница на Совет, каде треба да ги провериме сите информации“,
изјави Ристов.
А, градоначалникот Костадин Костадинов рече дека би поднел оставка ако ВМРО-ДПМНЕ има решение.
„Ако обезбеди мојата оставка чиста вода, веднаш би ја поднел. Верувам дека нема градоначалник којшто сака да ги тероризира граѓаните. Тоа е обид за саботажа кон мене. Велат вонредна седница, кој ќе дојде? Ќе дојде некој експерт или министерот за земјоделие, директорот на ‘Водостопанство’? Што ќе разговараме? Нема проблем со цевките“,
изјави Костадинов.
Тој признава дека проблемот со водоснабдувањето во Струмица е сериозен и дека се прават обиди и со домашни и со експерти од соседството брзо да се најде решение. Додава дека и нему состојбата му е секојдневна тежина, но и дека се мали шансите низ чешмите набрзо да потече пивка вода.
„Проблемот е во влезната вода на филтер-станицата, техничката којашто ја земаме од единствениот извор за Струмица, а тоа е браната Турија, којашто ни доаѓа во форма на кал и со високо ниво на манган кој е тежок метал и има законска одредена толеранција колку може да има манган во водата за да може таа да биде питка. За жал, таа техничка вода која ја набавуваме од АД ‘Водостопанство%, не сме во можност да ја преработиме и да дојдеме до степен на питка вода“,
објаснува Костадинов пред камерата на „360 степени“.
Браната Турија има максимален капацитети од 50 милиони кубни метри вода. Но, во моментов, во неа е акумулирана само една четвртина од горната граница – околу 12 милиони кубни метри.
Вината што во браната нема веќе вода, што е услов да нема проблем со водата за пиење во Струмица, според Костадинов е недоволната грижа за браната, особено првите филтри на техничката вода.
„Треба граѓаните да знаат дека е навистина голем проблемот. Не можам да очекувам. Правиме обиди самата техничка вода која доаѓа до филтер-станицата да ја преработиме со ареација, скокови на вода, да го намалиме манганот и после со озонирање да го доведеме до законски дозволеното. Мене ми е банално, ние се молиме за дожд. Чекаме да заврне дожд“,
дополни градоначалникот на Струмица.
А штом нема пивка вода низ цевките на градскиот водовод, локалното комунално претпријатие мора да ја обезбеди на други начини. Забележавме канистри со пивка вода низ градот откако ја напуштивме општинската зграда. Чекаа на одобрение од Центарот за јавно здравје и лабораториите за да бидат поставени во градинките, училиштата и на неколку локации во Струмица и околните села. На терен ги затекнавме првите луѓе на градските претпријатија.
„Канистрите ќе бидат доставени до шест населени места коишто го имаат проблемот со исправна вода за пиење. Тоа се Дабиле, Просениково, Добрејци, Градско Балдовци, Водоча и Баница, како и на повеќе локации во Струмица. Локациите ги имаме одредено, саатниците по колку ќе бидат поставени цистерните, а доколку дојде до недостиг на вода, во секој момент имаме подготвено цистерна за дотур. Од денес ЈПКД ‘Комуналец’ премина од редовно во вонредно водоснабдување врз основа на План за водоснабдување во вонредни околности, донесен во јули 2024 година, којшто предвидува дека доколку дојде до проблем, да не бидат оставени повеќе од 12 часа без вода за пиење“,
изјави Љупчо Љачев, директор на ЈПКД ’Комуналец’ – Струмица.
Иако пивка, водата од канистрите ќе се користи во градинките и училиштата за миење и готвење. За пиење, најмалите ќе консумираат вода од апарати со флаширана вода.
Граѓаните се свесни за проблемот, но ги интересира пред се решението. Навикнале, како што велат, да имаат една од најквалитетните води во земјава. А сега, мораат да полнат од бунар кај стадионот „Младост“ или да се соочат со „воено профитерство“.
Во разговорите, наидовме на струмичани кои беа загрижени за своето здравје бидејќи ја пиеле водата пред да се дознае дека е загадена, а има и такви кои продолжиле да ја пијат и по забраната. Како зголемените количини на манган се одразуваат на организмот, разговаравме со токсикологот Андон Чибишев.
„Може да предизвика многу сериозни здравствени потешкотии коишто можат сериозно да го нарушат здравјето. Меѓутоа исто така, постои сериозна опасност ако таквите зголемени концентрации се внесуваат во организмот подолг временски период па и во помали концентрации, посебно кај млади и кај деца до 16-19 години каде што можат да предизвикаат сериозни оштетувања кај централниот нервен систем“,
вели Чибишев.
Иако, потенцира Чибишев, манганот не се задржува долго во организмот, може да предизвика посериозна штета доколку се внесува почесто. Сепак неговото влијание зависи од возраста на човекот, полот, од начинот на живеење, од начинот на исхрана и од други фактори.
Како да се реши проблемот, став побаравме и од Водостопанското претпријатие „Струмички слив“. Нè одбија за интервју во камера, но во неформален телефонски разговор ни рекоа дека решението е истото што го кажува и градоначалникот – акумулација на повеќе вода во Турија со повеќе дождливи денови.
Бизнис-заедницата не беше заинтересирана за одговори, па така, пред секоја голтка кафе во струмичките барови деновиве, треба да си го поставите прашањето… не за брендот, туку за основната суровина во него – водата.