Ардит и Атик се ученици во скопското средно стручно училиште „8 Септември“. Таму теоретскиот дел од наставата се следи онлајн поради епидемијата на ковид-19, а праксата се спроведува физички, во работилница. Како едни од подобрите ученици, двајцата потпишале договори со компанија каде што паралелно со школувањето треба да се усовршат за работа.

„Одам во ‘Раде Кончар’ заедно со четворица другари. Одиме таму, гледаме, работиме, имаме пракса и тие ни даваат стипендии“,
вели Ардит Муртезани, ученик во ЕМУЦ „8 Септември“.

„Таму учиме за компјутерско водство, како се користат компјутерите, најосновните работи што треба да ги научиме, но сепак многу добро“,
вели Атик Лимани, ученик во ЕМУЦ „8 Септември“.
Еден од учениците кои се дообучуваат за работа во струката е и матурантот Гоце. Тој веќе две години оди на пракса во помала компанија, како техничар за компјутерско управување на машина. Размислува да се запише на факултет, а за „отскочна штица“ го смета искуството стекнато на пракса.

„Јас одам еднаш неделно, барем за време на школо, моја задача е како секој ученик – да опсервирам, да научам, да прашам што не е јасно и, барем кај јас што одам, работниците ми даваат одредена задача и според тоа ќе ме проверат дали сум се заангажирал, дали следам, дали обрнувам внимание. Не знам зошто би застанал кај средно образование, можеш во секое време да продолжиш, да се подобриш и платата секако ќе нарасне“,
вели Гоце Таковски, ученик во „8 Септември“.

„8 Септември“, познато како ЕМУЦ, е едно од стручните училишта кое склучува договори со приватниот сектор за т.н стипендирана настава. Комуникацијата е поттикната со швајцарска поддршка, но и искуство. Целта е да се мотивираат учениците да изберат стручно образование, затоа што повеќето слободни работни места во приватниот сектор бараат вештини кои не можат да се стекнат на друг начин
„Помина времето кога имавме по 1 000 ученици. Последниот пат, кога јас го презедов училиштето, буквално со одењето на матурантите останаа само 60 деца. Од 970, на 60. Таа година имавме запишано само 14 деца“,
објаснува Кенан Асани, директор на ЕМУЦ „8 Септември“.

Проектот за стипендирана настава почнал минатата година, вели Асани и веднаш го дал посакуваниот резултат – повеќе запишани ученици. Полека се надминува и предизвикот за вклучување на што повеќе компании.
„Им се овозможува, доколку се покажат во тие вештини дека се навистина стручни и оспособени, да им овозможат проодност, запишување на еден од техничките факултети со тоа што повторно ќе ги стипендираат и си ги враќаат во своите компании“,
додава Асани.
Додека снимавме во училиштето, на средба со раководството пристигнаа претставници од Асоцијацијата „Солар Македонија“, кои сакаа веднаш да почнат со обука на млади кадри за работа. Илија Насов е свесен дека приватниот сектор мора да се вклучи во производството на кадар.

„Во Македонија има доста квалитетни производители на сончеви колектори и на фотоволтаични колектори, но се соочуваме со недостиг на професионално обучени инсталатери и проектанти. Овие програми што ги имаат тука како оформување на техничар, машински техничар, е многу добра подготовка за понатаму ние да ги дооформиме во сертифицирани инсталатери за соларни термални и фотоволтаични панели“,
вели Илија Насов, претседател на „Солар Македонија“.

„…Значи оваа машина работи со пробивање. Се пишуваат коти на отворите, исто и на делот. И, според тие зададени коти, се носи работилнички цртеж, ние тој цртеж го прецртуваме на ‘еуромакот’, го програмираме и на тој начин функционира…“,
им објасни на практикантите еден од вработените во „Раде Кончар – ТЕП“.

Вака изгледа првиот ден на пракса во оваа учебна година за средношколците стипендисти од „8 Септември“. За разлика од практичната настава на училиште, во компанијата имаат можност да работат на помодерни машини.
„Учениците во компаниите, пред сѐ, се стекнуваат со работни навики, со знаење, со вештини, со способности коишто ќе им помогнат за непосредно вклучување во работниот процес во самите компании по завршувањето на образованието во средното училиште“,
вели Елена Стојановска, професорка во ЕМУЦ „8 Септември“.

Од раководството на компанијата велат дека во моментов стипендираат вкупно 7 ученици од две средни стручни училишта. Помладите практиканти на почеток само гледаат, но учениците од погорните класови веќе активно работат на машините.
Генералниот менаџер Горан Антевски се надева дека ќе задржат дел од учениците бидејќи им недостига кадар.
„Ние имаме обврска дека од тие четири ученици, на пример од ‘8 Септември’, најмалку двајца ќе се вработат кај нас. Ние имаме желба, но зависи и од нив дали ќе продолжат понатака или не. Јас се надевам дека дел ќе се вработат, но и дел би сакал да продолжат, зашто нас ни требаат и машински електроинженери“,
изјави Горан Антевски. генерален менаџер на „Раде Кончар – ТЕП“.

Од Асоцијацијата на метална и електроиндустрија, МАМЕИ, велат дека речиси сите нивни компании членки се соочуваат со недостиг на квалификуван кадар. Едно истражување покажало дека само во една општина стотина компании бараат речиси илјада стручни работници.
Минатата година го завршивме истражувањето во 130 компании на територија на Гази Баба, и ако ви кажам дека бројката беше 876 потребни стручни работници во истиот момент кога го завршивме истражувањето. Младите луѓе кои се без работа велат дека би сакале да работат во администрација или државна администрација. Занаетите некако не ги сакаат, а од друга страна кога ќе заминат од Македонија ги работат тие занаети. Или се гипс-картонџии или се швајцери“,
вели Владо Димовски од Центарот за толеранција и доживотно учење.

По поразителните сознанија, во соработка со локалната власт, МАМЕИ, „8 Септември“ и невладини организации, лани одржале училиштен саем.

„Компаниите коишто се членки на нашата асоцијација веќе сфатија дека мора континуирано да инвестираат во развој на нови кадри, дека ситуацијата нема сама од себе да се реши“,
објаснува Гоце Пешев, извршен директор на МАМЕИ.
Според Пешев, директна корист од целиот процес имаат и учениците.
„Едно е дека ќе добијат убава работа, значи добро платена работа после завршување на своето образование, меѓутоа и самите компании ќе ги стимулираат за понатаму ако сакаат да го продолжат своето школување, да се запишат на некои од техничките факултети“,
додава Пешев.

Статистиките не одат во полза ниту на Центарот за стручно образование, јавна установа чија цел е да го подигне квалитетот на стручното образование кое треба да одговори на потребите на пазарот на трудот. Последните податоци покажале мал напредок за упис во медицинските, електротехничките и машинските училишта, но опаднал интересот за земјоделство, ветеринарство и сточарство.
„Треба да се истакне дека интересот е мал и оди кон намалување во тригодишното образование или како што се знае во јавноста како занаетско училиште. Таму бројките се намалуваат. Последните статистики велат дека лани сме имале 6,9 отсто на ученици регистрирани во стручно образование. Значи овој процент е за учениците регистрирани во тригодишните средни училишта“,
изјави Ардијана Исахи-Палоши, директорка на Центарот за стручно образование.

Палоши смета дека треба да се работи на стручната ориентација кај учениците уште во основно и да се направи рационализација на стручните училишта низ државата.
„Во С Македонија има голем број училишта каде што се учи за исти квалификации, а нема доволно ресурси да се обучуваат ученици, така што ова се постигнува со промена на образовните политики за упис во стручното образование. Политика која ќе се базира на барањата и потребата на пазарот на трудот во одреден регион и со ова ќе се фокусираат сите ресурси за соодветна квалификација и ќе се зголеми квалитетот за да се добијат надлежности за таа квалификација“,
додава Палоши.

Вака изгледа еден од најстарите саеми за вработување и стручна обука во Швајцарија, на кој секоја година учествуваат илјадници образовни институции и компании. Младите имаат можност на самото место да се запознаат со разни занаети и професии од многу области. Тоа е искуството кое веќе две и пол години Швајцарија се обидува да го пренесе и во Македонија.

„Една работа што е јасно видлива е што Швајцарија на ниво на средно стручно образование за младите луѓе има да обезбеди многу повеќе практични вештини. Додека во Македонија, главно, младите имаат многу теорија и недостиг на примена на знаењето во пракса. Ова е тешко да се обезбеди во државните училишта, стручните училишта, затоа се обидуваме да ги интегрираме компаниите во образовниот процес, за младите луѓе да можат во рамки на образованието да одат во компаниите и да учат на самото место, што значи и да се подготвуваат за работници кога ќе завршат со образованието“,
објаснува Курт Вутрих, тим-лидер на „Образование за вработување“.
Меѓу најголемите предизвици е да се мотивираат младите да изберат стручното образование, вели Вутрих и додава дека има неколку причини за тоа.

„Едната е што во општеството сѐ уште има мислење дека мојата ќерка или син треба да оди во гимназија или да добие диплома од факултет за да биде примен во општеството и да има добри можности за кариера. Тоа е, на пример, сосема различно во Швајцарија. И јас лично почнав со стручно образование како столар. Но потоа ги имав сите можности да докторирам ако сакам. Па, мислам дека треба подобро да ги информираме луѓето, општеството, родителите, за можностите за кариера и да овозможиме за младите луѓе независно каде ќе ја започнат својата кариера, академски или практично, на крај можат да сменат во друга област, затоа што ни требаат специјалисти од сите нивоа на образование. Од доктори на науки до работници со многу добри вештини“,
додава Вутрих.

Недостигот на квалификуван кадар има и кај странските инвестиции во земјава. „Костал“ во Охрид е една од фирмите која брзо ја прифатила швајцарската помош.
„Таа соработка што ја имавме со швајцарската амбасада, пред сѐ беше најлесно воспоставена и најмалку бирократски насочена од сите соработки што сме ги имале со слични организации. Во тој процес во две групи имавме вкупно 47 практиканти кои дојдоа на обука. Од тие 47 практиканти, целта на самата таа обука и процес на доквалификација на кадрите имавме обврска 50% да ги задржиме на работа. Во нашиот случај задржавме 80%“,
изјави Виктор Мизо, генерален менаџер на „Костал – Македонија“

Еден од нив е и 26-годишниот Јованчо Бујароски. Тој не е стипендист од средно училиште, туку поминал обука за стручни вештини како неформално образование.
„Тука се произведуваат електронските делови за автомобилската индустрија кои ги произведуваме, моментално работам на неколку производи. Тука имаме менувачи, брзински менувачи, исто имаме модули за подесување на прозорци и ретровизори“,
вели Јованчо Бујароски, оператор во „Костал – Македонија“

Швајцарскиот проект за вработување преку образование веќе ги постигнува своите цели, но на системско ниво тоа може да го реши само надлежниот владин ресор. Во министерството за образование се свесни дека е потребна радикална промена во пристапот кон стручното образование.
„Кога дојдов како министерка во МОН, прашав на кој начин секоја година одобруваме отворање или неотворање профили во стручно образование? Велат – по инерција како било лани. Дополнително, 10 училишта воопшто не беа верификувани. Велам – како ќе издадат свидетелство? Еее, па во текот на годината ќе добијат. Значи дека целиот систем не функционирал на заедничко договарање на локално ниво кој профил ќе започне да се запишува во прва година во 2020 или сега еве 2021“,
изјави министерката за образование Мила Царовска.

Царовска најавува нов закон за средно образование и промена на уписната политика. Во планот на МОН е и отворање на т.н. ВЕТ-центри или стручни регионални центри во Тетово, Куманово и Охрид.
„Тие ќе имаат формален дел – училиште, во кое ќе имате можност понатаму да добиете ВЕТ-матура или за две години да добиете само стручно оспособување во нив и другата опција е неформалниот дел, а тоа е еквиваленција на курс од 6 или 3 месеци формалното образование за да може да имаме брза доквалификација или преквалификација“,
додава Царовска.

Ардит, Атик, Гоце и други ученици своето вработување или усовршување ќе продолжат да го бараат преку воспоставените модели. Според Министерството за образование, од годинава и македонската Влада ќе почне да стипендира ученици во нивната, но и угостителската, земјоделско-ветеринарната, текстилно-кожарската и градежно-геодетската струка. Идејата е веќе следната година да проработи и вистински дијалог меѓу училиштата и фирмите со цел и стручното образование да стане атрактивно и компаниите да имаат добар кадар.