Налети на ветер од над 150 км/ч беа регистрирани преку ноќ во северозападниот француски регион Манш, со рекордни 213 км/ч во Барфлер, а железничкиот оператор СНЦФ ги прекина железничките услуги помеѓу Париз и регионот Нормандија

Силни ветрови ги погодија Франција и Велика Британија, додека бурата Горети ја зафати северна Европа оставајќи стотици илјади дома без електрична енергија. Во Франција, околу 380 000 дома останаа без струја, главно во регионите Нормандија и Бретања, соопшти снабдувачот со електрична енергија „Енедис“.
Налети на ветер од над 150 км/ч беа регистрирани преку ноќ во северозападниот француски регион Манш, со рекордни 213 км/ч во Барфлер, а железничкиот оператор СНЦФ ги прекина железничките услуги помеѓу Париз и регионот Нормандија.
Во Велика Британија 57 000 дома останаа без струја, според „Нешнл грид“ откако бурата Горети донесе уште снег во земјата по една недела студено време. Се очекува стотици училишта да бидат затворени низ Шкотска и делови од централна Англија, која беше особено тешко погодена од бурата Горети.
Железничките оператори во тој дел од Англија ги предупредија патниците да не патуваат, а некои услуги се суспендирани.
