Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали има некој кој сè уште верува дека шефот на ОЈО ГОКК ќе покрене истраги за скандалите и аферите поврзани со ДУИ

Шпреса Абази, снаа на шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази, која била вработена во Министерството за политички систем на Артан Груби, експресно преминала со работа во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), реагираа денеска на прес-конференција од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Кај Груби, Шпреса Абази била вработена како помлад соработник, а во АЕК е како советник за одговор на компјутерски инциденти.
Артан Груби ја вработил снаата на Ислам Абази, ЈО за организиран криминал, Шпреса Абази, како помлад соработник во неговото министерство.
„Ова е документот од 04.04.2022, одлуката потпишана од Артан Груби, за вработување, каде што на третата страница е името на снаата на Ислам Абази. Оттука, Шпреса Абази експресно преминува во АЕК, каде што е вработена како советник за одговор на компјутерски инциденти! Директор на АЕК е Јетон Акику, познат и како зет на Невзат Бејта, човекот со кого Абази, како вели, има случајни фотографии, исто како што има фотографии со фамилијата на Али Ахмети“,
рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Потсетувајќи дека неодамна и сопругата на Абази, Албулена, стана основна обвинителка во Кичево, од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали некој сè уште верува дека Ислам Абази ќе покрене истраги за скандалите и аферите поврзани со ДУИ.
„Има ли сè уште некој што верува дека Ислам Абази ќе покрене, иницира истраги за скандалите, аферите, богатењето, самоволието на Артан Груби, на семејството Ахмети коешто без денар стана сопственик на 40 отсто од милионската зделка ’Соравија‘, за Рамиз Мерко којшто со 30 кривични дела заврши на ‘црната листа’? Ислам Абази е нем пред фактите за криминал, па дури и ја прекина комуникацијата со ДКСК“,
реагира Стоилковски.