Во следните недели скопјани првпат ќе добијат форма на јавен транспорт која на англиски е наречена „кар шеринг“. Тоа, во слободен превод на македонски значи – споделување автомобил. Најкратко што може да се објасни е дека ќе функционира слично како изнајмувањето тротинети
Возилата, сепак, нема да се оставаат кој каде сака туку на точно утврдени паркинг-места. Пред воопшто да може да се влезе во кола, ќе мора да се докаже дека корисникот има возачка дозвола. За другите детали погледнете го видеото
Поминаа точно две години откако скопјани последен пат добија нова форма на јавен транспорт – електрични тротинети за изнајмување. На почетокот, некои завршуваа и во канта, но се покажаа корисни имајќи ги предвид сите проблеми со градските автобуси.
Деновиве, во духот европските трендови, почнува нов јавен транспорт во Скопје – изнајмување електрични автомобили. Вкупно 100 такви коли купило локално претставништво на словенечка компанија.
„Земено во предвид возило доколку го купите во текот на 24 часа максимално го користите 2 часа во денот, во идеални околности, се останато е непрофитабилно односно не е соодветно искористување на возилото. Така да, тука доаѓа „Авант Кар“ како регионален лидер и потполнување на тој вакуум простор односно соодветно решение“.
рече Стефановски.
Значи, новиот систем примарно цели на оние што имаат потреба од автомобил, но во кратки периоди во денот или, пак, само во некои денови. А како се ќе изгледа во пракса, побаравме одговор преку пробно возење со Дарко Стефановски.
Едно од клучните прашања кое се наметна е паркингот. Електричните автомобили за споделување, вели нашиот соговорник, ќе можат да се подигаат и оставаат само од точно одредени паркинг-станици.

„Поентата е цел град да биде покриен. Секаде каде што има потреба, секаде да биде покриено побарувањето односно да се излезе во пресрет на граѓаните. Секако тоа ќе се одвива во неколку фази, а во идеални околности планираме на 500 метра растојание да има од една до друга локација за да биде на домет од 5 минути пешачење низ градот. Истите локации ќе бидат и за подигање и за враќање на возилото“.
вели Стефановски.
Паркинг-местата за возилата за споделување се обележани со посебна боја. Докажано е во пракса дека тоа не е пречка за многу скопски возачи да го остават возилото и каде што не му е местото. Затоа, паркинг-местата се обележани на приватен простор.
А возењето по булеварот „Партизански одреди“, каде веќе се поставени камерите за автоматско регистрирање прекршоци, само го наметна прашањето – кој ќе одговара за евентуалните прекршоци со возило што се споделува, како при возење така и при паркирање.

„Во делот на управувањето на возилото апликацијата е врзана за самото физичко лице, односно за самиот корисник кој управува со возилото. Така да, во даден временски интервал, зависи од вашиот наем се знае кој има управувано со возилото. Во тој дел имаме пристап комплетна архива и секако вие како корисник на вашиот профил имате пристап до архива за минатите наеми. Така да, ќе знаете кога сте управувале со возилото, колку надомест имате, ваучерот доколку вие искористен, колку средства имате во паричникот така да за секаква дополнителна помош можете да се обратите во нашиот контакт центар односно центарот за корисници кој ќе работи 24/7 во интерес на корисниците“.
рече Стефановски.
Од Центар, преку Партизанска, стигнавме до спортскиот центар „Борис Трајковски“. Тоа е една од точките каде што ќе може да се остави или подигне електричен автомобил.
Тука дознавме дека за почеток нема цело Скопје да биде покриено со паркинг-станици.
„На првиот потег планираме од некој си домет на потег од Карпош 3, 4 до населба Аеродром, до Автокоманда и Општина Чаир. Тоа е прв круг, прв прстен што планираме да ја вклучиме услугата, а секако планираме да се шириме спрема периферијата и дополнително плус нови локации за на 500 метра да има од една до друга точка“.
додава Стефановски.
Тоа што на почетокот нема да има станица во, на пример Бутел, не значи дека возилото нема да може да се вози до таму за да се заврши некоја работа. Само нема да може таму и да се остави.

Ние, пак, решивме да направиме мини-турнеја од еден до друг крај на градот – од „Борис Трајковски“ во Карпош до салата „Јане Сандански“ во Аеродром. Тука ја пробавме и постапката за изнајмување возило. Прво, ќе мора да имате инсталирано соодветна апликација, а пред воопшто да можете да влезете во кола ќе има процедура во која корисникот ќе докаже дека има важечка возачка дозвола.
„Хекуран, буквално секогаш на апликацијата за да функционира соодветно треба да имате вклучено локација. Кога ќе вклучите локација ќе ви даде најблиску која е „Авант то го“ станица до вас физички, моментално сме на спортскиот центар „Борис Трајковски“, ни дава возила достапни на самиот паркинг. Одбираме едно од достапните возила, правиме резервација на возилото, старт рентал. Ја обележуваме чистотата, доколку има штета возилото секако треба да ја обележуваме. Во овој случај возилото е без штета, конфирм рент и буквално отклучуваме и почнуваме со употреба на услугата“.
вели Стефановски.
Сите овие механизми се смислени за возилата да ги возат само лица со положен возачки испит, но и ако настанат штети да се знае кој за што е одговорен.

Но, тоа се сепак споредни прашања во однос на главното – колку ќе чини возењето по километар? Стефановски не сакаше да ја открие цената пред официјалниот старт, но кажа доволно за да се претпостави рамката.
„Цената ќе биде комплементарна односно ќе биде надополнување на она што е во делот на мобилноста односно на такси-услугата. Ние не се доживуваме како конкуренција, туку се доживуваме како дополна на јавниот собраќај односно на јавниот сервис. Секако тука влегува автобускиот превоз, железничкиот превоз, такси превозот и секако „кар шерингот“ како најнов елемент во делот на мобилноста и на движењето на граѓаните. Дефинитивно цената ќе биде конкуретна и пристапна за граѓаните на Скопје“.
додава Стефановски.
Го завршивме возењето и паркиравме кај спортскиот центар „Јане Сандански“. Дел од паркингот таму е една од станиците. Само официјалниот старт ќе го даде одговорот – колку лица и фирми во Скопје се заинтересирани да користат ваков транспорт, ако е по цена како за такси.
Но, тука се и контра-аргументите. Во делови од денот, во Скопје не се доаѓа толку брзо и лесно до такси. А тука е и еколошката компонента – електромобилите не испуштаат ЦО2.
Од Министерство за животна средина велат дека поддржуваат вакви проекти кои придонесуваат за намалување на загадувањето на воздух.

„Со овој проект ние, како што истакнав, сакаме да дадеме пример бидејќи според проценките едно вакво возило заменува 10, па дури до 15 приватни возила, кои загадуваат, кои прават бучава по градот, кои прават метеж и на паркинг-местата. Ние во Скопје имаме ограничени паркинг-места и со овој чекор придонесуваме за почист град“.
вели Вранези.
Од Министерството за животна средина додаваат дека се планира набавка на 80 до 120 електрични автобуси кои ќе бидат за Град Скопје, но и за другите поголеми градови, со цел намалување на сообраќајниот метеж и почист воздух.