Ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, е во струшкиот затвор (или барем треба да е таму) откако во случајот „Империја“ се спогоди со обвинителството да одлежи три години и да му бидат конфискувани пари и имот во вкупна вредност од 36 милиони евра. Деталната проверка на запленетиот имот што ја направи „360 степени“ откри дека на списокот се и станови под хипотека, како и дел од неизграден хотел, проценет по пазарна вредност, како да е готов. Зошто обвинителството се согласило да конфискува ваков имот, кој ја правел проценката – се дел од прашањата што и ги поставивме на предметната обвинителка Лиле Стефанова
На почетокот на летните одмори, во првата половина на јули, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција објави дека постигнало спогодба со Сашо Мијалков за предметот „Империја“. Поранешниот шеф на тајната полиција призна вина за злосторничко здружување и противправно стекнување имот и доби релативно ниски три години затвор.
Во исто време, државата му конфискува 6 милиони евра во пари и 30 милиони евра во имот.
„360 степени“ провери и откри дека голем дел од конфискуваниот имот веќе е пренесен во сопственост на државата. Но, меѓу одземеното има имоти под хипотека кај банките, а и деловен простор кој иако не е изграден, бил проценет по пазарна цена. Зошто?
Ова видео од 2010 година беше првиот визуелен приказ со кој тогашната власт откри како ќе изгледа центарот на главниот град по завршување на проектот „Скопје 2014“.
12 години подоцна, на плоштадот навистина работи хотел Мериот. Хотелот до него почна да го гради грчкиот бизнисмен Кондоминас, па презеде Русинот Самсоненко, но се уште е далеку од завршена градба. На Офицерскиот дом се става фасада.
Всушност, единствената градба во која нема луѓе – било гости или работници, е неименуваниот хотел.
Токму во овој објект, кој во моментов никој не го гради, се наоѓа дел од недвижниот имот на Сашо Мијалков кој обвинителството, а и судот го ставија на списокот за конфискација при спогодбата со екс-шефот на УБК.
Мијалков го купил овој имот уште кога објектот бил на Кондоминас. Иако е во градба, во спогодбата со обвинителството, имотот е проценет по пазарна вредност. Односно, 566 квадратни метри, за кои има само предбелешка за градба, обвинителството ги проценило на безмалку 1,7 милиони евра или 3 000 евра за квадрат. Овој недограден имот, според имотниот лист, веќе е во државна сопственост.
На само километар и половина воздушна линија, на подножјето на Водно, се наоѓа друг имот на Сашо Мијалков што се најде на списокот за конфискација.
Таму е неговиот дом, поточно живеалиштето пред да се пресели во Охрид, каде и понатаму има чувар и чуварска куќичка. Тој објект, сепак, не влезе во листата за одземање бидејќи, според обвинителството, не можела да се изврши конфискација. Вредноста од близу еден милион евра, Мијалков го компензирал со пари. Но, во непосредна близина, се десетици други станови кои се дел од спогодбата меѓу Мијалков и обвинителството.
Од Катастарот ги обезбедивме имотните листови во кои пишува дека и тие имоти се впишани на име на државата, но и дека на некои станови има претходен товар.
На пример, становите со број 1, 2 и 5 во првиот влез од зградата со адреса Славејко Арсов број 148, кои обвинителството ги прифатило при спогодбата, имаат хипотека од 128 илјади евра впишана во 2017 година.
Во зградата со адреса Славејко Арсов 138 станот со број 6 во првиот влез и станот со број 5 во вториот влез, кои исто така ги има во спогодбата, имаат хипотека од 30 илјади евра од 2018 година.
Одземениот имот на Водно не е исклучок во однос на хипотеките. Напротив, под хипотека е и деловниот простор конфискуван со спогодбата за Мијалков кој се наоѓа во центарот на Скопје, спроти ЗОИЛ, каде беше сместена агенцијата за обезбедување СГС.
Според имотните листови, овој простор е искористен како залог за подигнување на кредити од 1 милион евра. Не може да се знае и колку од тие пари се вратени, а уште колку треба да се враќаат.
Освен апартмани и деловен простор, со спогодбата е конфискувано и земјиште, како и заеднички простории на повеќе локации низ државава.
Конфискувани се парцели со вкупна површина од 18 477 квадратни метри покрај автопатот, близу Гевгелија, на само неколку километри пред грчката граница. Мијалков имал дозвола тука да гради казино. Од обвинителството, земјиштето е проценето на 4,5 милиони евра или 243 евра за квадрат.
На брегот на Охридското езеро, веднаш до вилата на претседателот на државата се наоѓа хотелот „Парк“ кој е изолиран од останатите угостителски објекти и хотели на крајбрежето.
Мијалков поседувал два апартмана во хотелот, едниот од 46, а другиот од 58 метри квадратни, заедно со помошни простории од вкупно 75 квадрати.
На оваа катастарска парцела на Мијалков му е одземен и идеален дел од земјиштето под објектот како и заеднички простории, односно ходници и скали. Сето ова во вредност од околу 370 илјади евра.
Зошто обвинителството конфискувало имоти под хипотеки? Зошто е конфискуван имот кој е во градба и за кој не се знае дали и кога ќе се заврши? Кој и кога ја правел проценката на вредноста?
Предметната обвинителка Лиле Стефанова прифати пред камера да одговори на овие прашања. Првенствено, наспроти впечатокот во јавноста, рече дека спогодбата со која Мијалков доби три години затвор нема никаква врска со имотот.
„Предмет на спогодување беше казната. Имотот за предмет на конфискација воопшто не беше предмет на спогодување. Во тие преговори постигнавме спогодба за тригодишна казна затвор, за кривично дело Злосторничко здружување и кривичното дело противправно стекнување имот по членот 359 од Кривичниот законик“,
вели Стефанова.
Кога е во прашање имотот на Мијалков, дообјасни Стефанова, тој е комплетно конфискуван. Попрецизно, конфискуван е целиот „скриен“ имот што обвинителството го открило во „Империја“, а со кој Мијалков се стекнал во периодот за кој е осуден.
„Сашо Мијалков не бил безимотен кога дошол на позицијата директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Тој има и правни лица и други имот. Предмет на конфискација беше имотот со кој се стекнал Сашо Мијалков во моментот на стапување на функција до моментот на престанок на функцијата, стекнат во тој момент, ниту кога го стекнал, ниту кога му престанала функцијата. Тој имот ги надминува неговите законски приходи и приходите на членовите на неговото семејство“,
рече Стефанова.
Поради законската обврска да конфискуваат се што е стекнато на незаконски начин, вели обвинителката Стефанова, конфискувани се и имоти под хипотека и имоти што се во градба, како тој на плоштадот.
Од истите причини, вели Стефанова, не е важно на колку го процениле имотот кога веќе комплетно се запленува.
„Вредноста на имотот изразена во пари во време на замрзнувањето, зборуваме за временото замрзнување, е една вредност, која вредност ќе ја утврди Агенцијата сега откако пресудата ќе треба да ја спроведе. Таа е вредноста која треба да ја имаме предвид како вредност на одземениот имот на Сашо Мијалков. Јас се држев и се уште се држам, и сметам дека е тоа правно исправно, до тоа да го лоцирам и обезбедам имотот со кој се стекнал Сашо Мијалков, а вредноста на тој имот ќе ја покаже Агенцијата кога ќе процени, а потоа по одлука на Влада ќе одлучат дали ќе го користат или ќе биде продаден“,
појаснува Стефанова.
Истрагата за „Империја“ беше отворена во ноември 2018 година од тогашното Специјално јавно обвинителство. Сашо Мијалков, Орце Камчев и уште 11 други лица беа осомничени за злосторничко здружување, перење пари и други кривични дела.
Стефанова беше дел од СЈО и продолжи да работи на предметот откако сите истраги, но и сите обвинители добија трансфер во редовното обвинителство.
„Тој предмет произлезе од содржините на незаконски прислушуваните разговори и како таков започна како истрага, не само против Камчев и против Мијалков, туку и против повеќе други лица. И морам да кажам дека во предметот, иако изгледаше поинаку во јавноста, централна фигура беше Сашо Мијалков“,
вели Стефанова.
Кога Мијалов стапи на функција, во 2006 година, пријавил дека поседува недвижен имот, накит, часовници, автомобили… во вкупна вредност од 1,2 милиони евра. Кога поднесе оставка во 2015 година, пријавил од 1,5 милиони евра. „Империја“, сепак, откри дека имал најмалку 25 пати повреден имот стекнат негелано.