За да се обнови регионот ќе биде потребна огромна работа, има стотици патишта за обновување, треба да се обесштетат засегнатите бизниси и граѓаните, а потоа повторно да се започне со активности. Ѝ кажавме на владата дека ни требаат многу ресурси, но и брза регулатива, многу инвестиции, вели првиот човек на регионот Емилија-Ромања

Најмалку девет лица загинаа, а неколку се водат како исчезнати откако пороен дожд го зафати северниот италијански регион Емилија-Ромања, предизвикувајќи поплави и лизгање на земјиштето.
Околу 10 000 луѓе се евакуирани, а некои граѓани мораа да бидат извлечени од покривите на куќите со хеликоптери.
Италијанската крајбрежна стража објави видео како спасуваат две постари лица низ покривот на поплавена куќа.
Властите од овој регион соопштија дека 14 реки се излеале од коритата, поплавувајќи 23 градови. Градоначалникот на Равена изјави дека неговиот град сега е непрепознатлив. Во градот Луго, поради излевањето на реките Сенио и Сантерно, имало еден метар вода, а поплавата е стигната до тврдината Есте која се издигнува во центарот на градот. Во некои области водата е стигната до првите катови од куќите.
Првиот човек на регионот Емилија-Ромања, Стефано Боначини, вели дека степенот на уништувањето предизвикано од лошото време е сличен на земјотрес, а штетата ќе биде неколку милијарди евра.
„За да се обнови регионот ќе биде потребна огромна работа, има стотици патишта за обновување, треба да се обесштетат засегнатите бизниси и граѓаните, а потоа повторно да се започне со активности. Ѝ кажавме на владата дека ни требаат многу ресурси, но и брза регулатива, многу инвестиции“,
вели Боначини.
Министерот за надворешни работи Антонио Тајани на Твитер, објавувајќи видео од спасувачките акции, им се заблагодари на полициските сили вклучени во хуманитарните напори по катастрофата поради лошото време во Емилија-Ромања.
Uomini e donne, servitori dello Stato, che tendono la mano a chi ha perso tutto. Semplicemente grazie per quello che fate, da sempre.@DPCgov @vigilidelfuoco @_Carabinieri_ @Esercito @poliziadistato @GDF @SM_Difesa @guardiacostiera pic.twitter.com/H2SeS9iHeF
— Antonio Tajani (@Antonio_Tajani) May 18, 2023
Во Италија се бележи пораст на временските непогоди. Обилните врнежи во Емилија-Ромања уследија по неколкунеделна суша која ја исуши земјата и ја намали апсорпцијата на вода и ја зголеми опасноста од поплави.