Бизнисменот Орце Камчев, кој денеска околу четири часа сведочеше во Основниот кривичен суд во Скопје за случајот „Рекет“, меѓудругото, кажа дека по пријателска линија за случајот со рекетот прво му кажал на тогашниот директор на УБК, Горан Николовски, а потоа на премиерот Зоран Заев.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за „360 Степени“ одговараше на прашање дали Николовски му го пренел тоа што му се доверил Камчев.
„Тоа е еден од поинтересните случаи коишто се случуваат, така што сите службени информации што се доставени и до УБК, односно до МВР, се доставени и до мене и до соодветните институции таму каде што треба. Како и за сите други случаи, и за овој случај МВР исклучиво беше посветено на остварување на сите барања за водењето на истражната постапка од страна на Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција“,
вели Спасовски.
Спасовски рече дека не може да коментира искази што се даваат во судница.
„Со сите службени информации што биле доставени сум запознаен и секоја службена информација била проследена до соодветните органи“,
рече Спасовски.
Ова не е службена информација.
„Не, тоа е ваша констатација“,
одговори Спасовски.
Запрашан дали можеби ова е причината зошто Николовски не стана директор на Агенцијата за национална безбедност, Спасовски рече дека нема никаква поврзаност, како и дека Николовски е сè уште вработен во агенцијата.