Универзитетскиот професор Александар Спасеновски во дебата на „360 Степени“ зборуваше за договорите со Грција и со Бугарија одговарајќи на прашање дали е оптимист дека ќе продолжи процесот на отворање и постепено затворање на проблемите со соседите.
„Независно од партикуларните забелешки во однос на двата договори и вкупно во светло на европските интеграции, станува збор за процеси кои се без алтернатива. Интегрирањето на државава во ЕУ преставува стратешки надпартиски и надетнички проект којшто е поддржан и за кој еднакво силно се вложиле и власта и опозицијата, а од етничка гледна точка и Македонците и Албанците и припадниците на другите етнички заедници. Во таа смисла, во однос на продолжувањето на динамиката и на интегрирање на нашата држава во ЕУ, по интегрирањето во НАТО, тоа е едно прашање за коешто не треба да се дебатира, за коешто се знае одговорот, тој е потврден, само останува дилемата и дебатата околу динамиката на движењето, имајќи ја во предвид нашата посветеност, а и подготвеноста на ЕУ побрзо и подобро да ги отвори своите врати за нашата држава. Меѓутоа, она што сакам да го укажам исто така, дека ние наспроти честото дискутирање за проблеми, за предизвици и наоѓање решенија за нивно надминување, на почетокот од истражувањето, мене ми остави впечаток едно изјаснување на граѓаните што тие генерално мислат за сите соседи или генерално за соседите на нашата држава. И забележав и се изненадив дека таа бројка е прилично висока, а тоа е дека околу 56% од граѓаните на земјава, сметаат дека Република Македонија има добри меѓусоседски односи или дека живее во еден регион каде се негуваат коректни односи помеѓу државите“,
вели Спасеновски.
Тој вели дека ова прашање треба да се постави во историски контекст.
„Доколку ја споредиме оваа бројка, овие 56% со нивото на односи коишто нашата држава ги имаше на почетоците од независноста, во 1990, можеме да констатираме дека постои сериозен напредок. Причината за тоа можеме да ја лоцираме во два дела. Првиот се меѓународните договори коишто беа склучени како резултат на конфликтите кои се појавија, тргнувајќи од Дејтонскиот и Кумановскиот, Рамковниот итн од една страна и евроатланската перспектива од друга страна. Овие две патеки не доведоа до тоа денеска да имаме високи или задоволителни 56% од граѓаните кои имаат доверба во меѓусоседските односи“,
вели Спасеновски.
Тој вели дека тоа е и една од целите на ЕУ, да се санираат непријателствата меѓу државите.
