Премиерот во Брисел се сретнал и со претседателката на пратеничката група на социјалдемократите во ЕП со која разговарале и за спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија, а заложбите на земјава за суштински дијалог со Софија биле оценети како посветеност на земјата кон европските вредности и визија

Пратениците од парламентарната група на социјалдемократите во Европскиот парламент (ЕП) имале високи признанија за усогласеноста на Северна Македонија со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, соопштија од Владата по средбата која со нив ја имал премиерот Димитар Ковачевски.

„На средбата, на која присуствуваше заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, во фокусот на разговорот беше ситуацијата во Украина и целосната усогласеност на Северна Македонија со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, во осудата на воената агресија во оваа земја, како и во однос на санкциите кон Руската Федерација“,
велат од Владата.
Според владиното соопштение европратениците покажале интерес и за предизвиците со кои се соочува земјава во справувањето со последиците од војната кои предизвикаа економска и енергетска криза, а ги поздравиле и антикризните мерки на Владата.
Тема била и Бугарија

Ковачевски, велат од Владата, имал средба и со претседателката на пратеничката група на социјалдемократите во ЕП, Ираче Гарсиа Перез со која разговарале и за решавање на спорот со Бугарија.
„На средбата беше изразена и силната поддршка за нашите заложби за креирање суштински дијалог со Бугарија. Таа заложба, беше оценето, е сведоштво за посветеноста на Северна Македонија кон европските вредности и европската визија на земјата како единствен начин кој ќе донесе достоинствено решение во интерес на граѓаните на двете држави“,
велат од Владата.
Ковачевски на вонреден самит на НАТО: Ќе се обрати и Зеленски
Ковачевски посетата во Брисел ја започна денеска, а таму ќе остане и утре. Причина за посетата е вонредниот самит на шефови на држави и влади на земјите-членки на НАТО, закажан поради руската инвазија на Украина.
Според најавите, и украинскиот претседател Володимир Зеленски, преку видеоврска, ќе биде дел од самитот на НАТО. Како што претходно пренесе Ројтерс, неговиот портпаролот Сергиј Никифоров рекол дека Зеленски ќе има видеообраќање на самитот, но и дека би можел да учествува во дискусиите.