Во октомври годинава Македонија ќе гласа на локални избори. За прв пат гласачите треба да се идентификуваат со отпечаток од прст. Но, апаратите за таков процес не само што не се купени, туку не се ни нарачани. Првиот тендер пропадна, а за вториот кој е активен има нејаснотии и жалби.
„Комисијата се состана и со надворешните експерти и рековме да им излеземе во пресрет на економските оператори, така што сменивме одредени делови од тендерската документација во насока на смалување на условите за да можат да учествуваат,“
вели Оливер Ристовски – претседател на Комисијата за јавни набавки при ДИК .
А, освен што треба да се купи, системот треба и да се спроведе во пракса. За дел од експертската јавност веќе се доцни.
„Никако не смее да се експериментира пред избори со нешто што не е спроведено и видено како функционира. Ние за полесни измени сме имале проблеми, за едни изборни процеси подолг период и тоа го знае и јавноста, но, сепак политиката е политика се договориле, ќе мислат дека ДИК ќе треба да го спроведе и одговорноста ќе е на ДИК,“
смета Александар Новаковски, поранешен претседател на ДИК.
Целиот процес го обременуваат и обвинувања за креирани „услови по мерка“ со кои се фаворизира само една компанија која би го добила тендерот проценет на 12 милиони евра.
На 21 мај годинава Државната изборна комисија го објави првиот тендер за набавка на интегриран систем за биометриска идентификација на гласачите. Неполни две недели подоцна, Бирото за јавни набавки го поништи. Официјалната причина беше тоа што во тендерот се барало „електронска идентификација на лица“ наместо „биометриска идентификација на гласачи“.
Но, има ли и друга позадина? „360 степени“ дознава дека дел од членовите на претходната комисија за јавни набавки, формирана од претседателот Александар Даштевски, си поднеле оставки поради притисоци, односно фаворизирање на една компанија. Актуелниот претседател на комисијата која треба да ја спроведе набавката, инаку и самиот член на ДИК, Оливер Ристовски, ја потврди, но ја ублажи таа информација.
„Оставки имаше две, од двајца од членовите на комисијата, но тие беа беспредметни, бидејќи веќе истиот ден, веќе беше донесена одлуката за промена на составот на Комисијата. Они можеле да напишат што било во оставките, колку што јас знам едната оставка е од здравствени причини, не е од притисоци, а во втората оставка се спомнуваат и такви работи. Јас не можам да ви кажам најодговорно дека од наша страна, барем од моја страна, притисок никаков немало“,
вели Ристовски.
Ристовски е назначен за претседател на Комисијата која треба да одбере најдобар понудувач за вториот, актуелен тендер. Покрај него, во оваа Комисија членуваат уште двајца членови на ДИК, Боби Стојановски и Кренар Дога, двајца членови се од стручните служби, а останатите четворица надворешни членови во делот на ИТ-технологиите се истите од претходниот состав. Со преземањето на обврската за спроведување на набавката, вели Ристовски, преземена е и околу 80% од старата тендерска документација. Со една клучна разлика.
„Во новата тендерска документација остана односот цена квалитет 60 – 40. Но, во старата тендерска во делот на квалитет тој беше разграничен на 11 и 12 под ставки, секоја со по 3-4 бода, што е многу големо оптоварување за економските оператори и е многу ретко во ваквите тендерски постапки. Ние тоа го скративме на четири услови каде најмногу бодови се добиваат по референцата за економскиот оператори да учествувал на гласање во други земји. Самиот Изборен законик и членот 108а од ИЗ строго не определува каде треба да одиме со оваа набавка. Тука се работи за биометриска идентификација на гласачи со отисок од прст. Значи, економските оператори што ќе конкурираат кај нас, мора да спровеле избори претходно, тоа беше клучната разлика помеѓу новата и старата тендерска документација“,
смета Ристовски.
Со други зборови, клучно при оценувањето на квалитетот на понудата ќе биде дали и во колку избори учествувал понудувачот. Првично, во новиот тендер, се признаваше искуството само од ограничен број држави.
„Најмалку еден успешно реализиран договор за испорака на системи за биометриска идентификација на гласачи со отпечаток на прст во процес за гласање на ниво на држава во Европа или земји членки на НАТО во последните пет години“, пишува во тендерската документација.
Поради овој услов, дел од компаниите брифираа дека тендерот се мести за еден добавувач. Иако Ристовски тврди дека тоа не е точно и дека намерата била да се постигне квалитет, ова барање во тендерската документација, во меѓувреме, доживеа промена.
„Сега го тргнавме тој услов, доволно е да ни приложат доказ дека учествувале во процес на гласање во која било земја во светот. Го отворивме опсегот, претпоставувам дека меѓу нив има многу од тие оператори што учествувале на гласање, на земји кои се, на пример, во Африка или азиски земји, но не се земји членки на НАТО или не се ЕУ земји. Помал е изборот на ЕУ земји кои го имаат овој начин на гласање, го има да се разбереме не дека го нема, но поретко од другите земји. Затоа, го отворивме овој услов и им дадовме можност на сите да учествуваат“,
вели Ристовски.
Ако тендерот повторно не се поништи уште пред да заврши, компаниите треба да достават понуди до 1 јули. Дури потоа следи отворање на понудите, нивна евалуација, презентација па негативно наддавање. Откако потенцијално ќе се избере добавувачот, следуваат низа други процеси – рокови за жалба и одговор на жалба, управна постапка од страна на Бирото за јавни набавки бидејќи се работи за тендер поголем од половина милион евра. Потоа треба да следува обука на вработените во ДИК, па обуки на членовите на Избирачките одбори, координација меѓу ДИК и МВР за базата од избирачкиот список со фотографии и над 3 милиони и 600 илјади отпечатоци на прсти.
„Можеби роковите за избор ќе се запазат, бидејќи имаме во Изборниот законик одредби дека тие се итни постапки, но колку и да се итн,и има некои рокови преклузивни, кои не може никој да ги пробие. Имајќи ги во предвид тие преклузивни рокови ќе мора да ги запазат. Во најдобар случај дека ќе нема жалби на таа постапка ќе треба да се имплементира. Ќе треба обучувачи. Мислам дека сите ќе бидеме доведени во една ситуација кога ќе се јават различни сомневања и сето тоа и да е најидеално спроведено пред избори и имплементирање на таква сериозна опрема и собирање податоци, јас не сум оптимист на однос на реакциите“,
вели Александар Новаковски.
Поранешниот претседател на Државната изборна комисија вели дека искуството покажува дека со ваков тип на софтвер не смее да се експериментира.
„Ние за полесни измени сме имале проблеми за едните изборни процеси подолг период и тоа го знае и јавноста но сепак политиката е политика се договориле, ќе мислат дека ДИК ќе треба да го спроведе и одговорноста ќе е на ДИК. Секој пат ДИК е вреќата многу претпалзиво им советувам многу претпазливо, на крај краева ако не може нешто да се имплементира, тука е Собранието, ова се локални избори, ќе мора да бара некој друг излез“,
вели Новаковски.
Како би изгледало гласањето на локалните избори на овој начин? По влезот во избирачкото место, гласачот ја дава личната карта на членовите на Избирачкиот одбор, по што се врши идентификација на лицето. Наместо спрејот и УВ ламбата, сега гласачот ги става показалецот на левата и десната рака на уредот за отпечатоци за прсти, по што треба да се појави негова фотографија од Избирачкиот список со име и презиме, матичен број и адреса. Тоа значи дека отисокот од прстите се совпаѓа со отисокот даден во МВР при вадење на лична карта или патна исправа. Софтверот дава зелено светло дека се е во ред и гласачот може да пристапи кон остварување на гласачкото право. Но, што ако истото лице се појави по втор пат со друга лична карта или отиде на избирачко место со друг документ за идентификација?
„На самиот екран пишува дека веќе сте гласале. Нема да ви дозволат втор пат пристап. Можни се евентуални грешки на лош отисок на земањето во МВР, но кога ние ќе ги добиеме во ДИК отисоците од МВР, криптирани нормално, МВР при нивното естрахирање да ни ги достави, ќе знае точно за кое лице има лоши отисоци. Па, постои можност во законот да ве впишат рачно, ве знаат дека сте вие – ве гледаат, ако не може да го исчекирате точно отисокот, ве впишуваат, вие гласате повторно, си одите, а ние овде во ДИК ја добиваме оваа база и споредуваме дали имало, некој се обидел нешто да направи или се работи за лош отисок“,
смета Ристовски.
Спроведувањето на гласање со отпечаток од прст за локалните избори е договор на лидерите на најголемите политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Тие треба да се одржат во втората половина на октомври. Иако за претседателот на ДИК, Даштевски, нема да има потреба за одлагање на изборите, бидејќи роковите се флексибилни, процесите што следуваат најавуваат, во најмала рака, трка со времето, со неизвесен епилог.