Една од темелните вредности на Уставот е поделбата на државната власт на извршна, законодавна и судска. Иако во теорија законодавната власт, односно Собранието, би требало да ја контролира извршната власт, односно Владата, до скоро не беше така дури и за елементарни прашања.

По 30 години демократија, Собранието лани првпат доби независен буџет и собраниска служба. Законските измени што го овозможија тоа беа иницијатива на претседателот Талат Џафери и генералната секретарка Цветанка Иванова, идеја која добила поддршка од тогашниот премиер, Зоран Заев.
„Му дадов конкретен пример за таа наша независност. Чашата вода што ја пиеме беше одлука на владата и на Службата за заеднички работи на Владата кога ќе донесе и кога нема да донесе. Односно, Собранието зависеше од процедурата на постапување на СОЗР. Како едноставен пример укажав на тоа дека службата, имајќи предвид дека принципот на ангажманот на службата овде е различен од друга државна служба во други институции, имајќи го предвид постојаното заседание на Собранието, нема работно време до кое може да се повика службеникот во Собрание да каже во 4 и пол попладне си одам дома, бидејќи заврши работното време“,
вели претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери.
Иницијативата на Џафери и Иванова почнала во 2018 година и за да се реализира, биле формирани работни групи со претставници од Владата, Собранието, министерствата за финансии и за информатичко општество, како и координаторите на пратеничките групи.

„Имаше можност некој да влијае на Собранието односно Владата, а уставната поставеност во државата е различна – Собранието е тоа кое ја контролира Владата. На тој начин бевме поставени во една нерамномерна положба кога одредени гарнитури од владата одлучуваа околу буџетот на Собранието“,
смета Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

„Долго време се разговараше како да се излезе од таа ситуација, фактички, да ја дадеме правилната улога на Собранието. Меѓутоа, во претходниот период немаше мислење или не се даваше шанса да се издвои Собранието од извршната власт, фактички на некој начин да биде извршната власт ставена како капа на функционирањето на Собранието“,
вели Јован Митрески – координатор на пратеничка група на СДСМ.
Биле потребни директни средби, мноштво студиски посети и работилници. Дел од тие активности биле помогнати од Националниот демократски институт и Швајцарската амбасада во Скопје, како и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и Центарот за управување со промени кои веќе трета година ја спроведуваат 10-годишната „Програма за парламентарна поддршка“.

„Граѓаните го избираат Парламентот да биде законодавец и да ја прави владата одговорна (отчетна). Тие исто така индиректно ги избираат државните ревизори, тие го избираат раководството на Македонската радио телевизија, Државната комисија за спречување корупција. Сето ова се механизми и алатки што државата ги има за да ја одржува владата одговорна (отчетна). Ова се обидуваме да го направиме, да ја испорачаме демократијата и да ја направиме функционална“,
вели Роберт Скот Хејслет, директор на НДИ за С Македонија.
Генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, вели дека од оваа временска дистанца можеби се уште не се гледа важноста на независноста на собраниската служба и буџет. Но, смета дека се важен исчекор за унапредување на позицијата на законодавниот дом.

Измените на законот кој се однесуваат на собраниската служба стапија на сила на 1 јануари 2021 година. Законските измени за независен буџет, пак, почнаа да се применуваат од почетокот на август. Со нив, касата на Собранието ја крои буџетски совет. Паралелно, се формираше и Совет на собраниската служба.
„Овој Совет е формиран согласно законските измени и ова е првпат да се делегираат дел од надлежностите на генералниот секретар на службата, која доби можност да дава свои мислења и предлози за креирање на политиките за работата на службата во Собранието. Токму овој Совет на собраниска служба дава свое мислење за внатрешните акти за организација и систематизација, работењето на службата, нивното наградување и унапредување“,
објаснува Иванова.
Во согласност со новите акти за внатрешна организација и систематизација, собраниската служба е организирана во 1 кабинет, 15 сектори, 49 одделенија во рамките на секторите и кабинетот, 1 посебна организациона единица – Парламентарен институт, 2 посебни организациони единици како одделенија – Парламентарна буџетска канцеларија и Одделение за внатрешна ревизија.

„Веќе службата, според законот, во однос на другите службеници за истоветно работно место, има 20 насто плус на платата во однос на другите колеги кои работат во други институции по ранг по позиција по систематизација… Со тоа е направена можноста да се задржат службениците овде, на кои секако работата им е специфична, не е како на другите институции, токму поради специфичноста на работата и функционирање на Собранието“,
вели првиот човек на Собранието, Џафери.
Порано Собранието морало да чека и по една година на мислење од министерствата за финансии и за информатичко општество, за вработување или ротација на службеник. Сега тој процес оди побрзо, но не е без контрола. Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, вели дека опозицијата има механизми за да спречи евентуална злоупотреба.
„Можеме да реагираме, да имаме влијание, оставено е малку повеќе на свеста на владејачкото мнозинство навистина да се унапредуваат оние службеници кои заслужуваат и максимумот го даваат во работата на ова Собрание. А ние како опозиција, во моментот, сме тука да вршиме одредена контрола и регулација на сите оние негативни активности кои би се случувале кога би дошло до такво нешто“,
изјави Мицевски.

Стратешкиот план на Собрание за периодот 2022 – 2026 година дефинира шест стратешки цели – ефикасна служба, парламентарна демократија, потоа функционален, отворен, дигитален и безбеден парламент. Областа за безбедноста го опфаќа делот за добивање на собраниско обезбедување кое нема да биде под капата на МВР и изработка на безбедносните протоколи.
„Замислете Собранието има потреба да пречека делегација од надвор или да упати пратеници од овде до аеродром, треба да се јави во СОЗР на владата да побара возило и од таму да добие одговор – извинете, не можеме да исполниме, бидејќи немаме слободни возила. Незамисливо е Собранието да биде така зависно од СОЗР“,
кажа Џафери.

Додека ја зајакнува независноста од извршната власт, Собранието ќе ја јакне отчетноста кон оние што ги гласаат пратениците – граѓаните. Една од алатките е нова, современа и функционална интернет-страница, која би го зголемила надзорот над законодавната власт од јавноста и медиумите. Систематизацијата, пак, треба да донесе – иако секундарни, сепак, важни работи.
„Проценка на влијание на регулативата, еден домен и те како кој треба да се развива сериозно, моментално не постои деловничка обврска законите кои ги предлага Собранието да поминуваат низ процес на проценка на влијание на регулативата. Што, во суштина, би значело колку има во вистинска смисла од еден закон да биде донесен, кој е аирот од тој закон воопшто и какви се финансиските, општествените и социјални импликации од тој закон. Видовме низа закони наназад, не проаѓаат низ еден таков разумен филтер или имаат некои паушални генерализации во оправдување на потребата за носење на одредени закони“,
објаснува Трошановски.

Трошановски вели дека целта е да се направат што повеќе филтри кои ќе овозможат да не се провлекуваат неквалитетни и закони кои служат за тесни интереси. Но, во исто време, треба да се ограничи и т.н. филибастеринг, односно поднесување на илјадници амандмани, пракса која, според Трошановски, во моментов повеќе служи за блокирање на Собранието отколку за подобрување на законите. Освен реформи во Собранието, истражувањата на Институтот за демократија покажале дека граѓаните сакаат и реформа на изборниот модел.
„Комбинацијата на овие две реформи, изборниот модел кој ќе изведува пратеници со интегритет и пратеници ќе си ја работат работата и ќе си одговараат ако не си сработат тоа што ветиле пред граѓаните, од една страна и Собрание кое ќе може да ги опслужува тие пратеници низ развиени капацитети, технички, кадровски каде ќе може да им дава анализи кои се поткрепени на сериозни компаративни анализи на праксата законодавна, ќе ја подобри компонентата на нивните настапи а не само на партиска реторика. Таквото Собрание во овие два домени ќе работи во интерес на граѓаните и ќе го крене рејтингот“,
вели Трошановски.
Дека Собранието има уште многу пат пред себе покажуваат токму извештаите на „Социетас Цивилис“. Во последниот се забележува дека во периодот јули-декември 2021 се одржала само една седница за пратенички прашања. Тоа значи дека во втората половина на минатата година, пратениците имале само една шанса директно да ги испрашаат министрите и премиерот. Во истиот период, не се одржала ниту една надзорна расправа.