Од опозициската партија се сомневаат дека предложените законски измени се со цел олеснета легализација за парцелата кај „Холидеј ин”, каде што главен проблем е усогласување на ДУП со ГУП
Левица поднесе вкупно 1 230 амандмани на предлог-измените на Законот за урбанистичко планирање, кој, според пратеникот Борислав Крмов, е многу контроверзен закон.
Тој посочи денеска дека само пред една година беше донесен нов Закон за урбанистичко планирање и сега одеднаш се јави нова потреба за измени, што, како што вели, е многу сомнително.
„Најголем дел од стручната јавност се сомнева дека тука се работи за олеснета легализација за парцелата кај ‘Холидеј ин’, каде што главниот проблем е усогласување на ДУП со ГУП. Меѓу другото, една од најбитните работи во овој закон е членот 35, кој е изменет и сега дозволува тие два плана да не се усогласени, што претходно не беше случај“,
изјави Крмов.
Понатаму, вели тој, има олеснет начин земјоделско земјиште да се пренаменува во градежно земјиште, со што, како што оценува, ќе се добие уште еден закон што оди на бенефит на урбаната мафија, донесен во скратена постапка.
„Целиот закон е 46 страници, а тие го носат во скратена постапка со објаснување дека не се работи за сложен или за обемен закон. Нема поголема небулоза. Поради тоа, Левица поднесе 1 230 амандмани, со кои тој закон е ефективно блокиран и ние уште сега обзнануваме дека секој закон којшто ќе оди на бенефит на урбаната мафија ќе биде стопиран“,
рече Крмов посочувајќи дека во последните две децении 145 пати се изменувани законите кои имаат некаква врска со урбанизам и секогаш во штета на граѓаните, а во корист на урбаната мафија.
Пратениците вчера ги тргнаа од дневен ред на седницата на Комисијата за транспорт и врски предложените измени на Законот за урбанистичко планирање, кој сега ќе се доработува и допрецизира со вклученост на експерти и преку дискусии. Со пет гласа „за“, ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан“, пратениците го прифатија предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за повлекување на законот од дневен ред, по забелешките дека власта сака на сила и по брза постапка да ги протурка измените без да ја вклучи и експертската јавност.
