Охриѓанките Маја Чубриќ и Душица Матова прошетале стотици странски туристи на Галичица. Регистрирале и фирма за авантуристички туризам, „TrekkMe“, но не ни помислувале дека корона-епидемијата ќе им донесе сосема поинаква професија.

„Едноставно немаше туристи. Замре сѐ, се затвори цел свет, така се затворивме и ние во Охрид“,
вели Душица Матова – „TrekkMe“.
„Сфаќаме дека ние веќе нема да имаме можност да водиме туристи во рамките на националниот парк Галичица, и се прашуваме што понатака“,
вели Маја Чубриќ – „TrekkMe“.
Охридското маало Варош е местото каде нивната приказна добила нов тек. Во дворот на оваа куќа, на еден семеен ручек, Душица раскажала за искуство додека студирала во Италија каде првпат пробала домашен мармалад од портокали.

„Многу несебично шефот на локалот ме викна и ми покажа како се прави мармаладот. Оттогаш го имам овој рецепт и одлучив баш тој ден да им го направам овој мармалад од портокали“,
рече Матова.
Неколкуте теглички мармалад ги фотографирале и ги објавиле на интернет, а под нив напишале „се продава“.

„Верувале или не, во првите неколку минути стигнуваат пораки од луѓе од Охрид, во првите денови тие ни беа главните купувачи, да речам – сакаме од мармаладот од портокал да го пробаме, колку чини? Ние не знаеме во моментот ниту цена, ниту амбалажа, ништо. Приказната почна“,
раскажува Чубриќ.
Станале популарни на социјалните мрежи, смислиле уникатно пакување, заработеното го инвестирале во зголемување на производството и сега прават мармалад од различни цитрусни плодови.
„Најпрвин беше мармаладот од портокал. После тоа дојде мармаладот од цитрон. Па после тоа направивме мешавина цитрон и портокал. Па, на крај, дојде и пекмезот од лимон“,
додава Чубриќ.
Двете се грижат за сѐ – управување, производство, рекламирање. Според нив, за да се развива еден бизнис потребна е поддршка и од државата.
„Потребно е да се олабават мерките односно да се олабави таа рамка на одредени услови кои мора да се исполнат од домашни производители“,
вели Матова.
„Во ниту еден момент не кажавме дека е тешко бидејќи мислам дека сфативме дека тоа е она што ние сакаме да го правиме понатака, па можеби и ‘for a lifetime’“,
смета Чубриќ.
Како претприемачки сметаат дека жените се многу вешти и дека нема простор за нивна стигматизација околу способностите за водење бизнис.
„Во тоа се уверивме самите ние работејќи го и развивајќи го нашиот бизнис. Апсолутно, најголема поддршка од нас за секоја една жена што ќе се охрабри и ќе реши да отвори каков било бизнис“,
смета Чубриќ.
„Дефинитивно, да се охрабрат и да го направат оној првичен чекор – таа нивна желба или таа нивна замисла за еден бизнис едноставно само да ја пуштат. Тоа е главниот чекор кај сите нас. Дали се тоа жени, дали се тоа мажи, апсолутно е исто“,
додава Матова.
Додека траеше снимањето, Маја и Душица спакуваа уште една гајбичка тегли со мармалади веќе резервирани да се најдат на нечија трпеза.
ПОДДРШКА НА ЖЕНСКОТО ПРЕТПРИЕМНИШТВО ПРЕКУ КВАЛИТЕТНО МЕНТОРСТВО
И компанијата „Seed of life“ од Неготино има 100 проценти женски тим. Вкупно се пет вработени и произведуваат органски крекери и барови по филозофија на сирова храна.

„Идејата е на Невенка Димитрова која што живее во Њујорк и работи како научник во онкологијата и геномиката. Таа отсекогаш имала страст за органската и сировата храна. Здравствените придобивки од ваков тип на исхрана ги има почувствувано на себе“,
вели Софија Шутова – управител во „Seed of life“.
Нивните производи се без млеко, квасец и глутен, без брашно, трансмасти и додадени шеќери, без вештачки бои, вештачки ароми или конзерванси. Меѓу состојките се органски – бадеми, индиски ореви, семки од тиква, сончоглед, ленено семе, урми. Како зачини користат нане, маточина, лаванда… Дури и пакувањето е лесно разградливо и нема негативно влијание врз животната средина.

„Составени се од најразлични семки, јатки и зачини. Нема некаква термичка обработка туку тие се сушат на многу ниска температура. Така се зачувуваат сите витамини, минерали, ензими, омега 3 и омега 6“,
рече Шутова.
Со ова, потрошувачите добиваат грицки со соленкав или сладок вкус, но далеку од „junk food“. Напротив.
„Во денешно време се повеќе луѓе имаат заболувања како дијабетес и автоимуни болести. На пазарот ретко можете да најдете производи кои се без алергени и 100 насто природни без додадени ароми и вештачки шеќери“,
вели таа.
Сметаат дека за успех на жените претприемачки потребен е пристап до квалитетно менторство.
„За жените претприемнички мислам дека обично им недостасува морална поддршка поради можноста за колапс на бизнисот при надминување на пречките и тешките предизвици кои ги имаат. Мислам дека пристапот до ментори, особено до други жени претприемнички кои поминале низ слична ситуација, би одиграл голема улога во успехот“,
додава Шутова.
Производите ги има на домашниот пазар, а од минатата година ги извезуваат. Побарувачката се зголемила особено за време на корона-пандемијата зашто луѓето почнале повеќе да конзумираат здрава храна.
СПОДЕЛУВАЊЕТО УСПЕШНИ ПРИКАЗНИ КАКО ПОТТИК
Кога сме кај здравиот начин на живот, сте знаеле ли дека некои физички активности можат да ви донесат попуст за пазарување? Македонската компанија „Green IT“ ја создаде апликацијата „Challenger“ или предизвикувач.

„Мобилната апликација ’Challenger’ ги поттикнува своите корисници да пешачат, да возат велосипед, се разбира и да трчаат. За секој поминат километар трчајќи или возејќи велосипед потоа добиваат ’Challenger’–поени. Тие ’Challenger’– поени потоа се заменуваат за попусти во локални продавници коишто се наши бизнис партнери и коишто можат да се најдат на самата апликација“,
вели Олга Рајчиќ – коосновач на „Green IT“.
Еден километар одење пеш е пет поени, а километар на точак е еден поен.

„И сега тука нашите корисници, особено ‘точкаџите’, односно луѓето кои возат велосипед, малку се бунат околу тоа но мора да бидеме реални дека на луѓето што пешачат им треба навистина повеќе време за да поминат одреден број километри, додека со велосипед многу полесно се поминува сето тоа“,
вели Рајчиќ.
Кога ќе се соберат поени, различни бизниси ги вреднуваат на различен начин. Сега соработуваат со над 50 книжарници, фитнес центри, занаетчии, туристички објекти и др.
„Во текот на изминатите месеци бевме концентрирани на малите бизниси, а сега, генерално, се концентрираме на сите видови бизниси кои се заинтересирани да влезат на самата апликација. Морам да кажам дека изминатиот месец имаме прилично нови бизниси и тоа околу десеттина кои ќе имаат атрактивни попусти, а и бизнисите се прилично познати кај публиката и кај граѓаните“,
додава Рајчиќ.
Идејата потекнала од неколку членови на тимот кои и самите почувствувале здравствени проблеми поради загадениот воздух. Решиле да ја искористат технологијата за добро и да придонесат за решавање на проблемот.
„Едноставно сфативме дека мораме нешто да направиме заеднички, да ги поттикнеме луѓето да го остават својот автомобил. Секој поминат километар пешачејќи или на велосипед вреди. Ние всушност покажуваме и визуелизираме како со секој поминат километар се заштедува СО2 емисии во воздухот“,
вели таа.
Според нашата соговорничка, стереотипите што важат за жените претприемачки може да се надминат со споделување успешни приказни.
„На европско ниво многу работи се движат во таа насока така што се надевам дека ова ќе поттикне многу млади девојки и жени да направат чекор и да влезат во тие води“,
смета таа.
НИКОЛИЌ: ЖЕНИТЕ ДА ГО НАПРАВАТ ПРВИОТ ЧЕКОР КОН УСПЕШНО ПРЕТПРИЕМНИШТВО, „СИГУРНА РАБОТА“ Е ЗАСТАРЕН КОНЦЕПТ
Женското претприемништво во земјава е поддржано од швајцарската влада. Неговото поттикнување придонесува за економското јакнење на жените, развој на постоечките и отворање нови претпријатија, нови работни места, а со тоа и јакнење на целокупната економија.

„Целта е да ги поттикне жените претприемачи да создадат нови производи, да ја зголемат конкурентноста, да бидат попрепознатливи во синџирот на добавувачи и на тој начин да им расте продажбата, профитот и да создадат нови работни места“,
вели Суада Статовци – програма за зголемување на пазарната вработливост „ИМЕ“.

„Генерално мислам дека сѐ уште постои моментот кадешто треба да се работи на информираност за сите можни опции коишто постојат и некој вид на кампања дека она што е генерално кај нас и се мисли ‘сигурна работа’ дека е застарен концепт. Може да се постигне сѐ со добро менаџирање на времето и само да се охрабрат да си ја остварат својата цел. Да започнат, да го направат првиот чекор“,
смета Нина Николиќ – швајцарска програма за претприемништво „Swess EP“.
Фондот за иновации и технолошки развој го поддржува женското претприемништво преку своите мерки и инструменти. Велат дека ова е во духот на националната стратегија за развој на женското претприемништво. Нивните анализи покажале дека со ова се зголемил бројот на жени претприемачи кај нивните корисници од 33 на 39 насто.

„Ние воведовме мерки онаму каде тоа учество најмногу може да дојде до израз, а тоа е во рамки на инструментите за финансиска поддршка. Воведовме посебен критериум, а тоа е ако компанијата има жена сопственик на бизнисот или се јавува жена како управител во бизнисот, има можност да добие дополнителни бодови при оценувањето“,
вели Ирена Георгиевска – Фонд за иновации и технолошки развој.
Нашите соговорнички се пример дека можеби не е далеку денот кога претприемништвото нема да се дели на машко и женско, туку ќе се цени идејата, знаењето и трудот без разлика кој го води бизнисот.