Шилегов посочи дека подобрувањето на инфраструктурата во северниот дел од Скопје неминовно води и до намалување на притисокот на урбанизацијата во јужниот дел, која се случува повеќе децении наназад
Со кружни текови, мостови, надвозници и подземни премини ќе се решава сообраќајниот метеж на една од клучните сообраќајници во Скопје кај Момин Поток. Таа важи за една од најфреквентните во главниот град со оглед дека дневно поминуваат по 25 000 возила, а проектот со кој ќе се реши гужвата, градските власти го најавуваат како еден од најсложените во постземјотресно Скопје.

Стартот на реализацијата на проектот денеска и официјално беше означен. Тој чини 18 милиони евра, а треба да биде готов за 2 до 2,5 години.
„По својата комплексност се работи за најсложениот сообраќаен проект којшто Град Скопје го има изведувано од 1965 до денес, каде што сличен, но поедноставен проект за изведба беше тој на клучката кај хотелот ’Континентал‘, изградена пред 15-тина години. Со цел да се намали сообраќајниот метеж на овој потег, се предвидува изградба на 2 кружни тека, каде што првиот треба да ја замени крстосницата кај булеварот ’8 Септември‘ и улицата ’Скупи‘ и вториот кој треба да ја замени крстосницата на булеварот Никола Карев и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница. Од вториот кружен тек улицата продолжува до крстосницата со булевар Словенија каде што се поврзува со булеварот ’Словенија‘ и со булеварот ’Босна и Херцеговина‘“,
рече градоначалникот Петре Шилегов.
Вкупната должина на сообраќајницата меѓу двата кружни тека и до пред раскрсницата со булевар „Словенија“, велат од Градот, изнесува околу 1 600 метри. По целата должина ќе има современо ЛЕД булеварско осветлување, како и пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот.

Проектот предвидува и изградба на 2 моста на реката Серава која тече под оваа сообраќајница, како и изградба на надпатник во продолжение на булеварот „8 Септември“, над булеварот „Никола Карев“, со распон од 42 метри, како и потпорни ѕидови со вкупна должина од 2 000 метри, атмосферска и фекална канализација. Предвиден е и пешачко-велосипедски надпатник над „Никола Карев“ и три подземни пешачко велосипедски премини во рамки на денивелираниот јазол на спојувањето на булеварите „8 Септември“ и „Никола Карев“.

Шилегов посочи дека подобрувањето на инфраструктурата во северниот дел од Скопје неминовно води и до намалување на притисокот на урбанизацијата во јужниот дел, која се случува повеќе децении наназад.
На почетокот на изградбата на оваа клучка присуствуваше и премиерот Зоран Заев кој ја истакна соработката на централната и локалната власт, односно дека Владата постојано дава финансиска и политичка поддршка за проекти.
Покрај Заев, на настанот присуствуваа и вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.