На капацитет од 2 090 луѓе во македонските затвори, казна издржуваат 2 201 лице или 111 лица повеќе од максимално возможното. Од 11 установи, само во Идризово, Охрид, Куманово и Струга има по уште некој слободен кревет
Четирите алтернативи на затворот се: условна осуда со заштитен надзор, куќен затвор, општокорисна работа и условен отпуст. Дали ќе досуди некоја од овие казни, одлука носи судијата. Но, поединечно за секој случај, се прави проценка во консултација со пробациските службеници кои имаат посебни канцеларии во судот
45-годишен маж во 2019 година бил правосилно осуден на четиригодишна казна поради неовластено производство и пуштање во промет на наркотици. Но, наместо да заврши зад решетки, судијата го искористил Законот за пробација и му одредил условна осуда со заштитен надзор.
„Откако сум под надзор, имам редовни средби со пробациските службеници кои ми даваат поддршка, ме советуваат и во моите најтешки моменти ме насочуваа како да постапувам“,
раскажува осуденик со пробација.

Услов за да не биде пратен во затвор не се само средбите со пробациските службеници туку и обврската – редовно да оди на рехабилитација.
„Веќе повеќе години зависноста ми е ставена под контрола, примам соодветна терапија и, исто така, за време на надзорот се вработив и сега сум свој човек и можам да го издржувам семејството“,
додава нашиот соговорник.
Алтернативната казна наместо затвор, чии последни месеци ги отслужува нашиот соговорник, барем во овој случај го дава резултатот поради кој се донесе Законот за пробација во 2015 година.

Четирите алтернативи на затворот се: условна осуда со заштитен надзор, куќен затвор, општокорисна работа и условен отпуст. Дали ќе досуди некоја од овие казни, одлука носи судијата. Но, поединечно за секој случај, се прави проценка во консултација со пробациските службеници кои имаат посебни канцеларии во судот.
„Судот може да определи дополнителен заштитен надзор тогаш кога смета дека целта на условната осуда може да се постигне ако се определат мерки на помош и грижа, надзор и заштита. Заштитниот надзор може да трае од една до пет години, во нашата пракса и искуство најчесто во просек се движи околу три години“,
објаснува Емилија Балтовска, пробациски службеник.

А ако осуденото лице не се придржува до обврските од алтернативната мерка, таа секогаш може да се преиначи во затворска казна.
„Самата пробација, всушност, и значи воспоставување ефикасен систем на санкции и заштитни механизми кои придонесуваат кон намалување на криминалитетот, зголемување на заштитата на општеството, на јавната безбедност, како и кон ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица“,
потенцира Балтовска.
Според податоците што „360 степени“ ги доби од Управата за извршување санкции, во првите две години од стапувањето на сила на законот речиси и да немало пресуди со пробација. Со отворањето на повеќе пробациски канцеларии расте и бројот на предмети, од 165 во 2019 до 475 предмети во 2022 година.

Со ваквите бројки, пробацијата е, условно речено, втор најголем затвор во земјата.
„Тоа е извонредна алатка што стои на располагање на судиите како проширување на дијапазонот на користење на алтернативните казни. За паралела ќе подвлечам дека КП дом „Идризово“ има 1200 осуденици отприлика, а во моментов активни пробациски случаи има околу 360, а трет е штипскиот затвор со 220 осудени лица“,
вели директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ.

Според директорот Стојановиќ, би било добро алтернативните казни да се употребуваат почесто.
Една од причините за овој став е што затворите се повторно преполни и покрај амнестијата од пред пет години. Генерално, на капацитет од 2 090 луѓе во македонските затвори, казна издржуваат 2 201 лице или 111 лица повеќе од максимално возможното. Од 11 установи, само во Идризово, Охрид, Куманово и Струга има по уште некој слободен кревет.
„Тука ни отежнуваат оние лица кои доаѓаат во нашите установи врз основа на прекршување на ковид-протоколи, тука бројката е огромна и сметам дека доколку не се направи некоја промена во текот на носењето на пресудите и користењето на алтернативните казни, дека затворскиот систем во наредните 2-3 години не ќе има можност да ја намали преполнетоста во установите“,
додава Стојановиќ.

Со други зборови, ако судиите не почнат почесто да ја користат пробацијата, ќе нема каде да се лежи затвор. А наскоро се очекува голем прилив на затвореници од оние што ги прекршија ковид-протоколите, а немаа по 1000 до 2000 евра за да ја платат казната. Проценките се дека само во Скопје ги има околу 500. Судијката Билјана Коцевска, која како едукаторка предава за пробацијата на Академијата за судии и јавни обвинители, вели дека обвинетите за прекршување на полицискиот час се добар пример каде може да се примени пробацијата.
„Тие не го сториле кривичното дело со намера да шират заразна болест, туку повеќе како општестевно неодговорни личности. И затоа сметав дека со изрекувањето на општокорисна работа треба да дадат свој придонес во општеството“,
вели Билјана Коцевска, судијка во Основниот кривичен суд Скопје.

Таа самата веќе донела такви пресуди за лица што ги кршеа ковид-протоколите или полицискиот час, а една од нив завршила со неочекувано среќен крај.
„На млада девојка која го сторила ова кривично дело ѝ изреков општокорисна работа, внимавајќи согласно законот за пробација и степенот на образование и познавање, и т.н. била упатена, односно бил склучен договор за општокорисна работа. Тоа е работа во корист на државата без надоместок, во Зоолошка градина. И се покажала толку добра, што ја примиле на работа“,
додава судијката Коцевска.

Меѓу активните предмети со пробација, најчести се кривичните дела поврзани со дрога, кражби и прекршување на ковид-протоколите. Од различните алтернативни мерки, не се користи само куќниот затвор.
„Како таква е предвидена во законот, но ние како судии немаме услови технички за да можеме да ја спроведеме. Алки, колку што знам јас, се набавени, но треба истите да бидат сервисирани, надзор да се врши на тоа, заради тоа што неретко се случуваат и случаи кога можеби таа алтернативна мерка како кривична санкција најмногу би ја постигнала целта на казнувањето и треба повеќе да се поработи во таа насока“,
потенцира Коцевска.
Земјава има добиено такви алки преку донација, но никогаш не ги стави во функција. Сервисирањето и одржувањето може да го прави само производителот, а чини и многу пари, па ниту еден директор на Управата или министер за правда веќе осма година не се нафаќа да најде решение.

Според актуелниот директор на Управата, Стојановиќ, алките се само мал дел од она што се нарекува пробација.
„Алките често јавноста ги поврзува дека се спас од пренатрупаноста на затворите. Не, спас од пренатрупаноста на затворите е пробациската служба, условен отпуст со заштитен надзор“,
вели Јовановиќ.
Растоварувањето на затворските капацитети е само една причина за почеста употреба на пробацијата во казненоправниот систем. Многу поважна е шансата човек да си го стави животот во колосек.
„Да имаше затворска казна, што ќе значеше за тебе и твоето семејство? – Катастрофа. Страшно нешто, затворот е голема казна“,
вели нашиот соговорник.

А за оние повеќе стотици што ги чека затвор поради ковид-протоколите, има уште едно решение. Хелсиншкиот комитет за човекови прави и Здружението на млади правници, кои ги следат условите во затворите, бараат амнестија.