Направен да опслужува до 120 илјади граѓани од Пештани до Калишта, колекторскиот систем во Охрид и Струга е своевидна артерија околу езерото. Но, со затнатост и до 100% во некои делови од цевководите, системот што треба да го штити, често предизвикува излевање на фекалии во езерото.

„Треба да работи зашто сите нечисти води од Охрид и Струга доаѓаат и во мојот град. Јас сум од Дебар. Треба колекторот да работи, водата да биде чиста и ние да се бањаме во нашето езеро зашто оваа година поради короната нема нигде да одиме на одмор“,
вели еден граѓанин.
За да се реши проблемот, Владата прво ги спои и ги зеде под свое локалните јавни претпријатија задолжени за колекторот кои тонеа во долгови. На почетокот на годинава почнаа и првите зафати за санација на колекторскиот систем со одзатнување и чистење на цевководите. Проектот се води според студија на јапонска компанија, платена од јапонската влада, која со роботи го сними целиот колектор.

Чистењето, како што беше најавено, ќе се прави со современа технологија – со цевковод, без ископ на постојната мрежа. Од 39 километри, колку што е целиот колектор, сега со првичниот план се предвидени само 3 километри.
Едно од местата каде што се применува оваа техника е во близина на хотелот „Парк“. Таму веќе е поставена цевка во должина од 1,4 километар, а се работи и на шахтите кај Лагадин, кај хотелот „Гранит“, како и на потегот од Даљан до Подмоље.

„Се работи со најнов тип на цевки коишто се вовлекуваат кај нас овде со помош на количина на вода која потоа се лади и се грее во наредните 24 часа како би се извршила полимеризацијата на материјалот. И како што видовте во шахтата добиваме комплетно нова цврста цевка која ќе оневозможи во иднина она што беше проблемот овде, премногу навлегување на корења и кршење на старите бетонски цевки“
објаснува директорот на ЈП „Колекторски систем“, Владимир Алексиоски.

Со предвидениот буџет од 4,2 милиони евра предвидено е и чистење на атмосферската и канализациската инсталација во Охрид и Струга, како и поправка на сите 18 препумпни станици. Подмоље е едно од местата каде што имало најголемо надоаѓање на подземните води и масовно излевање.
„Од тука со препумпување на фекалните води нема веќе да имаме директно излевање во езеро туку со препумпување ќе одат во станица Сатеска, па во препумпна станица Струга 3. И од тука се носи во пречистителна станица Враништа каде се врши самото пречистување на фекалните води“
вели раководителот на секторот за пречистување води во ЈП „Колекторски систем“, Илија Мацески.

Главната пречистителна станица во Враништа е поставена покрај течението на реката Црн Дрим, каде што и се испуштаат водите. Мацески објаснува дека процесот на прочистување не е едноставен.
Водата што доаѓа во препумпната станица поминува низ песколовците каде што се задржуваат песокот и густиот талог, а останатата количина продолжува во биолошките и во секундарните базени, од каде што продолжува кон т.н. таложници, а дел низ цевковод се пренесува на „преса“, каде што и најгустиот талог низ хемиски процес се испушта во сушните полиња. Додека прочистената вода во последната фаза поминува низ уште една препумпна станица, па се хлорира и се испушта во Дрим.

– Водата која што е на излез на самава станица, можам да кажам дека ги задоволува дозволените ПХ параметри на самата вода.
– Значи не е штетна за капење?
– Па, ние се капеме. Луѓето што гравитираат овде на овие простори од селото Ложани, Велешта, Дубовјани, се капат. Засега не се јавени некои кожни или цревни болести,
вели Мацески.
Пречистителната станица сега работи со половина капацитет. За да функционира во полн капацитет потребно е проширување и обнова на целата механизација која е дотраена. Тоа, засега, не е предвидено со проектот.

„Со оглед дека има дистрозија на цевководи, има цевководи кои не се во движење на самата фекалија, има влегување на муљ, песок, атмосферски, подземни, бунарски води. Значи не се работи само за бројка од 120 илјади жители, туку доаѓаат води кои не треба да доаѓаат во пречистителната станица… Кога би се направила целокупна санација на цевководот, како што го правеше јапонска влада студијата, тогаш сигурно ќе имаме многу помалку вода што доаѓа тука за 50 отсто помалку“,
додава Мацески.
Додека за пречистителната станица е јасно дека ќе чека подобри времиња, прашањето што повторно се поставува е како ќе се заврши и првичната санација на колекторот ако се крати од предвидениот буџет?
Активистите од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ сметаат дека се што прави власта е само шминка пред УНЕСКО. Без целосна санација, велат тие, не може да се говори за вистинска грижа ниту за животната средина ниту за здравјето на граѓаните.

„Се работи само додека има потреба за слика во јавноста, како што беше случајот со доаѓањето на реактивната мисија, кога излегоа жолти комбиња да ги санираат наводно деловите околу езерото
вели Драгана Велковска од „Охрид СОС“..Сметаме дека е многу штетно средствата кои првично беа за колекторскиот систем да се пренаменат за што било друго бидејќи тоа е едно од многу важните прашања за регионот, бидејќи доколку не се реши има огромен притисок врз езерото и тоа значи потенцијално попрогресивно влошување на неговата состојба“,
Кратењето на парите за колекторот околу Охридското Езеро е направено ребалансот на Буџетот, по одлука на Владата за пренамена на средства меѓу буџетските корисници. Од Министерството за животна средина, кое е надлежно за проектот, не образложија детално, но велат дека кратењето нема да се одрази на работите на терен.

„За изградба на колекторскиот систем за Охрид беа планирани 150 милиони денари (околу 2,5 милиони евра н.з.). Притоа, направено е кратење на средствата за 60 милиони денари (околу 1 милион евра н.з.). Но, Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање ќе ги преземат сите потребни мерки за да нема застој и реализацијата на проектните активности да продолжи согласно планираната динамика“,
одговорија од Министерството за животна средина.
И првиот човек на сега веќе државното претпријатие „Колекторски систем“ уверува дека нема застој на терен. Вели дека им биле вратени и околу 330 000 евра од одземениот милион, што ќе им стигнат да ги завршат обврските до 15 јуни.

„Најгорчливиот проблем ние го решивме. Тоа излевање на фекалии во езерото веќе нема да го имаме. Протокот низ цевководот во голем процент ќе се подобри, значи некаде 70% од протокот ќе биде добар“,
додава Алексиоски.
Добар, во школскиот речник, е оценка тројка. За таа да биде поправена во петкака, ќе треба да бидат санирани и останатите 36 километри од системот, вклучително и препумпните станици и главната пречистителна станица.

Во ситуација кога се кратат и парите за санација на првите три километри, односно за првите 8% од системот, реално е да се очекува дека Охридското Езеро, Црн Дрим и Дебарското Езеро уште долго ќе чекаат одличен и целосно функционален колекторски систем.