Овој локалитет, како што вели, е еден од најпрепознатливите симболи на Скопје и заслужува континуирано одржување, уредување и заштита
Скопското кале е целосно уредено и исчистено. Сега локалитетот е достоен за граѓаните и посетителите на главниот град. Ова денеска го соопшти скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски откако вчера изврши увид во актуелната состојба на локалитетот.

„Скопското кале, гордоста на градот, сега е чисто и подготвено да ја прераскаже историјата на секој посетител. Да го чуваме наследството што нè обединува, да се грижиме и како такво да им го оставиме во аманет на идните генерации“,
напиша Ѓорѓиевски на неговиот фејсбук-профил.
Според него, грижата за јавните простори и културното наследство останува еден од приоритетите на градската администрација.
Скопското кале, како што вели, е еден од најпрепознатливите симболи на Скопје и заслужува континуирано одржување, уредување и заштита.
Со тоа, додава, се зачувува неговата историска вредност и се обезбедува безбедна и пријатна средина за сите посетители.
Град Скопје, како што се вели во соопштението оттаму, ќе продолжи со активности за унапредување, редовно одржување и промоција на културно-историските знаменитости во главниот град, со фокус на подобрување на јавниот простор и условите на граѓаните.
Ѓорѓиевски вчера изврши обиколка на Скопското кале, правејќи увид во актуелната состојба на локалитетот и можностите за негово натамошно активирање во рамки на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
Заедно со скопскиот градоначалник на увидот присуствуваа и министерот за култура Зоран Љутков и претставникот од Управата за заштита на културното наследство Драги Митревски.
Според него, целта е целосно отворање на просторот на Скопското кале, негово приспособување и ставање во активна функција за културни и уметнички содржини, со целосно почитување на историските слоеви и автентичното културно наследство на локалитетот.
Скопското кале, како што рече, ќе биде жива културна сцена на градот.
