Екипа на „360 степени“ во текот на минатиот викенд излезе на терен за на лице место да провериме дали, кои и колку ноќни клубови останаа да работат во главниот град, по пожарот во „Пулс“ во Кочани
На хартија, во Скопје само два клуба имале важечка лиценца, меѓутоа по обиколката низ градот увидовме дека и тие беа затворени
Дискотеката „Пулс“ во Кочани немала хидрантска мрежа, немала хидрант во употребна функција, ниту пак во објектот имало доволен број противпожарни апарати според квадратурата.
Имало две врати, но онаа што требало да биде само излез, одвнатре била преградена со гипс-картон и звучна изолација, а однадвор заклучена со катанец. Немало дозвола ниту за пиротехниката, а објектот немал лиценца да работи како кабаре.
Сето ова се официјално утврдени факти кои веќе ги соопшти обвинителството. Таков каков што е, системот веднаш тргна во контроли на ноќните клубови, дискотеките и кабареата низ цела земја.
Првиот викенд по пожарот во Кочани тие не работеа, бидејќи беше прогласена седумдневна жалост. Но, изминатиов викенд, требаше да работат. Па, излеговме во контрола и ние.
Некаде пред полноќ во петок или сабота е вообичаеното време за подготовка за излез во ноќен клуб. Ние го избравме петок, а излеговме околу 23:30 часот, откако престана поројниот дожд.
Почнавме од Градскиот парк. Прво, до дискотеката „Пјур“. Вообичаено во петок или сабота тука има редици луѓе кои чекаат пред влезот. Овој пат, наидовме на затворени врати и по некое запалено светло.

Близу до „Пјур“ се наоѓа култната „Маракана“ – локал кој со децении нуди рок-забави до утринските часови. Но паркингот празен. Такси-станицата празна. Музика нема. Луѓе нема. Само неколку улични светилки фрлаа бледа светлина врз мокриот асфалт. Приближувајќи се до влезот, не пречекаа спуштени решетки на вратата од клубот.

Продолживме кон следна локација. Додека возевме низ градот, изгледаше како да сме излегле во ден кога ноќниот живот е ставен на пауза.
А по она што го воочивме на терен, на пауза беше ставен и ноќниот живот во клубот „Минус еден“. Забележавме туристи кои сакаа да го посетат „Минус еден“.
Но, не беа само туристите кои го проверија клубот кој вообичаено го краси ноќниот живот на Град Скопје. Имаше обид и од надлежните институции за инспекција, меѓутоа клубот беше затворен.

Тоа беше наша прва, но не и последна средба.
Движејќи се од едно на друго место, повторно ги сретнавме возилата на екипите од МВР и Државниот пазарен инспекторат. Најневообичаената слика вечерта беше пред „Станица 26“. Тој е еден од двата клуба за кои јавно беше обзнаено дека поседуваат лиценца за работа, но вечерта и тој беше затворен, а пред вратите ги немаше вообичаените редици од минатото.
Следен за проверка беше локалот на соседната улица кој исто како и „Станица 26“ има важечка лиценца за работа. Но и таму вратите беа затворени. Единствени минувачи беа залутаните таксисти кои веројатно очекувале поголема фреквенција.

По овие неуспешни обиди, последни за проверка на листата ни беа два клуба во друг дел од Скопје. Се приближуваше два часот по полноќ, а и на овие локации немаше знаци дека има забава.
Иако пишува дека еден од клубовите работи од 20 часот до 5, воочивме дека буквално ниту еден клуб не работеше викендот по седум-дневната жалост прогласена по трагедијата во Кочани.
Се на се, проверивме седум објекти на четири локации во Скопје. Ниту еден не работеше.
А дека сите овие објекти и уште неколку други работеа без проблем до пожарот во Кочани, сведочат нивните профили на социјалните мрежи. Па, прашањето кое се поставува е колку ноќни клубови, дискотеки и кабареа во Скопје имале лиценца?
Според регистарот кој Министерството за економија го објави по пожарот, во главниот град само два објекти имале важечка лиценца.
Тоа се клубовите „Станица 26“ и „12:12“, кои добиле лиценца на 29.01.2025, а имаат рок на важност до 29.01.2026, со оглед на тоа дека лиценците важат една година. Датумите се идентични бидејќи газдата на двата клуба е ист.
Ова значи дека сите останати ноќни клубови во Скопје кои работеле вечерта кога изгоре „Пулс“ во Кочани, тоа го правле без лиценца. Па, побаравме неколку сопственици за да ги прашаме – зошто и како работеле? Одговори до затворањето на оваа новинарска сторија не добивме.
Но, фактот дека викендов не работеше ниту еден клуб во Скопје ја отвора дилемата – зошто и тие што имаат лиценца, не работеа? Ова прашање го упативме на единствената фирма со лиценцирани клубови. Нивниот став е дека сега е несоодветно време да се работи во услови на тага, пред сè поради трагедијата во Кочани.
„Поради трагедијата која се случи во Кочани сметаме дека не е соодветно да работиме во вакви услови на тага и покрај тоа што клубовите поседуваат важечки лиценци. Воедно, Владимир Блажев е дел од програмското уредување на забавниот дел на нашите клубови и во време кога закрепнува не би сакале да организираме забави. Клубовите „Станица 26“ и „12:12“ се секогаш отворени за соработка со државните институции во поглед на сите неопходни прашања поврзани со функционирањето. Дополнуваме дека дополнително ќе одлучиме кога ќе отвориме за јавноста, но секако не пред да поминат 40 дена од трагедијата која ја потресе државата“,
ни одговорија оттаму.
Уште следниот ден по пожарот објавивме дека во земјава постојат минимални технички услови кои треба да ги исполнува еден објект за да биде ноќен клуб или кабаре. Но, и дека регулативата е таква што барателот на лиценцата пополнува лист од неколку страници во кој тврди дека исполнува одредени услови, на што потоа самиот се потпишува. Никој не го проверува дали е тоа вистина, пред да почне да работи.
Така е од 2008 година, кога тогашното мнозинство во Собранието ја укинало обврската потврдата да ја дава Државниот пазарен инспекторат.
На ниво на држава, пак, според списокот што го објави Министерството за економија, само 23 клуба имаат валидна лиценца. Но, според досегашните проверки, лиценцата и не е некоја гаранција дека условите се исполнети.
Колку неправилности се утврдени кај ноќните клубови, кабареата и дискотеките кои имаат лиценца – прашавме во Владата?
„Од страна на Државниот пазарен инспекторат утврдени се одредени неправилности кај вкупно 15 правни субјекти додека пак кај останатите правни субјекти постапката е во тек. Кај сите угостителски објекти кои имаат важечки лиценци како и кај другите угостителски објект за кои не е потребна лиценца за вршење на угостителска дејност, во координирани акции со други надлежни институции се вршат инспекциски надзори со цел утврдување на минимално техничките услови“,
ни одговорија од Владата.
За „Пулс“ има истрага. Ќе има и обвинение, а потоа и судење. Дали, кој и како ќе биде казнет, рано е да се прогнозира.
Но, што со оние кои си работеле исто како „Пулс“, некои и на километар или километар и половина воздушна линија до зградата на Владата?
Од Илинденска 2 меѓу другото ни одговорија:
„Во овој момент за сите утврдени неправилности или неисполнување на минимално технички услови се употребени сите правни можности кои стојат на располагање, како што се забрана за вршење на дејност и/или одземање на лиценца, а за тие кои работеле без лиценци доколку се утврди дека функционирале во минатото ќе се употреби мерката забрана за вршење дејност и соодветни платни налози“.
Индиректно може да се заклучи дека речиси сите посетители на ноќни клубови, дискотеки и кабареа низ целата држава, излегувале во објекти кои најчесто не ги исполнувале условите за таква дејност.
Гостите во „Пулс“ на 16 март 2025 година, за жал, нерегуларностите ги платија со своите животи.