Како што објави Дојче веле, него го нападнал Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер на ДУИ, Муса Џафери, и сопственик на компанијата за снабдување со електрична енергија „У пауер“, а причина за нападот е постапката за одземање лиценца на фирма која се занимава со снабдување со струја
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски вчеравечерта бил физички нападнат во центарот на Скопје. Како што објави Дојче веле, причина за нападот е постапката за одземање лиценца на фирма која се занимава со снабдување со струја.
Портпаролот на Регулаторната комисија го потврдил инцидентот за ДВ, а Бислимовски дал изјава во полиција. Според ДВ, се работи за Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер на ДУИ, Муса Џафери, и сопственик на компанијата за снабдување со електрична енергија „У пауер“.
Очевидци на настанот велат дека Џафери седнал на масата на која се наоѓал Бислимоски во еден скопски ресторан и по неколкуминутен разговор физички се пресметал со него. Аријанит Џафери најпрво барал објаснување од Бислимоски зошто Комисијата за енергетика започнала постапка за одземање на лиценцата на неговата фирма, а потоа и физички го нападнал. Откако неколкупати го удрил и го влечел Бислимоски, три лица од придружбата на Џафери успеале да го отргнат и сите заедно избегале во непознат правец.
Полицијата против Џафери ќе поднесе пријава за кривично дело за насилство, а за случајот е известен и јавен обвинител.
Сведоци на настанот велат дека Џафери со својата придружба седел на соседната маса до Бислимоски и во текот на вечерта во неколку наврати го провоцирал, но тој не одговарал на провокациите. Потоа седнал до него на масата со објаснување дека сака да поразговара со него, но по неколку минути го нападнал. Џафери барал од Бислимоски да ја запре постапката против неговата фирма, а кога тој одбил, Џафери почнал да го удира по главата.
Полицијата брзо пристигнала на местото на настанот, но не успеала да го пронајде напаѓачот.