Автобус прекриен со лицата на македонските олимпијци со А норма, Дејан Георгиевски и Магомедгаджи Нуров, е само еден од начините на кои жителите на Чигасаки им посакаа добредојде на спортистите од земјава на претстојните Летни олимписки игри (ЛОИ) во Токио. Градот со околу 250 000 жители е домаќин на првата група македонски олимпијци, кои иако се малубројни, тамошните власти се потрудиле да се чувствуваат како големи и важни гости.

Во видео објавено на Јутбјуб, градоначалникот на Чигасаки, Хикару Сато, прво ги поздравува македонските спортисти со поздравот „Македонија, Македонија напред“.
„Чигасаки е град домаќин на Република Северна Македонија за Летните олимписки игри и Параолимписките игри во Токио 2020 година. Се надеваме дека од овој момент ќе почне нашето пријателство. Се надевам дека луѓе од Македонија ќе го посетат Чигасаки. Граѓаните на Чигасаки и јас ќе навиваме за олимпијците од Република Северна Македонија“,
вели градоначалникот на Чигасаки, Хикару Сато.

Во видео обраќањето, потоа се редат повеќе граѓани кои извикуваат „Македонија напред“. Добредојде потоа посакува и шефот на извршниот комитет на игрите од Чигасаки, Хироши Ишида.
„Поминавте многу препреки за да се квалификувате за овие игри. Мислам дека напорот е голем особено што се обидувате да се натпреварувате во топ форма во време на ковид-19 пандемија. Ви посакуваме се најдобро“,
вели Ишида во обраќањето.
Игрите ќе бидат отворени во Токио на 23 јули.
Македонската олимписка експедиција за Игрите во Токио брои осум спортисти, кои ќе се натпреваруваат во седум дисциплини.
Настап под македонското знаме на Олимписките игри изборија пливачите Миа Блажевска – Еминова и Филип Деркоски, таеквондистот Дејан Георгиевски, атлетичарот Јован Стојоски, каратистката Пулексенија Јовановска, џудистката Арбреша Реџепи, стречалот Борјан Бранковски и борачот Могамедгаџи Нуров.
Македонски знаменосци на свеченото отворање ќе бидат Реџепи и Георгиевски.
Први од македонските олимпијци ќе настапат Дерковски и Бранковски на 24 јули, а ден подоцна на олимиската арена ќе настапи Реџепи.
