Пратеничката и универзитетска професорка оцени дека Талат Џафери промовира јазичен федерализам на меѓународен план, додека ВМРО-ДПМНЕ најави кривична пријава за претседателот на Собранието за прекршување на Уставот
Партијата Левица, пак, најави интерпелација за собранискиот спикер поради неговото официјално обраќање на албански јазик пред комисија во Европскиот парламент
ВМРО-ДПМНЕ најави кривична пријава за спикерот Талат Џафери за прекршување на Уставот, по неговото обраќање на албански јазик пред Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент, наспроти, како што вчера објави „360 степени“, уставниот член 7 (односно амандманот 5 од 2001 година), според кој македонскиот јазик е службен јазик во меѓународната комуникација на државата.
Универзитетската професорка и пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, пак, на прес-конференција во Собранието, остро го критикуваше настапот на Џафери, посочувајќи дека со обраќањето на албански јазик пред форум на ЕП го прекршил Уставот, преку своја лична интерпретација на одредбите на јазикот, како и дека за тоа треба да одговара. Таа ја повика и претседателката на Уставниот суд да постапи по иницијативите за оценка на уставноста на Законот за употреба на јазиците.
„Претседателот на Собранието го промовираше на меѓународен план јазичниот федерализам. Тој зборуваше на албански јазик и би сакала да упатам на уставното решение, односно на амандманот 5 од Уставот, член 1, во кое јасно се вели дека на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Ставот 2 од истиот Член од Уставот вели дека јазикот кој го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните исто така е службен јазик со неговото писмо, но во истиот член никаде не пишува дека истиот може да се употребува во меѓународните односи.-Ова значи дека господинот Талат Џафери си го допиша Уставот преку своја лична интерпретација на одредбите за јазикот“,
истакна Силјаноска Давкова.
Партијата Левица, пак, најави интерпелација за собранискиот спикер поради неговото официјално обраќање на албански јазик пред комисија во Европскиот парламент.
Како што објави вчера „360 степени“, претседателот на македонскиот парламент се обрати на албански јазик пред Комитетот за надворешни работи, во рамки на Самитот „Европски парламент – Западен Балкан“ во Брисел, иако според уставниот амандман 5 од 2001 година „на целата територија во Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо“.

Во кус телефонски разговор за „360 степени“, Џафери денеска од Брисел објаснуваше дека зборувал на албански јазик единствено пред Комисијата за надворешни работи.
„Вие сте го гледале само состанокот на Комисијата. А што станува со пленарната сесија? Во Брисел сум, не ме малтретирај, имате амбасадор тука, па прашајте како сум зборувал“,
рече Џафери.