Главна причина за воздржаноста за вакцинација против ковид-19 во Шуто Оризари, општина со највисок процент на примени редовни вакцини, се сметаат дезинформациите на социјалните мрежи
Намалениот интерес на вакциналниот пункт во Шуто Оризари се должи и на тоа што тамошните жители најмногу ја сакаат вакцината на „Фајзер“, а на располагање е само онаа на „Синовак“
Од втората половина на октомври, во 15 општини во Северна Македонија, Институтот „Ромалитико“, поддржан од ЕУ и Советот на Европа, спроведува активности за подигнување на свеста кај ромската заедница за заштита на личното и јавното здравје од коронавирусот
Ако пред два-три месеци на вакциналниот пункт во поликлиниката во скопската Општина Шуто Оризари против ковид-19 се вакцинираа и по 200-300 луѓе дневно, сега бројот е намален за десетпати. Докторката Снежана Зоксимовска, која работи во оваа поликлиника, потврдува дека динамиката со која се одвива вакцинацијата против ковид-19 во оваа општина е значително намалена, но вели дека тоа е тренд и во другите вакцинални пунктови во земјава.
„Од почетокот, кога се отвори пунктот на 12 јули, имавме по 200-300 лица во една смена, бидејќи само една смена и работиме. Сега е многу намален интересот, имаме по 20 до 30 лица на ден. Намален е како и секаде низ Македонија или на Балканот, да речеме, за што ми е многу жал. Но, се трудиме, колку што можеме, да ги убедиме луѓето да дојдат да примат вакцина“,
вели д-р Зоксимовска.
На почетокот имало интерес кај сите возрасни групи.
„Кога почнавме да вакцинираме во Шуто Оризари, доаѓаа лица од сите возрасти, но доаѓаа и релативно млади, на возраст од 30-40 или 50 години. Поттик беше и мерката на Владата за да може да влезат во трговски центри, кафулиња, ресторани… Но, имаше и повозрасни луѓе кои доаѓаа од здравствени причини, буквално за да се заштитат“,
вели д-р Зоксимовска.
„Фајзер“ – прв избор, но ја нема во Шуто Оризари
Жителите со кои разговаравме ни кажаа дека кога би се вакцинирале би примиле „Фајзер“, бидејќи со таа вакцина полесно ќе можат да патуваат низ Европа. Но, на вакциналниот пункт во Шуто Оризари, во моментов, се дава само вакцината „Синовак“, па граѓаните често одат на други пунктови за да примат „Фајзер“.
„Дојдов да ја придружувам мајка ми да се вакцинира, бидејќи е повозрасна и не може сама да дојде. Јас не примав тука вакцина туку во спортската сала ’Борис Трајковски’ оти работам во близина, а и сакав да примам ‘Фајзер’. Сега за еден месец треба да патувам за Германија да ѝ помогнам на сестра ми за чување на поголемото дете, пред неколку месеци се породи со друго и ѝ треба помош. Затоа одбрав ‘Фајзер’, за полесно да можам да патувам“,
ни кажа еден од жителите што го затекнавме во дворот на поликлиниката.
Докторката Зоксимовска вели дека оваа желба на граѓаните е една од причините зошто на овој вакцинален пункт е намален интересот за вакцинација.
„Во Шуто Оризари се дава ‘Синовак’, а ним вакцината им е потребна за патување, па бараат ‘Фајзер’. Сега, пак, откако ’Фајзер’ почна да се дава во Чаир и во другите пунктови, одат таму, а тука доаѓаат луѓе што сакаат да се заштитат од вирусот или што сакаат да примат вакцина која дава помалку поствакцинални нормални реакции за разлика од ‘Фајзер’“,
вели д-р Зоксимовска.
Таа додава дека по последната одлука, дека оние што примиле „Синовак“ по три месеци од втората доза може да примат „Фајзер“ како засилувачка доза, се препраќаат во Чаир или на другите пунктови.
Сепак, задоволително?
Директорот на Здравствен дом Скопје, д-р Виктор Исјановски, вели дека сите што сакаат да ја примат вакцината „Фајзер“, освен во поликлиниката Чаир, тоа може да го сторат и во поликлиниките „Јане Сандански“ или „Букурешт“.
„На ниво на Скопје трите поголеми вакцинални пункта во поликлиниките ‘Букурешт’, ‘Јане Сандански’ и Чаир работат во две смени за сите граѓани што сакаат да се вакцинираат со прва доза и ревакцина и за лицата на кои им е препорачана трета доза, што се спроведува исклучиво со ‘Фајзер’. Во преостанатите поликлиники – Ченто, Ѓорче Петров, Драчево и Шуто Оризари, вакциналните пунктови работат во една смена, до 14 часот, и се аплицира прва доза и ревакцина со ‘Синовак’“,
објаснува д-р Исјановски.
Според него, имунизацијата на ниво на Шуто Оризари се одвива со задоволителна динамика.
До средината на октомври, според податоците од поликлиниката, прва доза примиле 3 970 жители, а втора доза примиле 3 474 лица.
„Некои дојдоа да примат само прва доза, со цел да добијат сертификат и да можат слободно да влегуваат во ресторани, трговски центри. Имаше и случаи на зараза меѓу прва и втора доза, па го пропуштаа терминот за ревакцина“,
вели д-р Зоксимовска.
Здравствени медијатори на помош
Во служба на граѓаните се ангажирани и здравствени медијатори кои постојано седат на вакциналниот пункт и со едукативни разговори и летоци ги информираат граѓаните за ползата од вакцинацијата. Тие им помагаат на некои жители да ги пополнат формуларите, а им стојат на располагање да им бидат и придружба, ако е потребно, за граѓани што не можат да дојдат сами на вакциналниот пункт.
Бежика Асан и Муарем Абди, двајца од овие здравствени медијатори, сметаат дека главна причина за слабиот интерес на граѓаните се дезинформациите што ги читаат на социјалните мрежи.
„Има различни причини зошто одбиваат да примат вакцина. На пример, велат дека вакцината не е доволно испитана, дека носи ризик од стерилитет и други дезинформации што се шират на социјалните мрежи, како и меѓу самиот народ“,
велат здравствените медијатори.
Доктор Зоксимовска е согласна со ова и вели дека негативните кампањи, особено на Фејсбук, се основна причина зошто помладите не сакаат да се вакцинираат против ковид-19.
„Доаѓаат преплашени и мислат дека поради вакцината нема да може да имаат деца. Тоа им предизвикува стрес, а е најголемата лага што може да се каже, најголема невистина и секаде се трудам да го демантирам тоа, не само тука, дека вакцината не влијае на плодноста. Дури, напротив, прележан ковид-19 може да предизвика стерилитет и да ја намали можноста за деца“,
вели д-р Зоксимовска.
Со сите научни докази, вели д-р Зоксимовска, на граѓаните им се објаснува дека вакцината им го спасува животот, без разлика за која вакцина станува збор, било „Синовак“ или „Фајзер“.
„Им ги кажувам примерите со Португалија, Шпанија, Данска, каде што 95 отсто од луѓето се вакцинирани и нека видат колку малку луѓе умираат таму. За разлика од кај нас, од Србија, Бугарија, остатокот од Балканот, затоа што антиваксерското лоби е многу силно“,
вели д-р Зоксимовска.
Само за споредба, д-р Зоксимовска го сподели фактот дека во оваа општина има највисок процент на вакцинирани со редовните и детските вакцини, кои се даваат како превенција од други заболувања.
„Пред две години, кога имавме епидемија на морбили, овде немаше ниту еден случај. Тоа е доказ за бенефитот од вакцинацијата“,
вели таа.
Кампања во 15 општини
Од втората половина на октомври започнаа да се спроведуваат повеќе активности за подигнување на свеста кај ромската заедница за заштита на личното и јавното здравје од коронавирусот. Овие активности се во рамките на втората фаза на РОМАКТЕД-програмата, која е финансирана од Европската Унија и Советот на Европа.
Од Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“, кои се дел од имплементацијата на оваа фаза од Програмата заедно со Советот на Европа, велат дека активностите се фокусирани на теренско вакцинирање во ромските населби Раштански Пат и Мексико во Кичево, но и информативни средби со заедницата за важноста да се биде вакциниран во Кочани, Штип, Прилеп, Битола, Кичево, Дебар, Берово и Делчево. Активностите се дизајнирани според претходно утврдена состојба за тоа колку се вакцинирани, колку одбиваат, кои се причините за слабиот одзив на вакцинирање и слично.
„Заради подобра организација и координација, во септември претходеа средби со министерот за здравство Венко Филипче и со директорите на јавните здравствени домови во 15-те партнерски општини на оваа програма: Крива Паланка, Струмица, Шуто Оризари, Дебар, Кочани, Битола, Велес, Виница, Штип, Делчево, Берово, Кичево, Тетово и Прилеп. Активностите за заштита од коронавирусот кај локалната ромска заедница продолжува и во ноември“,
велат од „Ромалитико“.