Бројот на заразени во француските училишта нагло порасна, додека земјата постави рекорд од речиси 370 000 нови случаи во последните 24 часа

Наставниците во Франција денеска ги напуштија своите работни места поради, како што велат, владиниот неуспех да се спроведе доследна политика кон училиштата, со цел да се спречи пандемијата на ковид-19 и правилно да се заштитат учениците и персоналот.
Наставници, родители, како и други вработени во училиштата се соочиле со тешкотии бидејќи новите правила за тестирање биле најавени само еден ден пред враќањето од зимскиот распуст, а оттогаш и два пати се промениле.
„Достигнавме такво ниво на огорченост, умор и бес, што едноставно немавме друга опција освен да организираме штрајк за да им испратиме силна порака до владата“,
изјави Елизабет Ален-Морено, главна секретарка во синдикатот на просветните работници за француските медиуми.
Синдикатите соопштија дека очекуваат многу училишта да останат затворени денеска и дека очекуваат голем број наставници, дури 75 отсто од нив во основните училишта, да станат дел од еднодневниот штрајк.
Владата, пак, која ја промени политиката за брзо затворање на одделенијата во кои ќе се детектира ковид-19, и сега во протоколот стои дека одделенијата треба да функционираат колку што е тоа возможно, истакнувајќи дека помалиот степен на компликации е цена која треба да се плати.
„Знам дека е тешко, но штрајкот не ги решава проблемите. Не можете да штрајкувате против вирусот“,
изјави францускиот министер за образование Жан-Мишел Бланкер за француската телевизија БФМ ТВ.
Бројот на заразени во француските училишта нагло порасна, додека земјата постави рекорд од речиси 370 000 нови случаи во последните 24 часа.
„Исцрпеноста и огорченоста на целата образовна заедница достигна невидено ниво. Одговорноста во оваа хаотична ситуација во целост лежи во министерот и во целата Влада поради редовните промени на ставовите, неизводливите протоколи и недостатокот на примарни алатки, со кои ќе се гарантира нормалното функционирање на училиштата“,
стои во соопштението на француските синдикати за образование.