Споделувањето на власта на локално ниво со граѓаните или граѓанските организации, ја олеснува работата на градоначалниците. Така барем велат челниците на неколку општини во Северна Македонија.
За градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, важно е граѓаните да бидат дел од процесот на донесување одлуки за општинските власти, заедно со нив, да најдат начин да го направат најдоброто и за општината и за граѓаните.
„Го воспоставивме овој процес на отчетност, отворени денови, редовни состаноци со граѓани. Досега, врз основа на тој инструмент, сум сретнала над 20 илјади граѓани со организиран систем и истовремено во текот на процесот на подготовка на општинскиот буџет секој сектор има отворени оперативни состаноци со групи од интерес и граѓани со цел да оствари реализација и целосна соработка, зашто нашиот интерес е да бидеме што е можно поблиску до граѓанинот и нормално што е можно поблиску до барањата што навистина имаме обврска да ги реализираме“,
вели Арифи.
Соработка на локалната самоуправа со граѓаните не недостасува ниту во Гостивар, барем според првиот човек на општината Арбен Таравари.
„Но не само за годишниот буџет и програмата, ние како општина одлучивме за многу прашања на пример еколошки, за издавање на каменоломи за разни проекти што планираме да ги направиме во општина Гостивар секогаш земаме мислење и од обичниот граѓанин или граѓанското општество и верувајте дека ова има одличен ефект кај граѓаните бидејќи тие мислат и се дел од одлуките“,
вели Таравари.
Според градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, постојаната комуникација на пштината и граѓаните е голема демократска придобивка. Преку изборите, вели тој, граѓаните го делегираат своето право на власт на своите претставници, а со понатамошното учество на граѓаните, властите се должни да бидат транспарентни и да ги консултираат и вклучуваат граѓаните во одлучувањето.
„Мислам дека ова е вин-вин, победничка комбинација за сите. За раководството на општината е важно затоа што на тој начин се проширува политиката основа на власта и градоначалниците и членовите на советите всушност ги трошат народните пари на даночните обврзници за приоритети кои ги избрале самите граѓани. На тој начин и задоволството на граѓаните е многу поголемо отколку ако без нивна консултација приоритетите ги одредуваат градоначалниците и членовите на советите“,
вели Коцевски.
Градоначалниците што ги интервјуиравме се подготвени да ја продолжат практиката на организирање граѓански форуми, бидејќи досегашното искуство, според нив, дало ефекти.
„Форумите во заедниците се голема придобивка и должиме огромна благодарност на швајцарската Агенција за развој и соработка што ни ја предложи како алатка што веќе ја прифативме и заради тоа направивме соодветни измени во статутот на општината и откако ќе завршат проектите ние и без донаторите планираме да продолжиме со реализација на Форуми во заедниците и да ги консултираме граѓаните и граѓанките за важните работи кои треба да се одлучуваат особено за приоритетите за трошењето на народните пари“,
додава Коцевски.
„Мислам дека е многу драгоцено за нас тоа што во овој процес на конкуренција се јавуваат повеќе проекти и оние проекти, на пример, кои не успеваат да се квалификуват ги имаме предвид во рамките на нашите буџети или други процеси, всушност тоа е процес за кој вообичаено остануваме заинтересирани да продолжиме со овие партнери, но зошто да не и со нивна поддршка и при изборот на наши проекти“,
вели градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.
Градоначалникот на Гостивар вели дека ваквите форуми функсионирале добро, и тој како неговите колеги се надева дека со истото темпо ќе продолжат и во иднина.
„Силно имам намера да продолжиме и во иднина со форуми со единствена цел велам дека граѓанинот, советникот, граѓанското општество да бидат дел од власта заедно со градоначалникот и општинскиот совет“,
вели Таравари.