Минатото лето беше особено „жешко“ во скопска Кисела Вода. Локалното население „зовре“ против Центарот за зависници.
„Се боцкаат на недолични места, што се вели, а нашите деца се приморани да го гледаат тоа“,
изјави тогаш една жителка на Кисела вода.
Јавниот притисок го натера Министерството за здравство да најави распределба на дел од пациентите од Кисела Вода во поликлиниките „Јане Сандански“ и „Ченто“ и психијатриската болница во Бардовци.
„Сликата којашто ја имаат сега не е вистинската и таа којашто ќе биде ако се случи дисперзијата“,
најави уште тогаш министерот Филипче.
Но, потоа, протестираа жителите околу поликлиниките „Јане Сандански“ и „Ченто“, па дисперзијата никогаш не се случи. Дали се смени нешто во Кисела Вода?
Седум месеци подоцна. Околината околу Центарот за зависности во Кисела Вода изгледа за нијанса подобро – нема зависници што се боцкаат јавно и расфрлени шприцови. Повремено, обиколки прави и полицијата.
Дали нешто е сменето и однатре? Не добивме одговор на ова прашање од персоналот што работи во Центарот за зависности. Бројките покажуваат дека состојбата е, сепак, незадоволителна.
Во моментот, Центарот за зависности во Кисела вода опслужува околу 530 корисници на метадонска терапија. За пациентите се грижат 4 психијатри, двајца социјални работници и двајца психолози, а останатите се медицински сестри со средна стручна спрема. Или, на секој психијатар има околу 130 пациенти, што е далеку од европскиот просек кој пропишува дека еден психијатар треба да работи со најмногу 50 зависници.
Проблемот со недостигот на персонал е видлив и за самите корисници на Центарот.
„Нормално дека двајца доктори ако имаат 50 пациенти е една работа, ако имаат 500 пациенти е друга работа. Друго е да може да те види секоја недела по половина час, друго е во месецот да те види еднаш“,
објаснува пациент од Центарот за зависници во Кисела вода.
Откако не се случи децентрализација на Центрите за зависности во Скопје, за пациентите остана проблемот на патување од други општини до Кисела Вода за да се лекуваат. Некои мораат да менуваат и по неколку автобуси, а трошоците ги плаќаат од свој џеб.
„Општинска база би било најдобро решение, секој да си ја подигнува терапијата. На пример, тие што се во Чаир, во поликлиника ‘Чаир’, тие што живеат во Карпош – во ‘8 Септември’. ‘8 Септември’ е добар пример на добро функционирање и никогаш немало проблем“,
вели тој.
Центарот во градската болница „8 Септември“ од 2012 година ги лекува само пациентите со лична карта од Општина Карпош. Но, тој не е дел од програмата за децентрализација на програмите за зависности во Град Скопје.
„Бројот на пациенти овозможува поголема контрола на пациенти, особено ако одреден број пациенти се стабилни и со години се на супституциски третман. Сакам да потсетам дека 44 пациенти со лични карти од Општина Карпош си беа пренасочени од Центарот во Кисела Вода. Тоа можеби не значеше растоварување за тимот на моите колеги таму, но тоа е една добра половина од сегашниот број на пациенти што е над 80, којашто како таква дојде од програмата во Кисела вода“,
смета психијатарот Дарко Костовски.
Психијатарот Костовски го поддржува планот на Министерството за здравство за дисперзија на Центрите во другите општини. Но предупредува дека новите центри ќе се соочат со проблемот на актуелните центри – немање стручен кадар.
„И отворањето на тие центри, и свежиот мирис на боја и стаклото шалтерско што ќе биде поставено ќе треба некој да оди и да работи таму. Другата опција што се заговара е што е предмет на големи дискусии, понекогаш на мисперцепции и емотивни реакции и на потребата нешто да се направи, за жал е да постоечките центри на некој начин да се пополнат. Тогаш ќе имаме пад на квалитетот на третманот во тие центри“,
вели Костовски.
Без доволно персонал, Центрите за зависности во цела држава се претворени во шалтери каде што се подига терапијата. А без медицински надзор и соодветна психосоцијална поддршка, се доведува во прашање и успехот на третманот и се случува злоупотреба на метадонот. Овие заклучоци се дел од истражувањето на невладината ХОПС за квалитетот на програмите за лекување за 2019 година.
„Генерално, никаде не цветаат рози, секаде има одредени видови проблеми кои или ги немало ви минатото или не биле толку големи“,
сметаат од ХОПС.
Но, министерот за здравство Венко Филипче убедува дека решението кое го подготвило ресорното министерство ќе ги искорени овие појави. Со дисперзијата, вели Филипче, ќе исчезне и злоупотребата бидејќи ќе се намали бројот на пациенти во еден центар и терапијата ќе се зема под медицински надзор.
„Ние ретериравме малку во изминатиот период заради некои други активности кои ги имавме во Здравствениот дом во Скопје, понатаму заради административните пречки, за доделување на простор од Здравствениот дом кон Психијатирската болница, требаше да се помине една административна процедура и сето ова одзема време. Да се направи план и распоред на здравствени работници, да се примат здравствени работници да работа, тоа е еден целокупен процес на обезбедување финансиска согласност распишување на конкурс, на пример“,
објаснува министерот Филипче.
Филипче е свесен за недостигот на стручни кадри, па проблемот ќе се решава со систем на ротација.
„Експерти кои ќе можат да одат на повеќе места, за што со порано распишаните извори не успеавме да направиме уште една измена во законот за здравствена заштита, тоа ќе следи после изборите, за да може еден лекар да работи во која било здравствена институција со дозвола на менаџерот, директорот на неговата матична јавна здравствена установа“,
вели првиот човек на Министерството за здравство.
Дисперзија на центрите во повеќе засебни единици не е потреба само за Скопје. Во Охрид, на пример, до 2017 година, интегрираниот центар за зависности функционираше на друга локација. Располагаше со простор за добивање метадонска терапија, психосоцијална поддршка, креативни работилници и програма за оспособување за работа. Сега во Центарот, како дел од Општата болница, кој опслужува пациенти и од Струга, Дебар и Кичево, тоа речиси и да го нема.
„Тешко им е, заради физичкото патување, поврзаноста со центарот, второ заради финансискиот момент, затоа што на дел од корисниците, соодветните центри за социјална работа во општините им плаќаат патни трошоци, а на дел не. Ако се вработени, мораат еден ден посебно на тие што патуваат да го одвојат за доаѓање на терапија или преглед еднаш неделно“,
објаснува Лаброска.
Доктор Лаброска е општ лекар и располага со тим од 3 медицински сестри. А на списокот има 170 пациенти со просечна возраст од 40 години.
Значаен дел од нив се веќе ресоцијализирани. Еден од пациентите со кои разговаравме во Охрид вели дека борбата со зависноста е исто толку тешка колку и борбата со предрасудите и дискриминација со кои се соочува. А, токму дискриминацијата најмногу се случува во работните односи и пристапот до здравствени услови, проблеми за кои бесплатна правна помош на луѓето што употребуваат дроги обезбедува Мрежата за заштита од дискриминација.
„Работам приватно како фотограф, камерман. Искрено, сум аплицирал двапати, но, ете одбиен, во државна институција и во градското наше биро. Јас не кријам, му кажувам дека сум на терапија и тие работи, но се чувствувам здрав, прав и способен. Дискриминација во некои од институциите има поради тоа, кога се види дека сте на терапија подруго те гледаат“,
се жали пациент од Центарот за зависности во Охрид.
Покрај системска промена за подобрување на квалитетот на програмите за лекување на зависности, потребна е и работа за менување на свеста кај населението, сметаат од ХОПС.
„Во договор со општините, кога ќе почне да се реализира таа дисперзија, заеднички да работиме на едукација на населението. Не верувам дека со една, две или три едукации ќе го смениме менталитетот на луѓето“,
но верувам дека тоа ќе помогне,сметаат од ХОПС.
Една од точките каде што се потфрла е што во програмите не се вклучени малолетните лица и дел од ромската популација која не поседува лична карта и извод од матична книга на родени.
„Веќе 10-ина години инициравме посебна програма за лекување и грижа за деца и малолетници кои користат дроги. Таа програма е изработена, но не и усвоена од страна на Владата“,
вели Влатко Деков од ХОПС.
Лекувањето на зависност од дрога се одвива во 10 града во државата или во 11 центри од кои два се во Скопје. Последните податоци на Министерството за здравство од 2017 година покажуваат дека околу 1 600 лица се лекуваат со метадон, а 250 со бупренорфин, а се проценува дека околу 6 800 луѓе инјектираат дроги во државата. Тоа значи дека опфатот на програмите за лекување на зависности изнесува 27 отсто, што е далеку под европскиот просек, кој изнесува 50 отсто.