
Во струмичко Владевци е една од најголемите оранжерии за производство на сезонско цвеќе во земјава. Во овие пластеници на површина од два хектара годишно се произведуваат околу два милиона саксии цвеќе. Пред корона-кризата, за 8 Март се продала речиси целата планирана стока.

„После 8 Март настанаа проблеми со кои нашето производство не може да се пласира на пазарот заради настанатата ситуација“,
вели Соња Маџункарова-Василева – производител на цвеќе од с. Владевци, Струмичко.
Управителката на оваа компанија, Соња Маџункарова-Василева, вели дека извозот е целосно запрен, а на домашните потрошувачи сега не им е до садење цвеќе. Па оваа црвена сардела наместо во нечиј двор и натаму расте под пластениците.
„Цвеќето се гледа моментално дека е во полна фаза за продажба на пазарот. Се гледа полн цвет. Има дел од цвеќињата кои почнуваат да прецутуваат“,
вели Маџункарова-Василева.
А такви веќе никој не ги купува. Истото се случува и со останатите сорти.
„За прецутеното веќе пласман нема. Ова цвеќе ако не се пласира на пазарот за 10 дена исто ќе стигне до оваа фаза“,
вели Маџункарова-Василева.
Нивните вработени сега ги поткаструваат пораснатите цвеќиња во обидат да спасат дел од производството.
„Тоа е продолжување на векот на цвеќето, но само за одреден период. Ние тоа не можеме да го правиме тековно. Тоа е продолжување за 10 дена“,
вели Маџункарова-Василева.

Просторот е преполнет и со стасаната бегонија, па дел од цвеќињата се закачени да висат, а системот за нивно наводнување е дополнителна инвестиција направена пред неколку дена.
„Доколку не излезат на продажба ќе бидеме приморани цвеќето да го уништиме“,
вели Маџункарова-Василева.
Имаат вкупно 17 вработени кои засега не планираат да ги отпуштат. Вообичаено сезонски ангажираат уште дваесеттина работници, но нема да ги повикаат зашто за нив во овие околности нема работа.
„Ние со тие мерки што се моментално за да ни ги покријат трошоците за плата не би издржале“,
вели Маџункарова-Василева.
– Зошто?
„Затоа што ние имаме милионски суми вложени средства за производство за кај нас, ова за работниците не би ги спасило фирмите. Исто и банкарските кредити како што ги имаме земено, мерката што ја имаше преземено Владата, аконтација, значи тоа е само одлагање на плаќањето. Нашиот трошок повторно пропаѓа“,
вели Маџункарова-Василева.
Прашавме дали производителите на цвеќе, покрај владините мерки, можат и самите да го „одврзат кесето“ за да си го спасат бизнисот во актуелната криза.
„Ние ‘кесе’ имаме од банките во коишто веќе имаме земено банкарски кредити. Во кои веќе сме задолжени. Ние треба да оствариме приход за да ги вратиме кредитите, да ги плаќаме тековните трошоци, да плаќаме трошоци за репроматеријали, а ние во ваква ситуација не можеме да планираме ниту тековно есенско производство“,
вели Маџункарова-Василева.
Затоа бараат Владата да донесе дополнителни мерки.
„Со кои би се формирале комисии да дојдат на лице место кај сите производители на цвеќе, да ја видат фактичката состојба, да направат некој попис на цвеќето, на тоа производство колку би чинело и доколку цвеќето не излезе, не се пласира на пазарот, не се продаде, а ние се надеваме дека цвеќето можеби ќе се продаде, но доколку не се продаде да ни се обесштетат кај нас трошоците на непродаденото цвеќе“,
вели Маџункарова-Василева.

Тетово според последниот попис има 80 илјади, според сегашните проценки околу 100 илјади жители. Толкава популација веројатно е добра за водење бизнис, но станува се потешко во услови на корона-криза. Еве како сега функционираат малите бизниси. Ви ги пренесуваме атмосферата од тетовската чаршија, како и приказните на еден физиотерапевт, на еден бербер и на еден угостител.

Уличката што води кон познатата тетовска „Горна чаршија“ има многу дуќани – затворени.

Насир Сулејмани отворил само за да го исчисти снегот пред локалот. Вели дека муштерија не влегол веќе дваесеттина дена. Нему добро би му дошла мерката за исплата на минимална плата.

„Моментално имам седум работници со стаж. Барем платите да ги земат“,
вели Насир Сулејмани – трговец од Тетово.

Во некои од мерките полза гледаат и во овој салон за физикална терапија. Во него има шестмина вработени, а дневно сега им доаѓаат само неколку клиенти.
„Ова е сала за масажа. Жалосно, на ова време, во вакви услови, да биде празно“,
вели Авни Кучи – физиотерапевт од Тетово.
Физиотерапевтот Авни Кучи вели дека одржувањето на хигиената е стандардно, а сега и редовно дезинфицираат. Сепак, контактот со пациентите е многу близок, па ретко кој се решава да дојде на масажа.
„Државата даде бенефиции. Вчера премиерот кажа. Не знам дали ние ќе влеземе во некој пакет. Но, како и да е, јас што имам кај мене ќе дадам за работниците. Јас не смеам да ги отпуштам. Тие ќе останат тука. Дали кредит или не знам што, можеби ќе продадам нешто од мене, но работниците нема да ги отпуштам“,
вели Кучи.

Можеби масажа може и да се прескокне, но не и потстрижување. Седат Османи е познат бербер во Тетово – во еснафот е 20 години. Вели дека сега доаѓаат околу 30 отсто од редовните муштерии.

„Им се јавуваме на луѓето по телефон, еден по еден ги викаме да дојдат. Прво ги прашуваме како се, дали се добри. Ако се болни, ги советуваме да не доаѓаат и да не излегуваат од дома за да не нѐ разболат и нас“,
вели Седат Османи – бербер од Тетово.
Дел од владините мерки се однесуваат и на занаетчиите како Османи.
„Се надевам дека нашата држава ќе ни помогне како занаетчии, дај боже, барем да ни ги покрие кириите, струјата, водата, за да останеме на нозе, инаку сами нема да можеме да излеземе на крај. Ако немаме помош, максимум еден месец ќе можеме да опстоиме“,
вели Османи.

Далеку попесимистички на оваа состојба гледа Ненад Петровиќ, кој е сопственик на еден од најпознатите ресторани во Тетово. Нема многу надеж зашто со забраната за работа угостителите немаат ни денар прилив.

„Средствата од заработувачката се многу мали. Не можеш да планираш за поголем период дека можеш да опстанеш, за да можеш да финансираш нешто и за да можеш да помогнеш во оваа криза. Единствениот спас на кој сега се чека е таа помош од државата. Колку и како државата ќе помогне треба да се види. Има некои од тие приватници кои долгогодишно работеле и можат да го издржат тоа тековниот месец и можеби уште еден месец, само толку, затоа што заработката не е како што била порано“,
вели Петровиќ.

Размислува за подигнување бескаматен кредит но сè уште не одлучил бидејќи, вели, тоа е дополнително задолжување на веќе постојните кредити. За мерката – минимална плата за вработените вели дека ќе помогне но само за почеток.
„Ако се земе 14 500 денари минималец ние сме обврзани заклучно со септември да не смееме бројката на вработени да ја намалиме. Која е гаранцијата дека после опоравувањето колкав ќе биде обемот на работа и дали тие вработени што биле до март или заклучно со февруари и дали таа бројка на вработени ќе ни треба нам за ние понатаму и со исто темпо да продолжиме понатаму? Тоа ќе биде тешко, многу.“
вели Петровиќ.
И покрај затворената порта пред неговиот ресторан, Петровиќ веќе размислува како би течело закрепнувањето во неговиот сектор кога кризата ќе заврши – време кое едвај го чека, но за кое смета дека ќе биде уште поголем предизвик од сегашниот.