Спорот меѓу Македонија и Бугарија е од голема важност за Македонците, но судбината на преговорите влијае и на сите други во државата. Најголема етничка заедница по Македонците се Албанците, а лидерите на најголемите партии на Албанците веќе ги испратија своите пораки.
Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, кажа дека стојат рамо до рамо со Македонците во процесот со Бугарија.
„Ние се солидаризираме со нашите македонски сограѓани и никогаш не сме спореле за ништо, без оглед дали се работи за историја, јазик или култура“,
кажа Ахмети.
Лидерот на најголемата опозициска партија на Албанците вели дека ги разбира Македонците, зашто и неговиот мајчин јазик се нарекува „јазик што го говорат 20%“ и тоа во Уставот
„Јас разбирам кога се погодени Македонците кога некој им вели дека нивниот јазик треба да се нарече само официјален јазик на државата. Затоа што јас сум во позиција во која мојот јазик, јазикот на мојата мајка, се дефинира со дефиниција која е уште поскандалозна“,
вели Села.
Што мислат обичните граѓани Албанци за меѓудржавниот спор. Нашите соговорници ги најдовме во чајџилница во Старата скопска чаршија. Највозрасните ги памтат преданијата за Бугарија од Втората светска војна и тоа не по добро.
„Извршија масакри, мачеа и кај македонскиот народ и кај Албанците“,
раскажа граѓанин.
Нашите соговорници имаа различни видувања за спорот, а еден од нив мисли дека вината е кај Европа, но и кај самите Македонци.
„Бугарија не е виновна, Европа и самите Македонци се виновни, затоа што самите себе се презираат. Наместо да кажат (Македонците н.з.) ние сме народ долго време, тие ја користат 44-45 година. Знаеме дека Тито ја направи Македонија држава, но Македонците постоеја и претходно“.
рече друг граѓанин.
И покрај сè, нашите соговорници се оптимисти дека на крај ќе се најде решение на спорот.
„Со незачленувањето губат сите, не само Албанците, туку и Македонија. Но, ветото ќе се тргне и ќе се зачлениме. Ќе постигнат договор. И Бугарите од една страна ќе направат отстапки и Македонците од друга страна“,
вели граѓанин.
Но, нашето друштво во чајџилницата не беше толку оптимистички настроено кон тимот што би требало да помогне во преговорите.
„-Кој мислите дека може да го реши овој проблем?
Има многу политичари, имам и многу силни Албанци, земете го Луан Старова за пример.
-Сметате ли дека академик Луан Старова може да го реши овој проблем?
Луан Старова барем не попушта“.
„Што да прави само еден Бујар Османи. Кој го прашува Бујар Османи? Тие можат со еден збор да му ја затворат устата Бугарите, не мешај се затоа што ти си Албанец, знаеме дека сте стар народ. Не мешај се кај Македонците, ние ќе ја решиме сами оваа работа ако сакаме, но овие не сакаат“.
„Жал ми е за тоа момче, Бујар Османи, кого го ставаат во стапици, многу жално, но треба да станат албанските политички партии и да му дадат грб нему, да не го оставаат сам, како што го оставија Зијадин Села – таму не го тепаа Зијадин, таму целиот албански народ го тепаа“,
велат граѓаните кои ги анкетиравме.

До смената на власта во 2017 година, чести беа повиците од албанскиот политички фактор да учествува рамноправно во надворешната политика на земјата. Затоа, разговаравме и со Алијансата за Албанците и со ДУИ, за тоа дали сметаат дека Албанците се соодветно вклучени во разговорите со Бугарија.
Од опозицијата немаат забелешка по етничка линија, но сметаат дека тежината на прашањето наметнува инклузија на опозицијата, во форма на широка влада.

„Сигурно ќе имаше поголем ефект, затоа што би имале инклузивен процес, сеопфатен, каде секој би имал тежина на одговорност да биде дел од овој процес за да создаде можности за дијалог дури и да дефинира евентуален компромис. Знаете дека минатата година, во 2019 година, имавме вето на Франција и како резултат на тоа земјата отиде на предвремени избори и во рамките на ова е многу природно, ако се блокира како процес, да се направи обид да се има внатрешна политичка кохезија, затоа што од бугарска страна гледаме дека тие се обединети во своите ставови, додека овде имаме различни ставови“,
вели Беџети.
ДУИ, чиј кадар е министер за надворешни работи, разбирливо, нема забелешки на вклученоста во прашањето со Бугарија. Пратеникот Арбр Адеми, кој е поранешен вицепремиер за европски прашања, не гледа оправданост за забелешките на опозицијата.

„За жал, опозицијата нема идеја, нема визија, освен да критикува и да бара по секоја цена да стане дел од Владата, дури и без легитимитет на граѓаните, ништо друго не понуди. На 15 јули граѓаните дадоа зелено светло, и дадоа легитимитет на оваа Влада за да го продолжиме европскиот курс, за да го продолжиме евроатлантскиот курс. Знаете и гледате дека поддршката доаѓа од европските институции, поддршката доаѓа од нашиот стратешки партнер САД, г-дин Рикер преку јавно писмо упатено до премиерот на земјата каде изрази поддршка за постигнување на овие стратешки цели.“
возвраќа Адеми.
Тој додава дека Албанците никогаш нема да се откажат од поддршката за членство на земјата во Европската Унија. За спорот со Бугарија смета дека земјава не направила грешки.
„Ако вината ја нашле во нашите институции, зошто ова прашање да не се покрене, да не се адресира, да не се испитува, дебатира и во Собранието, Владата или надвор од институционалните коридори, пред јавноста, и да се види каде се нашите можни пропусти и грешки. Но, досега немаше никакви пропусти, немаше грешки. Северна Македонија направи историски чекори во позитивна насока, во смисла на напредок во заокружувањето и постигнувањето на овие стратешки определби“.
Флакрон Беџети од Алијанса за Албанците дава поддршка на Македонците во спорот со Бугарија. Но, додава дека слично се чувствуваат и Албанците во земјава кога, на пример, бараат во Уставот да пишува „албански јазик“, а не јазик што го говорат најмалку 20%.
„Покажавме солидарност и разбирливо е дека во иднина мора да имаме заедничка стратегија за зајакнување на нашите позиции за да не дозволиме Уставот да биде дискриминаторски. Затоа што е навистина неприфатливо кога некој спори идентитет и јазик или, како што е случајот со националното малцинство од Бугарија, што е непотребен апсурд, бидејќи е познато дека државите се поделени по граници и не може од една страна на граница да не постои национално малцинство“,
вели Беџети .
За спорот меѓу Македонија и Бугарија и вклученоста на Албанците во него, разговаравме и со Мухамед Халили. Поранешниот амбасадор има своја теза, според која Албанците, но од Албанија, се индиректна причина за спорот.

„Нашите политички сили не очекуваа и јас не очекував вето, но мислам дека сегашното вето е поврзано со поширок контекст, затоа што мислам дека ова има врска со инсистирањето на Германија и Франција – Албанија и Македонија заедно да чекорат и да не се делат. Но, во евроинтеграциите, албанската држава запре и не само 9 услови што ги претстави официјален Берлин пред една година, но има многу забелешки од некои други земји, вклучително и од Холандија.Ако интеграцијата на Македонија се одвива без бугарското вето и ветото на другите земји кои се против Албанија, тогаш Еди Рама автоматски ќе биде симнат од власт. Ова е моја претпоставка, бидејќи Западот не сака Еди Рама да падне во моментот затоа што има близок соработник во решавањето на спорот меѓу Србија и Косово“,
вели Халили.
За меѓуетничките односи во земјава, Халили смета дека Албанците се солидаризирале со Македонците во спорот со Бугарија. Но, смета тој, тоа нема да трае бесконечно.
„Ако продолжиме да покажуваме солидарност и времето трае долго и со тоа ќе ја изгубиме перспективата на населението, ние не можеме да прифатиме нема ЕУ доколку не се постигне договор. Ние не можеме да го прифатиме ова, ние велиме дека нема ЕУ, но мора да се прават напори ЕУ да биде што е можно поскоро. Сега, дали најголемиот компромис ќе биде од бугарска страна или од македонска страна, тоа не е важно за политички процес. За политичкиот процес е важно да се реши прашањето и народот да оди напред“,
смета Халили.
Колку во временски период изнесува тоа „поскоро“, сепак, ни самиот Халили не прогнозира.