Оценките ги даваат Гордан Георгиев и Илија Димовски, двајца одлични познавачи на политичката сцена и своевремно политичари
Ги пренесуваме и изјавите на високи функционери од четирите табори на прашањата – колку градоначалници очекуваат да освојат и колку гласови за советничките листи
Остануваат помалку од 60 часа до стартот на гласањето за локалните избори и малку повеќе од 24 часа до финишот на кампањата за придобивање на гласачите.
Претстојните избори, иако локални, сепак се повеќе од тоа. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе се мерат со резултатот од претходните парламентарни, додека кај двете најголеми коалиции на Албанците, изборите веќе се претставени како прашање за опстојување на власта. Што ќе биде победа, а што пораз за секоја од четирите најголеми политички групации во земјава – е прашањето што го поставуваме во оваа сторија.
Не постои анкета во последниве месеци на која ВМРО-ДПМНЕ не водеше, па јасно е дека партијата влегува како фаворит пред изјаснувањето в недела. Практично, ВМРО-ДПМНЕ ќе се трка со својот резултат од претходните избори за градоначалници, кога освои 42-ца.
„Ценам дека на овие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе има поголем број на градоначалници и коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, споредено со 2021-та година. Нашите анализи се дека нема да бидеме изненадени ако имаме повеќе од 50 градоначалници, но очекуваната бројка е помеѓу 45 и 50, плус главниот град, градот Скопје, ако 2021-та имавме 42“,
изјави своевремено премиерот.
Но, во исто време, партијата ќе ја споредуваат и со резултатот од 436 407 гласови освоени на парламентарните избори лани.

Дали евентуално помал број гласови за ВМРО-ДПМНЕ в недела на советничките листи, симболично ќе значи пораз? Поранешниот пратеник Илија Димовски вели не.
„Секако, бројот на гласови кои што ќе го добие ВМРО-ДПМНЕ на овие локални избори ќе биде помал од гласовите коишто ги добил на парламентарни избори. Колку ќе биде тоа, може да влијае на начинот на кој што ВМРО-ДПМНЕ на републичко ниво треба да ги носи одлуките во иднина“,
рече Димовски.
Отфрлајќи го евентуалното потфрлање во бројот на гласови споредено со парламентарните избори како репер за успех, Димовски вели дека за победа на ВМРО-ДПМНЕ ќе се смета освојување на општини кои важат за бастиони на СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ ќе води своевидна битка самата со себе, смета Гордан Георгиев, претседател на невладиниот Форум за разумни политики, а поранешен потпретседател на СДСМ и пратеник. Токму затоа, вели тој, пораките кои владејачката партија ги испраќа во кампањата се наменети претежно за мобилизација на своето членство. Пораз за ВМРО-ДПМНЕ, според него, би бил евентуален значителен пад на поддршката од претходните циклуси.
„Хипотетички се бројкиве, 100 -150 000, ние ќе ги видиме тие веќе во недела и после вториот круг. 150 000 е голема, голем пад и тешко се објаснува и пред своето членство и пред пошироката јавност. Се објаснува тешко затоа што, како што кажавте вие, блиску беа парламентарните избори. Големите партии кога ќе имаат големи победи, не само во Македонија, туку и било каде во демократските земји, често се жртви на сопствените преголеми очекувања или очекувањата што ги даваат кон јавноста или кон народот“,
кажа Георгиев.

Прашан, колку градоначалнички места очекуваат, лидерот на СДСМ Венко Филипче не даде конкретен одговор во неодамнешното интервју за „360 степени“.
„Ние ќе се бориме за да ги повратиме гласовите во времињата кога била огромна поддршката на СДСМ со наши автентични политики и со искрен пристап, со отворен, инклузивен контакт со граѓаните. Така да јас верувам дека тие политики тие ќе ги препознаат“,
рече Филипче.
СДСМ на овие избори влегува од подредена позиција, вели Димовски. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, за кои кажа дека нема да биде важно дали ќе изгубат дел од гласовите кои ги добиле на парламентарните, за Социјалдемократите вели дека мора барем да го повторат резултатот од 154 447 гласа во 2024 година.
„Доколку ги потврди гласовите од парламентарните избори, има простор да размислуваме дека на некој среден или подолг рок ќе се ревитализира. Доколку изгуби дополнителни 15-20 отсто од гласовите, тогаш мислам дека неповратно е, „поинт оф но ритрн“ ќе имаме во случајот со СДСМ“,
вели Димовски.
Натфрлање или потфрлање во однос на резултатот од 155 илјади гласови од парламентарните избори е границата што ќе значи победа или пораз за СДСМ и според Гордан Георгиев.
„Знаете, кога сте многу долу, кога сте многу паднати во смисла на гласови и енергија, а сте, од друга страна има одредено разочарување од владеачката структура, може да се очекуваат и некакви скриени гласови коишто можеби не се гледаат на анкетите. Верувам дека за СДСМ или еве конкретно да кажам за раководството на СДСМ, еден глас повеќе ќе биде доволен да кажат дека еве, партијата е консолидирана, одиме напред. Како тоа ќе го перцепира јавноста, како ќе го перцепира членството, не можам да предвидам во овој момент“,
кажа Георгиев.

Додека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на овие избори ќе се мерат пред се со своите претходни резултати, отколку во директна пресметка, сосема поинаква е битката меѓу коалицијата ВЛЕН и Националната алијанса за интеграција предводена од ДУИ. На ланските парламентарни избори, ВЛЕН освои 106 937 гласа. Коалицијата Европски фронт, предводена од ДУИ, освои 137 690 илјади. Во меѓувреме, ВЛЕН остана без делот од Алијансата за Албанците на Арбен Таравари, кој сега е дел од коалицијата на ДУИ. Кога во „360 степени“ беше прашан колку градоначалници очекуваат да освојат, потпретседателот на ДУИ Арбер Адеми одговори – во сите во кои имаат кандидат.
„Видете вака, секого што ќе го прашате сега додека трае изборната кампања, ќе се прогласи за победник. Но, 19-ти октомври е блиску, јавното мислење е јасно, анкетите се јасни. Ќе видите, ќе се потврди тоа што ние го велиме“,
изјави Адеми.
За ДУИ, изборите се и „референдум“ на Албанците за сегашната власт. Така што, за победа ќе го сметаат и резултатот кој ќе покаже повеќе гласови на советничките листи.

За ВЛЕН, пак, битен ќе биде и бројот на градоначалниците. Секако сметаат дека тие остануваат легитимни претставници на Албанците во власта.
„Прво мислам дека најбитен фактор е бројот на градоначалници. Меѓутоа секако дека многу битен фактор е и листата на советници, односно гласовите на листата. Имајќи ги предвид сите овие факти, мислам дека како коалиција Влен, ние во најмала мера ќе го повториме резултатот од претходните избори“,
рече Муртезани.
Според Гордан Георгиев, мерењето на поразот и победата кај ДУИ и кај ВЛЕН ќе бидат многу посложена операција.
„Мене ме чуди што самите албански партии го издигнаа Чаир на премногу високо ниво – да се биде или да не се биде… Но, се согласувам, доколку ВЛЕН победи во Чаир, т.е. Изет Меџити конкретно победи во Чаир, ќе може да прогласи победа и да претендира на лидерство во самата коалиција ВЛЕН. И обратно, доколку ДУИ изгуби во Чаир, Тетово, евентуално и некоја друга општина, а има општини кои можат да се превртат, тогаш ќе се постави прашањето и на легитимитет на Али Ахмети и на целото раководство на ДУИ и веројатно ќе биде тригер за посериозни промени. Ќе биде комплицирано, доколку резултатот оди во маргина од 20 000 плус-минус. Ако е резултатот таков, тогаш ќе имаме нејасна ситуација. Албанските партии ќе почнат да бројат или гласови во совети или градоначалници. Тоа е тешко мерливо“,
кажа Георгиев.

И според Илија Димовски, победата во албанскиот блок ќе се мери по повеќе параметри. Но, не очекува голема разлика меѓу главните опоненти.
„За ВЛЕН, политичка групација која пред четири-пет месеци беше во исклучителна кризна ситуација со напуштање на Таравари и ударите од Град Скопје спрема тенденциозно… ако успее да ги добие градските средини како Чаир, Тетово, Струга, Дебар, по некоја од помалите општини, можеби Сарај, можеби Арачиново, не знам Желино, тоа ќе е победа. Зборувам од аспект дури и ако ги добие само градоначалниците во тие општини. Доколку ВЛЕН има разлика од 10-15 илјади гласа со ДУИ и двете Алијанси на куп, исто така е победник. Вајс-верса, за ДУИ. Доколку ДУИ успее да земе Тетово или Чаир, односно онаму каде ВЛЕН владее, тоа би било победа за нив, иако јас тоа не го очекувам од нив. Доколку ДУИ со Алијанса успее да направи 2:1 резултат којшто не го очекувам искрено, исто ќе е победа за ДУИ“,
изјави Димовски.
За проверка, нема да чекаме долго.