На новинарско прашање колку е реален планот на македонската влада дека може земјава да стане членка на ЕУ до 2030 година, германскиот претседател посака брзо зачленување, но за рокови рече дека никој политичар од земјава, Германија или, пак, ЕУ не може да вети такво нешто. Во однос на Бугарија и преговорите, пак, испрати совет акцентот да биде поставен на сегашноста и иднината, а не кон минатото

Вашата земја се наоѓа пред една важна одлука, дали преку претстојната промена на Уставот ќе го отвори патот за отворање на поглавјата во поединечни области, како на пример, економската политика или владеењето на правото, порача германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер на заедничка прес-конференција со претседателот Стево Пендаровски во претседателската резиденција вила „Водно“ во Скопје.
Сега, рече тој, треба да се направи важниот чекор за членство, но истовремено и да се продолжи со внатрешниот реформски процес.
Германскиот претседател во обраќањето на прес-конференцијата посочи дека е свесен оти Северна Македонија била соочена со тешкотии и довербата на луѓето овде кон е била оптоварена, но уверен е дека ставот за засилување на добрососедските односи со Бугарија ќе вреди.
„Јас сум многу свесен дека Северна Македонија на патот кон ЕУ беше конфронтирана со особени тешкотии, дека довербата на луѓето во ЕУ беше оптоварена со Договорот од Преспа, но дадовте импресивен пример за тоа дека е можно да бидат надминати долгогодишни длабоки разлики само доколку постои политичка волја од двете страни. И за вашата прагматична подготвеност на компромис за засилување на добрососедските односи кон Бугарија ви благодарам и јас сум убеден дека овој став на крајот ќе вреди. Уште сега овие чекори за отворање на пристапните преговори со ЕУ и потпишувањето на договорот со Фронтекс доведоа до тоа да се случи на македонски јазик. Станува збор за понатамошна интеграција на Северна Македонија во ЕУ и со тоа и за пристап на сите граѓани и граѓанки кон една унија на заеднички вредности и стандарди“,
рече Штајнмајер.
На новинарско прашање колку е реален планот на македонската влада дека може земјава да стане членка на ЕУ до 2030 година, тој посака брзо зачленување, но за рокови рече дека никој не може да вети такво нешто.
„Посакувам пристапниот процес да се случи многу побрзо, да нема нови пречки. Реформскиот процес тука во земјата да се движи со брзината со која е потребно гледано од ЕУ. Се надевам дека тоа ќе се случи што е можно побрзи, дали тоа ќе биде 2030 година, мора да разберете дека никој во моментот не може тоа да го каже, никој политичар од Северна Македонија ниту од Германија ниту, пак, од ЕУ, никој не може да вети. Но, треба да се стремите кон тоа, стремежот да биде да се постигне оваа цел и таа е присутна тука“,
рече германскиот претседател.
Во однос на заедничката историска комисија, пак, тој испрати совет дека историските прашања не треба да бидат фокусот во преговорите со ЕУ.

„Јас веќе зборував за тоа, за посебните услови, за посебните оптоварувања за пристапниот процес за кој сега зборуваме. Под тие оптоварувања сметам дека овој пристапен процес и во минатото беше поврзан со многу историски прашања и се занимаваше со нив. Кога зборуваме за пристап кон ЕУ всушност зборуваме за прашања од сегашноста и заедничката иднина во Европа, така што би сакал само да советувам акцентот да биде поставен во тој правец, не кон минатото и да се бараат нови пречки“,
рече Штајнмајер.
Тој уште еднаш ја истакна германската поддршка за членство на земјава и на целиот Западен Балкан во ЕУ и порача дека Северна Македонија е дел од европското семејство и со својата култура и јазик, вели, ќе ја збогати Унијата и уште повеќе ќе ја зголеми различноста во оваа заедница.
Во однос на нашето членство во НАТО, пак, рече дека земјава се покажала како доверлив партнер кој дава значаен придонес за нашата колективна одбрана и за операциите на Алијансата, а го поздрави и тоа што земјава целосно се усогласила со надворешно-безбедносната политика во однос на војната во Украина и го цени тоа што и покрај економските тешкотии земјава го дала својот придонес за да може да опстане економскиот притисок врз Русија.