Германскиот претседател го поздрави тоа што Собранието даде зелено светло со изгласувањето на заклучоците во однос на францускиот предлог, но порача дека во Германија биле забележани и сликите од оние што се противеа. Побара да се остане на европскиот пат бидејќи сега не е време за политички поени и лично профилирање
Во обраќањето во парламентот тој порача и дека пристапните преговори мора да донесат веднаш подобрување за македонските граѓаните за што, нагласи, потребни се реформи – политички, економски, но и реформи во правосудството

Пораки до пратениците дека уставните промени со кои Бугарите и други народи ќе се вметнат во Преамбулата од Уставот се многу повеќе од лично профилирање и собирање партиски поени, испрати германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер во обраќањето што попладнево го имаше на свечена седница во Собранието.
Сега, беше јасен германскиот претседател, не е време да се скршнува од патот и да се запаѓа во националистички призвуци.
„Свесен сум дека патот кон ЕУ е се освен лесен, дека довербата и трпението во макотрпните преговори ќе бидат оптоварени, некогаш можеби и преоптоварени, но мојата молба до вас пратениците, но и до сите граѓани и граѓанки е: продолжете да чекорите по патот на пристапниот процес и тоа решително, не скршнувајте на последните метри, тука во оваа сала можете заедно одново да испишете историја. Сигурен сум дека повторно ќе дебатирате со страст и самоуверено, но кај оваа уставна промена станува збор за многу повеќе од собирање поени во внатреполитичката дебата, станува збор за многу повеќе од партиско-политичко или лично профилирање. Сега не е време да се западне во поедноставени формули и националистички призвуци. Мојата молба е, не губете ја од вид толку долго следената цел, тоа што е стремеж веќе 17 години, пристапувањето кон ЕУ. Сигурен сум за патот кон Европа вреди и следниот тежок чекор“,
рече Штајнмајер.
Тој го поздрави тоа што Собранието даде зелено светло со изгласувањето на заклучоците во однос на францускиот предлог за кревање на бугарското вето и преговарачката рамка со ЕУ, но порача дека во Германија биле забележани и сликите од оние што се противеа, алудирајќи на македонската опозиција.
„Сликата како се вееја македонското и знамето на ЕУ тука во салата, во Германија ја примивме со радост, олеснување и голема, длабока почит кон вас и целата земја. Се разбира дека ги видовме и другите слики околу гласањето, плакатите тука во салата и пред ова Собрание кои бараа ’не‘, исто така и сликите од демонстрациите во Скопје и другите градови во вашата земја“,
рече германскиот претседател.
Знам, рече тој, дека протоколот со Бугарија и потребните уставни измени се теми кои ги засегаат луѓето бидејќи станува збор за прашања од националниот идентитет, за македонската историја, јазикот и културата и сигурно дека е правилно овие дебати да се водат со страст.
„На важните општествени дебати им е потребен овој страстен пристап. Сметам дека вие самите можете самоуверено да ги водите овие дебати, луѓето на Северна Македонија, вие ја обликувате и одредувате што ја сочинува вашата земја, вие решавате како треба да изгледа македонскиот идентитет денес и како тој треба да изгледа во иднина. Онака како што тоа го правите од пред 30 години, онака како што го формулираше тоа македонскиот писател Блаже Коневски кога кажа и кога напиша дека ’јазикот е нашата татковина‘. Се надевам многу дека македонската култура наскоро ќе ја збогати културната различност во ЕУ и овие денови сум тука за да научам уште повеќе за тоа“,
порача Штајнмајер.
Европската интеграција на регионот, според него е важна од два аспекти. Прво, тоа што ЕУ според него, не е целосна без Западен Балкан и Северна Македонија, а второ затоа што пристапниот процес мора да донесе позитивни промени за граѓаните. Меѓутоа, дециден беше Штајнмајер, потребни се реформи – политички и економски, но и во правосудството.
„Уште денес пристапниот процес мора да донесе конкретни подобрувања за Македонките и Македонците. За луѓето од целиот Западен Балкан. Затоа дами и господа, потребни се политички и економски реформи, исто како и реформи во правосудството. Реформи од кои луѓето ќе профитираат во нивното секојдневие. Уверен сум во тоа. Северна Македонија е на многу добар пат како што покажуваат првата меѓувладина конференција за пристапување кон ЕУ и извештајот за земјата од комисијата на ЕУ. На патот кој следи чекаат многу понатамошни подобрувања за граѓаните и граѓаните на вашата земја. Јас ќе ги именувам само мерките за борба против корупцијата и модернизацијата на јавната администрација“,
рече тој.
Германија, рече тој, има длабока почит кон Северна Македонија и таа почит не е од моментот кога македонската фудбалска репрезентација ја победи германската во квалификациите за европското првенство.
„Нашата, мојата длабока почит се должи на вашиот крајно трнлив пат кон ЕУ, вашата земја докажа секогаш и повторно енормна политичка храброст. Охридскиот договор од 2001 и Преспанскиот договор со Грција во 2018 покажуваат дека вашата земја го владее она што можеби е најтешка задача во демократијата воопшто – да се водат болни дебати, да се разрешуваат конфликти, да се прифаќаат компромиси и така на тој начин да се решаваат тешки проблеми“,
порача претседателот на Германија.
Целото обраќање на Штајнмајер, кое беше поздравено со голем аплауз од пратениците, можете да го проследите во видеото во продолжение.