Една година пред катастрофалниот земјотрес, во Скопје се случила друга катастрофа – поплава. Таа не зела ни приближно жртви како земјотресот, но тоа не значи дека не треба да се памети и постојано да се поставува прашањето – дали е научена лекцијата. Месецов се навршија шеесет години од поплавата во главниот град
Во коритото на реката Вардар во централното подрачје имаме најголема концентрација на изградени мостови на километар, има безброј објекти кои воопшто не треба да се таму и треба веднаш да се отстранат, бидејќи ја намалуваат пропусната способност на реката, а со тоа го зголемуваат ризикот од поплави, пишува во студија со симулација за моделирање на можни поплави во Скопје и регионот
„Стихија“ е името на документарниот филм за ужасот и уништувањето што ги донела поплавата, која на 16 ноември 1962 година ги погодува Скопје и неколку градови во западниот дел од земјава. За неколку дена водата потопува и урива околу илјада куќи, четири илјади граѓани остануваат без кров над глава, а на поплавата и се припишуваат и четири човечки жртви.
„Ова е, всушност, централното подрачје на градот и гледате како, ова е евакуација на покуќнината.“
посочува Зоја Богдановска, кустос советник и историчар, Музеј на Град Скопје.

Во соработка со Кинотека на Македонија, документарецот се прикажува во Музејот на Старата скопска чаршија. Таму е поставена и изложба насловена „Убавиот бунтовен Вардар“.
„Станува збор за 60 години од големата поплава која се случи 1962 година, којашто скопјани многу добро ја памтат и сметавме дека е згодно да се одбележи тој настан со една ваква изложба и тоа токму овде во Музејот на Старата скопска чаршија којшто се наоѓа во Сули-ан.“
вели Панче Велков, директорот на Музеј на Град Скопје.
Низ 60-ина фотографии и разгледници од старо Скопје, авторката Зоја Богдановска потсетува како изгледал градот кобниот ноември, кога поради обилни дождови кои траеле четири дена и четири ноќи, водата во Вардар се подигнала 3,5 метри над нормалното ниво.
„Ја пробила браната кај Градскиот парк и во многу силни речни налети навлегла низ центарот на градот, така што целосно биле поплавени кејските простори. Еве, гледаме тука кај тогашната Женска гимназија, сега каде што се наоѓа Владата на РСМ, делот кај театарот под Калето, Камениот мост и ова е веќе кејскиот простор на реката Вардар.“
објаснува Богдановска, која е и авторка на изложбата.

Најмногу штети имала тогашната Општина Идадија, Градскиот парк и плоштадот.
„Она што посебно сакав да го потенцирам работејќи на оваа изложба е штетата која била нанесена на културните институции и културното наследство. Тука го гледаме плоштадот Маршал Тито, книжарницата Култура, нели таа и денес постои на тоа место и овде можеме да видиме од надојдените води како е уништен целиот книжен фонд. Народниот театар претрпел многу големи штети, значи сцената била оштетена, ротирачката сцена, инвентарот на театарот. Ова е уметничката галерија којашто 62 година се наоѓала под Калето, исто била цела поплавена и голем број уметнички дела биле оштетени.“
прецизира Богдановска.

Меѓу скопјани што се сеќаваат на поплавата е и архитектката Даница Павловска-Циги. Семејната куќа во која го поминала детството се наоѓала во центарот на градот, кај тогашната Католичка црква.
„Во моментот на поплавата како дете бев навистина многу возбудена. Не толку исплашена, затоа што децата тоа не го доживуваат како опасност, но самиот момент на голема и валкана вода, каллива, тоа е нешто што не се заборава. Нашите подруми беа поплавени, имаше штета.“
раскажува архитектката Даница Павловска-Циги.

Низ годините Скопје памети повеќе поплави кога реката Вардар се излеала од коритото. Историски, во последните три века Вардар го има поплавено Скопје повеќе од десет пати. Најзначајната регулација на коритото е направена во 70-тите години, по што кејот ги добива контурите на она што е денес. Од тогаш значително е подигнато нивото на заштита од поплави, но ризикот се уште постои.

Во 2016 година, по барање на Град Скопје, а со помош на УНДП, направена е студија со симулација за моделирање на можни поплави во Скопје и регионот. Во неа пишува дека градот има критична локација, ако се следат речните сливови на горен Вардар, Треска и Лепенец. Авторот на студијата, Ангел Панов, објаснува дека сливовите имаат таква форма што, при одредени метеоролошки услови, може да предизвикаат појава на коинциденција на поплавните бранови, наречена „Дамоклов меч”, како значителна закана за скопската долина.
„Резултатите од моделирањето укажуваат дека моменталното ниво на заштита од поплави на урбаната зона на Скопје е сè уште во разумни граници. Но, треба да се истакне фактот дека покрај регулираното урбано корито и изградбата на браната Козјак, градот Скопје пропушти огромна можност да има многу високо ниво на заштита од поплави, како и останатите големи европски градови. Во коритото на реката Вардар во централното подрачје имаме најголема концентрација на изградени мостови на километар, има безброј објекти кои воопшто не треба да се таму и треба веднаш да се отстранат, бидејќи ја намалуваат пропусната способност на реката, а со тоа го зголемуваат ризикот од поплави“
вели Ангел Панов од „Поинтпро консалтинг“.

Пропусноста на реките и мерењата за состојбата со водотеците ги прави УХМР. При опасност се активира хидроаларм кој стигнува до сите надлежни институции, вклучувајќи го и Центарот за управување со кризи. Од таму велат дека иако е мала веројатноста за поплавување од Вардар во урбаниот дел од градот, се уште постојат критични точки.
„На стогодишните води не би требало да има поплавувања во градското подрачје, освен на некои точки каде што не е уредено коритото, како што е на влезот во Скопје кај Ѓорче Петров, потоа на излезот од Скопје кај Маџари, каде што би можело да има одредени поплавувања при големи количини на вода кога би дошле како во 79 година.“
вели Драги Тарчуговски, државен советник за организација на системот за управување со кризи, ЦУК.

А токму во поплавата во 1979 година како критична точка се покажал и пешачкиот мост на Вардар кај Владата.
„Во тој период беше и миниран самиот мост. Доколку дојде до зголемување на нивото на реката уште, да дојде до негово рушење контролирано, за да не дојде до верижна реакција по останатите мостови.
–Затоа што е понизок од другите мостови?
Затоа што има помала пропусна моќ од останатите мостови, значи пониско е поставен“,
посочува Тарчуговски.

Тарчуговски предупредува дека иако опасноста од Вардар во моментов е на ниско ниво, потребна е поголема заштита од атмосферските води.
„Други се поплавувањата кога станува збор за одредено подрачје со врнежи на голема количина на вода на мал простор како што беше 2016 во Стајковци и Синѓелиќ или пак поплавувањата од канализациската мрежа и од мрежата за атмосферска вода коишто во Скопје ги има релативно малку и би требало да биде многу подобрена, затоа што такви излевања од атмосферската канализација имаме постојано“,
предупредува Тарчуговски.
Штетите од секоја поплава се од различни размери, но секогаш најмногу трпат објектите што се најблиску до водата. Македонскиот народен театар, кој бил една од најоштетените згради во 62-та година, и денес мака мачи со водата. Изграден во рамки на проектот „Скопје 2014“ на истата локација покрај Вардар, со секој пообилен дожд, МНТ е потопен.

Ништо подобро не поминуваат и другите новоизградени објекти во околината. Од Државниот архив, на пример, алармираат дека влагата и поплавата се редовни во зградата каде се сместени и Археолошкиот музеј и Уставниот суд.
„Никаде во светот нема Архив што е толку блиску до вода, ниту пак депо на шести кат. Да не заборавиме дека ние сме и трусно подрачје и често има појава на мали земјотреси. Чија идеја било Државниот архив да се пресели во овој објект пред девет години – не знам, но навистина е направена огромна грешка. Затоа е потребно итно да се најде соодветно решение и да се создадат нормални услови за негово функционирање, кое што е од суштинско значење за нашата историја, култура и традиција, за нашиот идентитет како народ и држава“,
вели Емил Крстевски, директор на Државен архив на С Македонија.

„Регулацијата на Вардар значеше на одреден начин и заштита од подземните води, бидејќи тие продираат таму. Таа силна физичка структура требаше да не се допира, да не се упропастува, самиот тек на реката да не се попречува. Затоа што бариерите на таква река, на некои можеби 50-100 години, кога ќе надојде – се катастрофални за градот. Тогаш никој ништо не може да помогне. Значи лекцијата што ја научивме од поплавите, како да не допира повеќе, како да избледе. Го направивме она што требаше да не штити, а потоа го упропастуваме“,
потенцира Павловска.
Според податоците од студијата за моделирање на поплави, сегашниот максимален проток на регулираното корито на Вардар во урбаното подрачје е 900 кубни метри во секунда. Поради архитектонските зафати во коритото, тоа е за околу 30% помалку од проектираното.

Во документот од 2016 година има и препораки за подобрување на отпорноста од поплави во иднина, кои вклучуваат чистење и обнова на целата постоечка инфраструктура за заштита од поплави, односно враќање во почетна состојба и долгорочно одржување. До целосно исполнување на мерките, на скопјани им останува да бидат со поголема свест и одговорност – за да не го налутат убавиот бунтовен Вардар.