„Братство – Миѓени“ од Тетово е основно училиште, кое се издвојува по многу нешта од другите во државава. Тука се учи на три јазици – македонски, албански и турски. Од септември „Братство – Миѓени“ ќе биде едно од четирите училишта пионери кои формално ќе го воведат новиот изборен предмет Сеопфатно сексуално образование. Предметот ќе може да го слушаат само децата од деветто одделение, и тоа само со согласност на родителите, а предавањата ќе ги држат наставници што поминале соодветна обука.

Една од обучените наставнички, Душица Марковиќ, вели дека дел од темите во новиот предмет не се новост за учениците.
„Еве, сега имавме одделенски час – животни вештини, реакции на омаловажување. Дека не треба да биде никој омаловажуван, како ќе се чувствува тој ако никој не сака да другарува со него? Јас тие часови си ги практикувам“,
вели Душица Марковиќ, наставничка по македонски јазик во О.У. „Братство – Миѓени“, Тетово

За да се одржуваат часови по сексуално образование, предметот треба да го изберат повеќе од 15 деца. Но, вели Марковиќ, рано е да се каже дали ќе има доволно ученици. „360 степени“ разговараше со неколку родители на деца што учат во „Братство – Миѓени“. Речиси сите сметаа дека темата е чувствителна во нивната средина и само зад камера го соопштуваат ставот дека ќе бидат осудувани ако нивните деца го изучуваат овој предмет.
Тетовци, пак, кои ги анкетиравме во центарот на градот, мислат дека сеопфатна едукација може да спречи негативни појави кај адолесцентите.

„Образованието мислам дека ќе биде заштита. Да знаат како да се заштитат од болести, од насилство, да не ги упатат во оние соби што се. – Мислите на ‘Јавна соба’? – На ‘Јавна соба’ мислам. Не би отишле сигурно, тие се излажани.“
„Нека има. Јас чинам дека во развиените земји, како што се западните земји, постои веќе тој вид предмет и тоа едуцирањето е добредојдено од аспект за секое дете.“
„Па, не знам што да кажам. Во наше време немало. – А ако ги опфати овие теми што ги зборуваме, за насилство, сексуално вознемирување, родово почитување? – Па не е лошо да знаат“,
велат дел од граѓаните во Тетово.
Друго училиште каде што Сеопфатно сексуално образование ќе биде пилот-проект од септември е скопското „Јан Амос Коменски“.

Училишниот психолог Елизабета Ивановиќ, исто така, била дел од обуката за новиот изборен предмет. Таа објаснува дека адолесцентите се на специфична возраст кога се почувствителни и пољубопитни за себе и за околината, па им треба и правилна едукација.
„Дел од темите кои се предвидени со овој предмет се однесуваат токму на врските и релациите, ненасилното однесување, што е многу битно, на самите промени со кои се соочуваат во тој период на адолесценција и на биолошки и на физички, и особено на тој психолошки план. И уште нешто, во однос на стереотипите и предрасудите. Ние сме општество кое за сѐ има предрасуди и стереотипи, па секако и во однос на оваа програма, во однос на овој начин на образование. Но, многу е важно кога ќе се демитизираат и тие стереотипи ќе се разбијат“,
вели Елизабета Ивановиќ, психолог во ОУ „Јан Амос Коменски“, Скопје.

Резервите кај населението, се чини, се должат на неинформираност, дезинформации и влијанија од конзервативни кругови. Писателот Венко Андоновски, во колумна објавена на интернет-страницата на Бигорскиот манастир, алудира дека предметот ќе се занимава со сексуалното задоволство, а не со љубовта.
„Но, такво задоволство, издвоено од љубовта, може да обезбеди и порнографијата, како и честото менување непознати партнери“,
пишува во дел од колумната на Андоновски.
Настрана од разните групи по социјалните мрежи, влијателни личности, како професорката Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ, избрзаа со коментар дека сексуалното образование ќе се учи од второ одделение, што се покажа како погрешно. Партијата Левица, пак, побара нов концепт за предметот кој би го изработиле повеќе факултети и институти бидејќи актуелниот ѝ служи на „капиталистичката класа“.
„МОН ја турка оваа агенда, под превезот на наводна загриженост, а всушност силувајќи го правото на мислење, преку наметнување идеологии втемелени на либералните интереси на капиталистичката класа, со цел идните возрасни што порано да бидат впрегнати во остварувањето на капиталистичките експлоататорски цели.“
велат од Левица.

Токму ваквите пораки стигнаа до поголема публика отколку објаснувањата од надлежните – што ќе се учи по новиот предмет. А главните теми се: род и еднаквост, сексуално и репродуктивно здравје, врски и односи, слика за телото, сексуалност и граѓански концепти.
„Родовото насилство, врсничкото насилство, насилството во врските и семејствата, сексуалното и кој било друг облик на насилство не е одраз на љубов ниту пак статус. Секое насилство е недозволиво и казниво со закон“, ова го пишува во џебниот лексикон „ССО азбука“ што ги опфаќа речиси сите поими поврзани со сексуалното образование. Насилството е токму една од главните теми што треба да се изучуваат по предметот Сеопфатно сексуално образование.

Во овие теми нема никаков бауч и тие и досега се изучувале во рамки на други предмети, велат од институцијата што ја подготвува наставната програма – Бирото за развој на образованието. Но сега, сметаат, дојдено е време тоа да се изучува како посебен предмет.
„Но секако, земајќи предвид искуства од други земји, зборуваме за изборен предмет кој во моментов, имајќи предвид дека е нов предмет, на една тема на нов аспект на образование на младите треба да помине процес на истражување во кој ќе докажеме дека таков предмет е неопходен за здрав развој на младите од аспект на нивниот сексуален развој“,
вели Ајше Ајрулаи, раководител во Биро за развој на образованието.
Со други зборови, предметот што првично ќе биде изборен во мал број училишта, само ако даде резултати, ќе се понуди во сите училишта. Ајрулаи уверува дека Бирото ги зело предвид истражувањата од странство кои потврдиле позитивни резултати од воведувањето на предметот.

„Секаде во светот, пред да се примени програмата, има дилеми меѓу тие што мислат дека оваа програма ќе ги заштити младите и оние што мислат дека оваа програма влијае младите да станат порано активни од сексуален аспект, во помлади години. Но, сите мислење се неосновани бидејќи многу истражувања говорат дека по спроведување на овие програми во основните училишта се намалува насилството, се намалува бројот на абортуси кај младите“,
додава Ајрулаи.
Предлогот, сепак, наиде на различни реакции и од стручната фела. На пример, од Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет сметаат дека е потребна едукација на учениците за теми поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје. Но за пилот-проектот на Министерството велат дека не е најсоодветен.
„Сметаме дека посоодветно би било да се воведе предмет планирање на семејството (семеен живот, сексуално и репродуктивно здравје и едукација за населението) како поширока област во рамките на кој би се проучувале наставни единици од областа на сексуалното и репродуктивно здравје, родово-сензитивни теми, семејни модели, улоги, семејни вредности, препознавање и заштита од семејно насилство и сл, а не исклучиво од областа на сексуалното воспитание.“
велат од Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет.
Но на кое ниво е спуштена дебатата најдобро покажа обидот на Институтот да направи анкета на својата фејсбук-страница, каде што прашаа – кој од двата предмети, сексуално образование или планирање на семејството, би бил посоодветен. Анкетата беше повлечена со образложение дека била злоупотребена и „нападната“ со навредливи коментари.
„Оваа анкета немаше научно-истражувачка цел, туку, беше поставена со цел да се добие слика за размислувањата на нашите следбеници. За жал, анкетата беше спинувана во многу различни насоки, како конзервативен обид да се уништат и деградираат сите современи модели и трендови кои се однесуваат на семејствата, се’ до промовирање на педофилија и силување. Заради голем број недолични коментари кои отсликуваа говор на омраза, хомофобија, ксенофобија, како и религиска нетолеранција, анкетата беше избришана“
дополнуваат од Институтот за семејни студии.
И додека многумина се жестат на социјалните мрежи и други комуникациски канали против најавениот пилот проект, веќе една деценија ученици од повеќе скопски основни и средни училишта учествуваат во неформална едукација на тема – сексуално образование.

Годинава таква настава следат околу 400 деца, со дозвола на родителите и во договор со директорите на училиштата. Обуките ги држи невладината организација „Хера“, а младите отворено дискутираат за теми од сексуалната едукација и споделуваат проблеми за кои не би разговарале со родителите или наставниците.
„Сме имале прашања од типот за контрацепција ‘ме пече, не смеам да ѝ кажам на мајка ми, каде да се обратам’ или ‘ако ставам два кондома дали ќе сум безбедна, побезбеден’ или за сексуално вознемирување ‘ме маваат по газ, каде да се обратам, не знам што да правам, непријатно ми е…’ Ние ги пренасочуваме кон стручните лица, стручните лица решаваат за тоа, а сме имале фидбек зависно дали детето сака повторно да ни се обрати или не. Се случувало некои деца да ни се обратат со ‘супер, фала што ми помогнавте, дојдовме до супер заклучок’ или ‘ни помогна гинекологот кај кого нѐ препративте во Центарче’ и сл.“
вели Ангела Александровска, сениор-едукатор по сексуално образование, „Хера“.

Искуството од неформалните едукации покажало напредок во размислувањето и однесувањето кај младите, но само кај дел од темите опфатени со ССО.
„Најпозитивни промени и кај знаењата и кај ставовите имаме во темата за сексуално и репродуктивно здравје и насилството. Од друга страна, низ сите овие десет години на спроведување на сексуално образование сеопфатно, компонентата родова еднаквост ни покажува најмало поместување. Секако, има значајно поместување, но најмало во споредба со сите други компоненти. ‘Јавна соба’ оваа корелација најдобро ни ја покажа за разбирањето меѓу мажите и жените и тоа ни е непобитен факт дека ССО ни треба уште утре“,
вели Елизабета Божиноска, програмска директорка на „Хера“.

Меѓународните извештаи и податоците со кои располага „Хера“ покажале дека земјите што го вовеле ССО во образовниот систем, како Швајцарија и Холандија, покажале значајни резултати – од намалување на насилството, малолетничките бремености и абортуси, па и одложување на првите сексуални односи.
„Стапката на малолетнички бремености, стапката на малолетнички абортуси, стапка на употреба на контрацепција во овие земји е на најниско ниво. За разлика од нашата и другите земји, каде што немаме сексуално образование, обратно е. Ние сме лидери во негативна смисла – највисока стапка на бремености, најниска во употреба на контрацепција и највисока стапка на сексуално преносливи инфекции“,
додава Божиноска.

Како за секоја реформа така и за сексуалното образование има два правци. Едниот е обид да се решаваат проблемите кај младите. Другиот е сѐ да си остане како што е, во очекување проблемите самите да се решат.