Во последниве десет години за 33 пати се зголемил бројот на пријави за каснување од кучиња. Во 2013 ги имало 53, а во 2022 година дури 1 785. Лани, само Скопје и уште 9 поголеми општини исплатиле 720 000 евра отштета за каснувања од куче.
„360 степени“ истражуваше дали пријавите за каснувања се должат на зголемениот број на кучиња во градовите или пак можеби, луѓето наоѓаат нов, креативен начин за извлекување на јавни пари?
Минатата година, дури 86 жители на Велес добиле отштета од општината бидејќи биле каснати од улично куче. На прв поглед, можеби, и не изгледаат многу, но ако се знае колку жители има Општината, излегува дека двајца на секои 1 000 се каснати од улично куче. Оштетените и адвокатите само лани наплатиле 96 000 евра од општинската каса. Овој трошок видливо расте од година во година.
Во 2016 година, Општината исплатила околу 1 100 евра за отштета од каснување од куче. Од тогаш секоја година растат барањата за отштета и лани сумата стигнала до речиси 100 000 евра. Преку законот за пристап до информации од јавен карактер, од Велес добивме и детален преглед на сите имиња и презимиња на оштетени и нивни адвокати кои добиле отштета во изминатите седум години. Кога ги споивме податоците во еден документ, дојдовме до заклучок дека има имиња и презимиња кои се повторуваат како оштетени, како и дека некои адвокати многу почесто од колегите „наоѓаат“ вакви случаи.
На пример, извесен Димче Глушков три пати го каснувало улично куче и три пати земал отштета – во 2019, 2021 и 2022 година. Во сите три случаи, Глушков бил застапуван од адвокатот Борис Николов. Отштетата за каснувањата и адвокатските трошоци само за ова лице ја чинеле Општина Велес речиси 3 500 евра (3 413 евра). Го побаравме адвокатот Борис Николов кој бил вклучен во сите три случаи и телефонски и во неговата канцеларија, но тој не сакаше да говори пред камера.
По два пати, пак, биле каснати лица со име и презиме Марјанчо Стефановски, Неад Реџепов и Сејат Зекиров. Сите заедно, со адвокатски трошоци, наплатиле од општината над 9 000 евра. А, кога се во прашање само адвокатите:
Петар Ефремов бранел најмалку 14 вакви случаи;
Атанас Атанасов бранел најмалку 14 вакви случаи;
Васил Тодоров бранел најмалку 12 вакви случаи;
Борис Николов и Костадин Чадиев бранеле по најмалку 10 вакви случаи.
Го побаравме првиот на листата, Петар Ефремов, за кој пресметавме дека има наплатено околу 16 000 евра од Општината – пред сè, за клиентите, но и солиден процент за себе. Признава дека често води такви случаи, но тврди дека сè е чисто.
„Сум разбрал дека има колеги кои поднесуваат конкретно за едно лице по 5-6 пати тужба за каснување од куче, по 4-5 пати за истото лице како паднало на снег – и во тој случај се тужи Општината зошто не го исчистила снегот. Сум разбрал дека има такви луѓе, не ги знам кои се точно, ги знам колегите кои се, но сега натаму тоа истражувајте го вие, тоа не е во мој домен“,
вели Ефремов.
Ефремов вели дека и лично имал случај во кој конкретно лице, кое тој го застапувал за каснување од куче, само неколку дена по пресудата го прашал дали повторно може да инкасира пари на истата основа и кога.
„Јас му кажав дека колку пати да те касне куче, Општината е должна да ја надомести таа штета, но му кажав дека ако тоа е фингирано односно измислено, јас нема да влезам во тој предмет односно има 80 адвокати во Велес, кој сака нека го ангажира – јас нема да го застапувам. Разбрав индиректно додека бев на судење, го видов човекот со друг адвокат од Велес и беше на судење, и го прашав што и како, и ми одговори дека наводно пак го каснало куче скитник и поднел тужба од друг адвокат“,
кажа Ефремов.
Дека има разработена шема меѓу дел од каснатите од кучиња, обвинува и градоначалникот на Велес, Марко Колев, кој најавува кривични пријави за сите што ќе утврди дека со лажни пријави испумпуваат пари од општинскиот буџет.
„Тие имиња секој јануари ги каснува или секој октомври кога треба да се купуваат дрва или кога треба да се оди на летување. Значи, тоа се имиња и презимиња што се провлекуваат со години од 2017 до 2022. Секоја година во ист месец ги каснуваат, значи не се трудат да ги каснат барем во некој различен месец“,
изјави Колев.
На 120 километри западно од Велес е Кичево. Оваа општина е рекордер по исплати за каснување од куче по глава на жител во целата земја.
Во 2013 година, оваа општина исплатила околу 4 500 евра како отштета за каснување од улично куче. Во последните пет години, вклучувајќи ја и 2022, оваа сума се движи околу 110 илјади евра што е трошок од речиси 3 евра по глава на жител годишно.
Од Кичево добивме прецизен податок за вкупниот број исплати на годишно ниво, но не и детален преглед кому се исплатени тие пари, кога и кој адвокат ги застапувал. Поради тоа немавме можност да верификуваме можни злоупотреби, но градоначалникот Фатмир Дехари не се колеба да каже – измами има.
„Дилемата која постои или идејата која понекогаш се споменува е дека адвокатите, судиите или самите лекари се во соработка со лицата кои ја злоупотребуваат оваа мерка и потоа ги делат финансиските средства што ги надоместува општината“,
кажа Дехари.
Со речиси идентичен проблем се соочува и Општината Штип. За градоначалникот Иван Јорданов спорно е што огромен број од пријавите кои пристигнуваат во штипскиот суд содржат идентични и шаблонски напишани извештаи и потврди од медицински лица.
„Не сакам да прејудицирам, но, дефинитивно, според анализите кои ги направивме, лекарските извештаи наликуваат на copy-paste примероци и е еден наратив што се повторува последователно во десетици судски процеси и постапки“,
рече Јорданов.
За разлика од Кичево и Велес кои исплаќаат огромни суми за каснување од куче, Штип нема големи исплати на таа основа. Не затоа што таму кучињата се помирни, туку зашто штипскиот суд од неодамна бара доказ – дали кучето напаѓач било домашно или улично.
„Во неколку случаеви се докажа дека не станува збор за каснување од бездомно куче, туку дека кучето имало сопственик и овде одговорноста не е на јавниот орган или Општина Штип туку на сопственикот на кучето“,
вели Јорданов.
Ваква пракса на соработка помеѓу каснати, доктори и адвокати, според адвокатот на скопскиот стационар „Лајка“, се честа појава и во главниот град.
„Постои група на адвокати кои контактираат со одредени полициски станици каде се пријавува настанот (каснувањето), дали се тоа болници или лекари кои им даваат информации дека се случила одредена несреќа или каснување итн. и врз основа на тоа ги добиваат предметите. И мене ми се случило луѓе кои лично ги познавам – странки ми се во сосема други постапки да ми се јават дека после каснување од куче или сообраќајка се појавиле луѓе кои веднаш му дале визит карта за да се отпочне судска постапка за надомест на штета“,
вели Петровски.
Петровски вели дека откако „Лајка“ и Град Скопје ќе бидат изнесени пред суд, исходот од постапките им е познат од претходно бидејќи, според него, тие се водат шаблонски. Ни презентираше документи од судења каде се гледа дека тужители доставувале речиси идентични вештачења за различни предмети.
„Симптоматично е што горе-доле вештаците ја повторуваат истата содржина. Јас не можам да кажам дека станува збор за исти каснувања, најчесто тоа се натколено, потколено итн. Меѓутоа, провејуваат едни исти наводи во однос на времетраењето, интензитетот, кај јачината на самите душевни болки, дали е тоа стравот, дали е нагрденоста или, пак, намалената општа животна активност“,
кажа Петровски
И во Скопје, како и во сите други градови, освен Штип, судските постапки се такви што не се бара доказ – дали каснувањето е од улично или од домашно куче. Па, сè паѓа на товар на градот. Лани, за каснување од куче, Скопје исплатило 405 000 евра. Поради невоедначената пракса, се обративме и до Врховниот суд – дали тие имаат некакви насоки како да се постапува во сè побројните вакви случаи, како и дали имаат воедначена пракса – да се пресудува слична или иста сума во сите судови на земјата. За разлика од општините кои велат дека се суди по шаблон, Врховен вели – секој случај е посебен.
„При определување на висината на штетата при напад или повреда од улично куче во секој предмет се цени поединечно во зависност од видот, карактерот и тежината на повредата, интензитетот и времетраењето на истата со која биле предизвикани физичките болки, душевните болки и стравот“,
велат од Врховниот суд.
Дека тврдењето на Врховен не може да се прифати како целосно точно, покажуваат бројките. На пример, исплатите во Куманово варираат од 18 666 до 215 илјади денари, во Велес од 20 до 157 илјади денари, а во Штип од 25 до 60 илјади.
Куманово 18 666 – 215 000
Велес 20 000 – 157 398
Штип 25 000 – 60 000
Сигурно штипјани не се физички и душевно поотпорни од кумановци или велешани.
(Овој прилог е подготвен од тимот на 360° со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во прилогот му припаѓаат на тимот на 360° и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на САД.)