Одлуката на општинскиот совет на Кочани, со која се забрани депонирање на отпад од околните општини, не може да ја поништи одлуката на Владата со која кочанската депонија е прогласена за регионална, признава и градоначалникот Љупчо Папазов. Не исклучува повторно да се дозволи депонирање на отпад од околните општини, но бара помош прво да се исполнат услови за такво нешто
Додека Кочани привремено го реши незадоволството на локалното население, кое пак протестираше поради честото палење и лошото управување со депонијата, сега проблем имаат Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци. Нивните депонии беа затворени и исчистени, бидејќи кочанската депонија привремено стана регионална во 2021 г., до изградбата на современата регионална депонија близу Свети Николе
Жители на Кочани три недели го блокираа регионалниот пат од Кочани кон селото Бели. Бараа затворање на кочанската депонија, која во меѓувреме стана привремена регионална депонија за ѓубрето и од околни општини.
„Се шири една реа и со комшии одиме на доктор, децата ни плукаат црно на сабајле“,
вели активистот Александар Ѓоргиев.

Протестот од денеска е во мирување бидејќи Општината делумно попушти. На депонијата ќе се носи само кочанскиот смет, сè додека не се најде фирма која ќе се грижи за безбедноста на депонијата.
Но, што ќе се случи сега со другите општини? И, уште поважно, дали е загрозен проектот за регионалната депонија, во кој веќе се вложени десетици милиони евра?

Со зелена ѕвезда на оваа карта е означена локацијата близу селото Мечкуевци, Светиниколско. Таму, за околу две години, треба да никне регионална депонија каде ќе се складира и преработува отпадот од вкупно 17 општини од Источниот и Североисточниот Регион.
Црвените и сините точки се локациите за претоварни станици. Но, до изградбата на целиот систем, актуелната кочанска депонија доби дополнителна улога од 2021 година.
Министерството за животна средина ја прогласи за привремена регионална депонија за Кочани, Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци.
Така и работеше до пред три недели, кога поради честите пожари и загадувањето, група кочанчани почнаа блокада. Во три смени низ текот на 24 часа, во шатори покрај камперски оган, храна и топла облека не дозволуваа влез на камиони за смет од околните општини – Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци.
„Ќе продолжиме да се бориме на повеќе фронтови, но децидни сме дека нема да престанеме со нашите акции, децидни сме дека градот треба да дише и оти сме тука буквално за да се спасиме самите себеси“,
вели Иван Мишев.

„Бевме на разговори, разговаравме и сè е тоа со нивниот жаргон кој ни стана узречица – ќе, ќе, ќе. На една од нивната парола пишуваше резултати сега“
вели активистот Стојан Глувчевски.
И резултатите дојдоа.
Бидејќи никој не бара збор за оваа точка, ја ставам на гласање… кој е за? (Пребројување, аплаузи) Констатирам дека оваа одлука е донесена.
Советот на Општина Кочани донесе одлука со која се забранува депонирање на смет од околните општини. Дополнително, жителите на Кочани добија и можност да бидат дел од Надзорното тело кое ќе биде активно вклучено во работењето на депонијата.
Но, може ли одлука на општината за забрана за депонирање на отпад од други општини, да биде над одлуката на министерството дека депонијата е регионална? И самиот градоначалник на Кочани вели – не.
„Во однос на валидноста на одлуката, тука треба правниците да се консултираат, управните елементи да ги анализираме, во суштина владината одлука не може и нема сила советот на Општина Кочани да ја поништува. Со оваа одлука Советот преку барањата во истата се обидува да ги реализира активностите за кои беше покрената блокадата, односно сопирањето на дотур на отпад од соседните општини. Сакам во оваа прилика да повикам да не се подлегнува на еуфорија и емоции. Да се вратиме на решавање на проблемот во рамките на системот и на институциите“,
изјави Папазов.

И пред да се забрани депонирање на отпадот од другите општини, локалната власт во Кочани презеде повеќе чекори за да ја санира депонијата – ставија камери, воведоа 24-часовно обезбедување и ја оградија локацијата.
Толку можевме сами, вели Папазов, кој не ја исклучува можноста да се депонира отпад од други општини, но под одредени услови.
“Ќе треба да се направат дополнителни работи. Во суштина се реализираа голем дел од барањата на штрајкувачите, односно на граѓаните на Општина Кочани по основ на нивните барања се реализирани. За конечно да можеме да ја спроведеме одлуката на Владата ќе ни треба поддршка во делот на третирањето на отпадот на дневна основа кој би доаѓал евентуално од соседните општини“,
кажа Папазов.
Одлуката на кочанскиот совет, вели Папазов, ќе биде доставена до засегнатите градоначалници. Но, додава тој, останува во дневна комуникација со нив до изнаоѓање заедничко решение. Останува на ставот дека единствено решение на проблемот е регионалната депонија во светиниколско Мечкуевци.
Виница е една од трите општини кои неколку години отпадот го депонирале во Кочани. Во изминатите три недели камионите од Виница не можеа да го прават тоа поради отпорот од насобраните. Сега и затоа што така одлучи кочанскиот совет.
Поради новонастанатата ситуација, улиците на градот се преплавени со комунален отпад. Петте камиони со кои располага јавното комунално претпријатие „Солидарност“, полни со ѓубре, стојат паркирани во дворот… Низ градските улици, единствените кои се доближуваат до контејнерите се уличните животни.

„Улиците на градот Виница и населените места се претворени во јавна депонија. Нема улица на која нема вреќи полни со ѓубре, нема контејнер кој не е преполн, а до нив отпад за уште три контејнери. Состојбата е катастрофална, значи во училиштата ми е страв оти таму има деца, отпадот го фрлаат тука, не дај Боже да се појави заразна болест… кој ќе биде тогаш виновен?“,
рече Игор Спасовски.
Во потрага по решенија, Општината почнала да размислува за реактивирање на градската депонија која е затворена од почетокот на март. Но, овој предлог бил дочекан на „нож“ и од мештаните и од Министерството за животна средина.
„Месното население во село Лески, каде што се наоѓа затворената депонија, уште веднаш вечерта започнаа да ни вршат притисок со јавувања, следното утро кај градоначалникот беа и кажаа дека во ниту еден случај тие нема да дозволат, покрај тоа што и Министерството не дозволува повторно да се реактивира таа депонија оти со затворањето се реши проблем кој беше стар 30-40 години“,
кажа Игор Спасовски.
Ако во Виница отпадот е лесно видлив, тоа не може да се каже за Чешиново-Облешево, уште една од општините кои привремено го одлагаа ѓубрето на кочанската депонија. Тука контејнерите се празни, иако и нивните камиони немаат пристап до кочанската депонија. Па, каде е ѓубрето од изминативе три недели и што понатаму?

Одговори се обидовме да побараме од градоначалникот Далибор Ангелов, кој првично се согласи на интервју, но потоа ги игнорираше нашите телефонски повици. Па, разговаравме само со граѓаните.
Се собира ѓубрето, да. Вчера дојдоа луѓето го собраа, каде го носат тоа не е мој проблем, важно вчера дојдоа луѓето и го собраа. Можеби треба секоја општина да си направи своја депонија, Зрновци едно време имаше и рециклажа.
Апсолутно сум солидарна со граѓаните на Кочани бидејќи во последно време оти го собираа ѓубрето од сите околни места и села имаше многу загаден воздух кој што се чувствуваше.
Тоа треба да биде настрана, оти таму е градот и тоа мириса, многу смрди. Тоа не се трпи.
А дали е задоволителна хигиената во Чешиново-Облешево, се собира сметот секојдневно или не?
Па се собира, гледам дека луѓето го носат, но каде го носат, немам поим.
Централната власт на овој проблем му пристапува решително. Велат отстапки нема да има оти се преземени обврски и средства од Европската Унија.
„Што ќе направи Кочани? Ќе ги врати средствата што досега ги земал за да го реализира овој проект? Вие кога преземате средства, преземате и обврска да исполните нешто. Граѓаните се неинформирани. И пред да го носат Зрновци и Чешиново и Облешево, тоа е многу мала количина отпад што доаѓа од овие три општини во однос на количината што ја генерира градот Кочани бидејќи е поголем град. Апсолутно се неинформирани и злоупотребени во ситуацијата граѓаните“,
кажа Каранфилова Мазневска.

Дополнително, велат од Животна средина, доколку соодветно се менаџира постоечката депонија, таа ќе функционира добро, независно од количината на отпад што се акумулира од засегнатите општини.
„Они имаат свој отпад кој постојано им гори и им пречи веројатно, и треба да им пречи. Но ние имаме обезбедено механизација, направено е простор, целата локација е покриена со земја, само еден дел е како ќелија и предвиден до изградбата на претоварната станица, да го прима овој отпад. Обезбедена е механизација да се покрива тоа и да не гори и во таа смисла нема никаква опасност, без разлика да се работи за 100 кг или 1000 кг отпад“,
рече Каранфилова Мазневска.
Тендерот за изградба на регионалната депонија кај Свети Николе треба да се распише веднаш по Нова година. Ако сè помине како што треба, се очекува градбата да трае 18 месеци.